Спорт
Фабрегас: Заминав од Арсенал бидејќи само Ван Перси и Насри беа на моето ниво
Сеск Фабрегас вели дека вистинската причина за неговото заминување од Арсенал во 2011 година било поради слабото ниво на „топчиите“, каде што само Робин ван Перси и Самир Насри биле на негово ниво признавајќи дека плачел по поразите.
Арсен Венгер успеа да го донесе Фабрегас како млад фудбалер од славната академија на Барселона „Ла Масија“ во 2003 година и тој стана најмладиот фудбалер кој стартувал за тимот еден месец по пристигнувањето во северен Лондон. Тој одигра 303 натпревари за Арсенал покажувајќи фантастичен квалтитет за додавање, остра страст и борбен стил на игра.
Меѓутоа, со Арсенал тој успеа да стигне само до една ФА куп-титула во деветте години пред во 2011 да се врати во Барселона, а подоцна да се врати во Премиер лигата со Челси, а пред сега да го заработува фудбалскиот леб во Монако.
„Јас бев капитен и секогаш чувствував голем притисок. Го водев овој тим да победуваме и го дадов максимумот. Понекогаш, по поразите, одев дома и плачев. Страдав за тимот. Ова траеше неколку години. Игравме убав фудбал и тоа беше одлично, но последните две-три години сметав дека Робин и Самир беа единствените фудбалери што се на моето ментално и техничко ниво, колку и да е арогантно да се мисли така. Бев ментално исцрпен, физички знаев дека дадов сè, но клубот не донесе нови засилувања и однесувањето на некои играчи ме натераа да ја побарам иднината на друго место“, вели Фабрегас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
УЕФА го суспендира Емилијано Мартинез
Голманот на Астон Вила, Емилијано Мартинез, поради суспензија ќе го пропушти првиот полуфинален натпревар од Конференциската лига против Олимпијакос, потврди Европската фудбалска унија (УЕФА).
Мартинез, во четвртокот, во реваншот од четвртфиналето против Лил доби жолт картон во 39. минута, а втор жолт картон при изведувањето на пенали поради неспортско однесување кон домашните навивачи.
Аргентинскиот голман не беше исклучен, бидејќи жолтите картони во текот на натпреварот не важат во пенал серијата.
Сепак светскиот првак со Аргентина доби суспензија. УЕФА го казни Мартинез бидејќи во пенал-серијата константно ја провоцираше домашната публика.
Астон Вила по изведувањето пенали го победи Лил со 4:3, а Мартинез одбрани два пенали, во првата и петтата серија им одбрани на Бенталеб и Андре.
Првиот натпревар од полуфиналето на Конференциската лига меѓу Астон Вила и Олимпијакос ќе се одигра на 2 мај во Бирмингем, а реваншот седум дена подоцна во Грција.
Спорт
Барселона сака да го врати Олмо
Дани Олмо, веројатно ќе го напушти Лајпциг во летниот преоден рок. Шпанскиот репрезентативец има откупна клаузула од 60.000.000 евра, сума која за богатите клубови не претставува никаков проблем.
Меѓу заинтересираните екипи се Манчестер јунајтед, Баерн и Барселона, од чија младинска школа потекнува Олмо.
Шпанецот оваа сезона одигра 22 натпревари за Лајпциг, постигна осум гола и забележа пет асистенции.
Како јуниор од Барселона премина во Динамо Загреб, како дел од трансферот на Ален Халиловиќ, а потоа за 29 милиони евра се пресели во Лајпциг.
Спорт
Ферстапен на пол-позицијата во Кина, Хамилтон ќе стартува од 18.место
Макс Ферстапен по победата во спринтот, доминираше и во квалификациите во пресрет на трката за Големата награда на Кина. Апсолутната доминација на Ред Бул ја потврди Серхио Перез кој трката ќе ја стартува од второто место.
Актуелниот светски првак со време 1:33.660 ја освои 37 пол-позиција во кариерата, а на Ред Бул му ја донесе јубилејната 100. победа во квалификациите.
Зад возачите на Ред Бул, од вториот ред трката ќе ја започнат Фернандо Алонсо (Астон Мартин и Ландо Норис (Мекларен).
Во Топ 10 место изборија Оскар Пјастри (Мекларен), двоецот од Ферари, Шарл Леклер и Карлос Саинц, односно Џорџ Расел (Мерцедес), Нико Хулкенберг (Хас) и Валтери Ботас (Заубер).
Во квалификациите потфрли Луис Хамилтон. Седумкратниот светски првак, откако спринт трката ја заврши на второто место, во квалификациите заврши на 18.место.
Траката за Големата награда на Кина, утре ќе започне во 9 часот по македонско време.