Спорт
Шок во северен Лондон – Тотенхем го отпуштија Почетино!
Тотенхем потврдија дека го отпуштиле нивниот најуспешен тренер во историјата, Маурисио Почетино во шокантна вест по слабиот старт на сезоната.
47-годишниот Аргентинец дојде на чело на лондонскиот клуб во 2014 година и под него тимот се крена во Премиер лигата и стана редовен учесник во Лигата на шампионите, каде што минатата сезона загубија во финалето од Ливерпул.
Меѓутоа, новата сезона беше тешка за клубот со ограничени трансфери поради изградбата на новиот стадион и клубот во моментов е само 14. во Премиер лигата.
„Клубот потврдува дека Маурисио Почетино и неговитот тренерски тим, Хесус Перез, Мигуел Д’Агостино и Антони Хименез се ослободени од своите должности“, се вели во соопштението на клубот.
Почетино во последно време не го криеше разочарувањето од недостатокот на средства за трансфери, а постоеја и шпекулации дека е во конфликт со претседателот на клубот, Даниел Леви.
„Со жалење ја правиме оваа одлука, но таа не направена бргу, ниту без долго размислување. За жал, домашните резултати на крајот на минатата сезона и на почетокот на новата беа екстремно разочарувачки. Маурисио секогаш ќе биде дел од нашата историја и јас имам лично големо почитување на начинот на кој тој работеше во тешки периоди за нас. Тие секогаш ќе бидат добредојдени тука“, изјави Леви.
Club statement
— Tottenham Hotspur (@SpursOfficial) November 19, 2019
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Сколс: Арсенал би бил најлошиот шампион во историјата на Премиер лигата
Легендата на Манчестер Јунајтед, Пол Сколс, изјави дека Арсенал ќе биде „најлошиот тим што ја освоил лигата“, доколку го кренат трофејот наменет за шампионот во Премиер лигата оваа сезона.
„Топџиите“ се уште имаат четири бода предност на врвот на табелата, но нивното водство беше намалено минатиот викенд по поразот од Манчестер Јунајтед, додека нивните најблиски ривали, Манчестер Сити и Астон Вила, забележаа победи.
Ова значи дека тимот на Микел Артета освои само два од можни девет бода во последните три натпревари.
Арсенал се бори за својата прва титула во лигата од 2004 година откако беа многу блиску во последните две сезони, но Сколс не е импресиониран од она што го гледа од „топџиите“.
„Ако Арсенал ја освои лигата, тие би можеле да бидат најлошиот тим што некогаш ја освоил лигата. Ако треба да го изберете тимот на сезоната и да ставите четворка во нападот, никој од Арсенал нема да влезе“, изјави Сколс за подкастот „Добриот, лошиот и фудбалот“.
„Погледнете ги претходните шампиони – напаѓачите на Ливерпул беа брилијантни. Можеби единствениот кандидат овде е Сака, и не мислам дека ниту тој беше брилијантен. Тој не постигна многу голови оваа година, ниту имаше многу асистенции.“
Проблемите на Арсенал во нападот станаа особено изразени во последно време. Иако постигнаа 42 гола во лигата оваа сезона, нивните напаѓачи поединечно имаат проблеми со формата.
Според „Скај Спортс“, Букајо Сака не постигнал гол во последните 13 натпревари во сите натпреварувања, Виктор Ѓокереш не постигнал гол од игра во последните 11 лигашки натпревари, а Габриел Мартинели исто така нема постигнато гол во последните 13 лигашки натпревари.
Понатаму, Нони Мадуеке е без гол во последните 25 настапи во Премиер лигата, додека Леандро Тросард постигнал еден во последните 11 натпревари во сите натпреварувања.
Од друга страна, Арсенал стана познат по својата опасност од прекини, од кои постигнаа дури 26 гола оваа сезона, најмногу во петте најсилни европски лиги. Но, тоа доведе до критики, а крилниот напаѓач на Јунајтед, Амад Дијало, изјави за време на викендот дека корнерите се „единствената надеж“ на Арсенал.
Мислењето на Сколс го дели и Џејми Карагер. „Кога некогаш сте виделе тим на врвот на табелата, кој имал шест или седум бода пред конкурентите, а при изборот на најдобриот тим од Премиер лигата, не би вклучиле ниту еден од нивните играчи во напаѓачката четворка?“, праша Карагер за „Скај Спортс“.
„Тоа не е нормално, такво нешто никогаш не се случило. Најдобриот тим во лигата секогаш би имал барем еден, можеби двајца напаѓачи во тимот на сезоната. Арсенал го нема тоа во моментов, а причината е што немаат вистинска суперѕвезда во врвот на нападот.“
Foto/ depositphotos
Спорт
Синер против Ѓоковиќ во полуфиналето на АО
Јаник Синер ќе игра против Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Австралија Опен.
Италијанскиот тенисер го победи Американецот Бен Шелтон со 3-0 во последното четвртфинале.
По речиси два ипол часа игра, бранителот на титулата, славеше со 6:3, 6:4, 6:4. Синер славеше рутински, сериозен отпор противникот пружи само во третиот сет.
Јаник Синер ќе игра против Новак Ѓоковиќ во полуфиналето, втората полуфинална двојка ја формираа Карлос Алкараз и Александар Зверев.
Foto/ depositphotos.
Спорт
Саудијците по секоја цена го сакаат Усман Дембеле
Ѕвездата на Пари Сен Жермен и освојувач на Златната топка, Усман Дембеле, стана цел на клубовите од Саудиска Арабија пред летниот преоден рок. Потенцијалниот трансфер веќе се најавува како „најголемиот договор во саудиската лига од доаѓањето на Кристијано Роналдо“.
Договорот на Дембеле со ПСЖ важи до 2028 година, но високи функционери во саудиската професионална лига наводно веќе подготвуваат исклучително профитабилна понуда за да го привлечат на Блискиот Исток.
Саудиската професионална лига веќе привлече голем број големи имиња како што се Роналдо, Карим Бензема, Нејмар и Садио Мане, а Дембеле е најновата голема ѕвезда на нивната листа на желби.
Според „Скај Спортс“, првите контакти веќе се направени во врска со можен летен трансфер. Сепак, францускиот репрезентативец наводно е целосно фокусиран на тековната сезона со ПСЖ, по што ќе се посвети на Светското првенство. Тој призна дека неговата цел е да ја освои титулата во Северна Америка.
Новинарот на „Скај Спортс“, Кавех Солхекол, ги коментираше шпекулациите за трансферот.
„Дали би можел да се случи овој трансфер? Мислам дека е малку веројатно, но фудбалскиот пејзаж во Саудиска Арабија се менува. Долго време, клубовите беа финансирани и контролирани од државата, а потоа најголемите клубови беа во сопственост на Државниот инвестициски фонд. Сега тие се отвораат за приватни инвестиции.
Затоа, повеќе не е само прашање на државни пари, туку и на приватни инвеститори кои ќе се обидат да доведат играчи со свои средства. Можно е да се обидат да го доведат, но останува да се види дали ќе сака да оди во Саудиска Арабија сега кога е на врвот на својата кариера“, додаде тој.
Иднината на Дембеле веќе беше предмет на медиумско внимание оваа сезона, поради шпекулациите дека францускиот репрезентативец бара значително зголемување на платата по освојувањето на Златната топка.
Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, ги отфрли пишувањата дека Дембеле одбил нов договор, додека претседателот Насер Ал Келаифи предупреди дека играчите мора да се вклопат во структурата на плати на клубот.
Foto/ depositphotos

