Домашен
Работнички ќе се надигрува со Трабзон
Фудбалерите на Работнички, по Флора и Јелгава, во четврток ќе се соочат со најголемиот предизвик во Лига Европа. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија во третото квалификациско коло за противник го има турски Трабзон.
Трабзон е шесткратен шампион на Турција, во овој тим играат добро познати фудбалски имиња (Кардозо, Босингва, М’биа), кои од клупата ги предводи прославениот Грузиец Шота Аверладзе, но од таборот на Работнички не се плашат од името и квалитетот на противникот и најавуваат игра на победа.
„Ќе ни биде чест да се надигруваме со Трабзон, но не мислам ние во натпреварот да бидеме само учесници, туку ќе барам од играчите да одиграат на што е можно повисоко ниво и да се обидеме да оствариме што е можно подобар резултат. Верувајте, нема ништо да смениме во нашиот стил на игра кој го негуваме веќе две години, ќе имаме офанзивен пристап ќе играме на гол повеќе. Многумина пред вакви натпревари се служат со фразата дека на ваков меч нема што да се загуби, но јас не се согласувам со тоа и имам друга девиза дека ова е натпревар од којшто можеме многу да добиеме“, рече на прес конференцијата шефот на стручниот штаб на Работнички, Игор Ангеловски.
„Трабзон е екипа која негува офанзивен стил на игра, на последните натпревари играа во формација 4-2-3-1, но очекувам дека против нас ќе има мали измени во нивниот тим, бидејќи верувам дека Оскар Кардозо ќе игра од првата минута. Имаат многу квалитетни поединци, ќе се обидеме да ги неутрализираме нивните добри страни во играта, а да го искористиме она што го воочивме како нивна слабост.
Тренерот на ‘романтичарите’ рече дека нема што да крие од својот колега на спротивната страна, го најави истиот состав кој го започна и мечот со Јелгава. Нападот на Работнички ќе го предводи капитенот Баже Илијоски кој вети дека ќе ја затресе мрежата на Трабзон.
„Стигнавме до третото коло, сега самодовербата ни е на високо ниво. Добро знаеме со каков противник се соочуваме, но ве уверувам дека не сме исплашшени, ќе ја играме нашата игра, ќе го дадеме максимумот и искрено се надевам доколку ќи искористиме нашите шанси дека можеме да победиме“, рече Илијоски.
Натпреварот во четврток ќе се одигра на „Филип Втори“ и ќе започне во 20 часот./крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Златна недела за „Алкалоид“
РК Алкалоид викендов стана шестиот клуб во Македонија кој успеал да освои пехар од националното Куп натпреварување кое брои 32 сезони, вклучително со прекинатата ковид сезона 2019-20.
Зад Алкалоид е златна недела. Почнувајќи од 12 до 19 мај, седум дена во кои пионерите станаа државни прваци, потоа и младинците беа верификувани како шампиони, за конечно и кадетите да го подигнат шампионскиот пехар. Такво нешто во поновата историја му им успеано само на Металург, но немаше ни тие одличја да блеснат вака, ако успехот не беше комплетиран со пехар на сениорскиот тим.
Од улога на трет носител или аутсајдер во однос на двата најпознати колектива, Алкалоид потврди дека Куп е приказна во која непишаните правила важат исто колку и пишаните.
Огромна сатисфакција плус за тренерот/селектор и неколкуте репрезентативци што се градат во овој клуб е успешниот бараж на сениорската репрезентација.
Златна недела е сосема адекватен епитет за ракометниот колектив Алкалоид и уште една успешно штиклирана сезона.
Трета успешна од вкупно три, што е голем предизвик за четвртата.
Но, има и други причини да биде задоволен Алкалоид од наш агол можеби и поважни отколку погледот кон витрината сезонава.
Во Македонија (ова е личен став) има погрешно поставен систем на вредности кога се во прашање резултатите. Речиси сѐ е поставено во служба на резултатот преточен низ бројки и конечниот пласман што служи за задоволување на амбициие, желбите и вкусовите на спонзорите и на локалната јавност и посебните групи на фанови.
Најбрзиот и најефикасниот начин тоа да се постигне е вложување во готови производи во најголем дел странски играчи, надополнета со тоа што колку толку го нуди домашниот пазар.
Секој си го бира својот пат, подвлечено тоа си е клупска политика, но генерално ваквите приказни се успешни додека има пари. Повеќе пари, подобри резултати, но кога парите ќе секнат, а таа чешма кај нас знае брзо да се затвори, не останува ништо.
Примери што ќе го поткрепат ова има доволно, но тоа е тема што е многу обемна и заслужува поголем простор само за себе.
Алкалоид има и повеќе причини да биде задоволен, не само поради шампионските пехари во младинските категории и пехарот во Куп на Македонија.
За само три години овој колектив покажа дека работи по поинаква матрица од споменатиот систем на вредности и во моментов е еден од најдобро организираните ракометни колективи, иако има најмало искуство и логично т.н. детски болести што едноставно мора да се прележат. Но, логистички во сите сфери, Алкалоид е на ниво на европски клуб.
Во прилог е клупската стратегија, определба и решителност да се докаже дека резултати со бројки можат да се постигнат и со домашни ракометари, ако им се даде вистинска шанса, се работи квалитетно и истрајно.
Инвестирање во организација и работа со млади категории, селекцијата и условите уште во првата сезона донесоа пехар, а во третата комплетна доминација.
Може да биде задоволен што ги извади за кратко време на ниво да бидат забележани и од странство играчи како Марко Митев, зад него е Дамјан Митев, новата ѕвезда Иван Галевски итн. Но, ќе чуете многу повеќе уште летово и за браќата Узунчеви, потоа онаа многу добра кадетска екипа со уште еден голман со огромен потенцијал како Ѓорги Николовски, потоа бековите Христијан Гурмешевиќ, Марин Крстевски итн.
Во Македонија системот на вредности, сепак, најмногу се гледа низ резултатите како бројки, а достигнувањата на Алкалоид во организацискиот дел, младите категории итн. немаше да бидат вистински вреднувани доколку во клубот не стигнеше пехар во сениорска конкуренција. За да се заработи респект, треба да се победи и да се освои пехар.
Со победите над Вардар и Е. Пелистер во Куп на Македонија го мина и тоа ниво од играта.
Сега, со нескриена љубопитност и нетрпение чекаме да видиме каков ќе биде нивниот следен чекор. Многу работи зависат од тоа како ќе изгледа следното ниво, не само за клубот, туку и за репрезентацијата и генерално и за целиот ракомет во Македонија.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.