Домашен
Тројца дебитанти и неколку повратници на списокот на Друловиќ
Новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Љубинко Друловиќ, го соопшти списокот на играчи на кои смета за квалификацискиот натпревар со Словачка.
За разлика од претходните натпревари, Друловиќ, реши во националниот тим да ги врати Алиоски, Стјепановиќ, Мојсов, Муарем, Ивановски, Спировски, Димитровски… Деби повик во репрезентацијата добија Леонард Жута од шведскиот тим Хакен и голамните Столе Димитриевски и Филип Гачевски. Овие двајца ќе бидат алтернатива за капитенот на репрезентацијата Томе Пачовски.
„Мислам дека Пачовски е еден искусен голман кој одлично брани во Вардар. Гачевски со своите одбрани во пролетниот дел, кога и го сруши рекордот во македонското првенство, заслужи повик во репрезентацијата. Димитриевски е во Гранада, тој е млад и перспективен голман, кој може да созрева покрај Пачовски. Тоа е многу важно Гачевски и Димитриевски се иднината на македонскиот фудбал. Ќе треба Пачовски своето искуство да им го пренесе на младите“, рече селекторот Друловиќ во четвртокот на прес конференцијата.
„Секав да ги видам на дело Алиовски и Жута, тие се млади момци, Жута игра во силно првенство и е стандарден во својот клуб. Секако, се работи за двајца млади играчи кои, според мене, имаат квалитет да играат во македонската репрезентација. Сепак, какви се, ќе видиме низ тренинзите, иако и Ристевски може да игра и на позицијата лев бек и како стопер, така што ќе имаме повеќе решенија за дефанзивата. Муарем Муарем игра во еден од најдобрите тимови во Азербејџан, може да биде одлично решение во фазата на нападот, може да игра лево и во средината. Повеќето од играчите кои ги повикав се генерациски блиски, значи 24- 25 години. Доколку со игрите и однесувањето ги задоволат критериумите мислам дека во наредниот период ќе можат да го сочинуваат костурот на тимот“.
Селекторот проговори и за ситуацијата со Пандев и Попов за кои на своето преставување во Скопје најави дека ќе разговара со нив и ќе се обиде да ги убеди да се вратат во репрезентацијата.
„Разговарав со Пандев, тој ми кажа дека во овој момент не е ниту физички, ниту психички подготвен да одговори на барањата на репрезентацијата. Тој имаше лоша сезона во Галатасарај и јас се надевам дека сега кога се врати во Италија со едни квалитетни подоготовки ќе ја врати старата форма и се надевам дека од септември ќе го имам во репрезентација, бидејќи неговото присуство многу му значи на тимот. Што се однесува до Попов на таа позиција се решивме да повикаме млади играчи, кои имаат иднина. Моја идеја е да пробам со помлади играчи“, рече Друловиќ.
За мечот со лидерот во групата Словачка, Друловиќ рече дека Македонија во Жилина ќе се обиде да одигра најдобро што може и да го изненди фаворитот. Најави дека низ тренинзите ќе се обиде да ја поправа хроничната неефикасност.
„Според мое мислење ова се играчи кои со своите игри и форма заслужија да се најдат на овој список. Ќе се обидеме на најдобар начин да и се спротивставиме на Словачка која е најдобра во групата. Се надевам дека со квалитетни подготвки дека ќе ја прекинеме нашата серија на лоши резултати. Моја идеја е да направам добра база, да направам тим кој нема многу да се ’шири’, како што тоа беше во минатото. Мислам дека е важно репрезентацијата да има своја база, а исто така е важно играчите да играат во своите клубови, да бидат добри професионалци и да бидат силни карактери“.
Првиот собир репрезентативците ќе го имаат на 5.јуни, а мечот со Словачка ќе се одигра на 14.јуни во Жилина.
Списокот на Друловиќ за мечот со Словачка:
Голмани: Томе Пачовски (Вардар), Филип Гачевски (Брегалница), Столе Димитриевски (Гранада 2)
Одбрана: Ванче Шиков (Австрија Виена), Владимир Димитровски (Керкира), Даниел Мојсов (Лирс), Александар Тодоровски (Заглебие), Кире Ристевски (Тирана), Стефан Ристовски (Латина), Езџан Алиоски (Шафхаузен), Жута Леонард (Хакен)
Среден ред: Аријан Адеми (Динамо Загреб), Стефан Спировски (Вардар), Остоја Степјановиќ (Висла Краков), Душко Трајчевски (Работнички), Александар Трајковски (Зулте Варегем), Бесарт Абдурахими (Локерен), Ферхан Хасани (Брондби), Муарем Муарем (Карабах), Агим Ибраими (Марибор)
Напад: Мирко Ивановски (Видеотон), Крсте Велкоски (Сараево), Јован Костовски (Леувен). крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.