Спорт
Продолжува потрагата по киднапираниот татко на Луис Дијаз
Напаѓачот на Ливерпул, Луис Дијаз ги минува најтешките денови од својот живот. Пред четири дена вооружени мажи ги киднапираа родителите на колумбискиот репрезентативец, мајката во меѓувреме е ослободена, но неговиот татко се уште се води за исчезнат.
Родителите на Дијаз биле киднапирани во колумбискиот град Баранкас, а тој за тоа бил информиран во саботата, во хотелот каде тимот на Ливерпул го чекал неделниот натпревар со Нотингем Форест. Со оглед на новонастанатата ситуација, тој не конкурираше за место во тимот.
Во Колумбија започна масовна потрага по Луис Мануел Дијаз. Повеќе од 130 полицајци и војници, вклучително и командоси обучени за операции во џунглата, го бараат во пограничната област меѓу Колумбија и Венецуела.
Три хеликоптери и воен авион ги надлетуваат планините Серанија дел Периа, а порталот „Семана“, објави дека полицијата не ја исклучила можноста таткото на фудбалерот на Ливерпул веќе да е во Венецуела.
Полициски претставници рекоа дека потрагата по таткото на Дијаз достигна точка на „стагнација“ со властите кои ги чекаат барањата на киднаперите.
Луис Мануел Дијаз и неговата сопруга Чиленис Маруланда биле киднапирани од четворица вооружени мажи додека купувале лубеници.
Тие, наводно, по пат го оставиле украдениот автомобил на семејството Дијаз и бегството го продолжиле со три мотоцикли, од кои два украле од цивили. На крајот г-ѓа Дијаз била пуштена, а со нејзиниот сопруг киднаперите заминале во непознат правец.
Фудбалската федерација на Колумбија побара од киднаперите веднаш и безусловно да го ослободат таткото на Дијаз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Цимикас се враќа дома
Грчкиот репрезентативец, Костас Цимикас, кој зад себе има лоша полусезона во Рома, би можел да се врати во Олимпијакос по пет и пол години. Клубот од Пиреја прави сè за да се договори со Ливерпул, објави „Газета дело Спорт“.
По доаѓањето на Милош Керкез, во летниот преоден рок, Цимикас стана вишок во Ливерпул и клубот реши да го позајми во Рома. Гркот не успеа да се вклопи во системот на Џанпјеро Гасперини, поради што „волчицата“ ја прекина соработката со левот бек по само шест месеци.
Бидејќи за него нема место ниту во Ливерпул, тој ќе мора да бара нов клуб.
Олимпијакос веќе долго време има проблем токму на позицијата на која игра Цимикас и во клубот се надеваат дека токму тој би можел да им донесе стабилност на црвено-белите во овој дел од теренот.
Цимикас има договор со Ливерпул до летото следната година. Без оглед на тоа што деталите од евентуалниот договор не беа презентирани, сосема е сигурно дека Олимпијакос би побарал позајмица до крајот на сезоната со право на откуп на договорот.
Искусниот грчки фудбалер одигра само 14 натпревари за Рома оваа сезона.
Foto/
Спорт
Малиот Чоло го продолжи договорот со Атлетико
Џулијано Симеоне нема намера да го напушти Атлетико Мадрид. Со одличната форма си обезбеди нов договор со клубот од „Метрополитано“.
Малкумина веруваа дека по позајмувањата во Сарагоса и Алавес, конечно ќе добие вистинска шанса кај својот татко во Атлетико Мадрид, но кога ја доби Џулијано ја искористи максимално.
Според информациите, Симеоне ќе потпише договор до летото 2030 година, со значително зголемување на платата, додека неговата откупна клаузула ќе изнесува 500.000.000 евра.
Тековниот договор на Симеоне имаше важност до летото 2028 година, што значи дека тој ја продолжи договорот за дополнителни две сезони.
Тој одигра 78 натпревари за првиот тим на Атлетико Мадрид, постигна осум гола и забележа 16 асистенции.
Во меѓувреме, тој успеа да се наметне кај селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, а за „гаучосите“ одигра девет натпревари и постигна еден гол.
Foto/ depositphotos
Спорт
Роналдо во 2025 година заработил двојно повеќе од Меси
Кристијано Роналдо повторно е на врвот на годишната листа на „Спортико“ на најплатени спортисти. Португалецот заработил двојно повеќе од неговиот долгогодишен ривал Лионел Меси во текот на 2025 година. Напаѓачот Ал-Наср остварил приход од 260 милиони долари, а на листата на 100-те најплатени играчи има вкупно 13 фудбалери.
Роналдо, трета година по ред е на врвот на листата на „Спортико“, Неговиот договор со клубот од Саудиската професионална лига наводно му носи 200 милиони долари годишно, плус 60 милиони долари од други деловни потфати. Португалецот заработувал најмалку 100 милиони долари девет години по ред, а ова е трет пат неговата заработка да надмине 200 милиони долари.
Неговиот успех надвор од теренот се темели и на рекордниот број следбеници на социјалните мрежи, кој вкупно надминува една милијарда, и на профитабилни спонзорски партнерства со компании како што се „Најки“, „Хербалајф“, „Бинанс“, „Перплексити“, „Јили“ и „Терабоди“.
Лионел Меси е на третото место на листата со заработка од 130 милиони долари во 2025 година, што е половина од сумата на Роналдо. Аргентинската ѕвезда потпиша нов договор со Интер Мајами до 2028 година.
Во меѓувреме, Роналдо работи и на продолжување на договорот со Ал-Наср до летото 2027 година, а се споменува дека двајцата би можеле да играат на Светското првенство, кое оваа година се одржува во САД, Канада и Мексико.
Меѓу двајцата фудбалери се наоѓа мексиканскиот боксер Канело Алварез, благодарение на профитабилниот договор со саудиските промотори.
Бразилецот Нејмар, кој се споменува и како можен учесник на Светското првенство, падна на 30-то место на листата. Откако го раскина договорот со Ал-Хилал, тој се врати во својот матичен клуб Сантос на почетокот на 2025 година. Поради значително пониските заработки во Јужна Америка, неговата заработка се намали за речиси 50 милиони долари во споредба со претходната година.
Вкупната заработка на 100-те најплатени спортисти е 6,05 милијарди долари, што е намалување од 2,1% во споредба со минатата година. Прагот за влез на машката листа беше 37,9 милиони долари, додека најплатена спортистка е тенисерката Коко Гоф со заработка од 37,5 милиони долари.
Најзастапен спорт е кошарката, со 40 играчи од НБА на листата. Тие се предводени од Леброн Џејмс, кој беше најплатен кошаркар во 12 од последните 13 сезони. Следи американскиот фудбал со 22 играчи од НФЛ, меѓу кои Патрик Махоумс заработува најмногу.
Фудбалот има 13 претставници меѓу првите 100, од кои пет се во првите 20. Карим Бензема, кој исто така игра во Саудиската професионална лига, е на шестото место, Килијан Мбапе е надвор од првите десет, а Ерлинг Халанд е на 18-то место.
Овде можете да ја видите целата листа на „Спротико“.
Foto/ depositphotos

