Спорт
Шпанска срамота за Германија, Хрватска загуби од Португалија во 91. минута!
Тоа што требаше да биде директна пресметка на два фудбалски гиганти за место на финалниот турнир на Лигата на нации на УЕФА, на крајот се претвори во катастрофален пораз за германската репрезентација, каков што не паметат од далечната 1954 година.
Германија, светскиот шампион од 2014 година, успеа да загуби со 6:0 од Шпанија во Севилја, откако „фуријата“ предводена од хет-трикот на Феран Торес им го нанесе најлошиот пораз на Германците од 1954 година, кога загубија од тогаш моќната Унгарија со 8:3.
Дека работите не одат на добро за тимот на Јоаким Лев се виде уште во првото полувреме, кога Алваро Мората (17. минута), Торес (33. минута) и Родри (38. минута) донесоа неочекувани 3:0 предност. Во второто полувреме, Торес (55. и 77. минута) го комплетираше хет-трикот, пред Микел Ојарзабал во 89. минута да ја комплетира неверојатната ноќ во Андалузија.
Хрватска, пак, на „Пољуд“ со неверојатна грешка во 90-тата минута загуби со 2:3 од Португалија, резултат кој сепак, беше доволен да го обезбеди опстанокот во Лига А, откако Французите им направија „услуга“ и со 4:2 ја победија Шведска. Матео Ковачиќ во 29. минута донесе водство за Хрватска, но во второто тие останаа со играч помалку по црвениот картон за Рог, а Португалија направи пресврт со головите на Рубен Дијаш и Жоао Феликс, пред повторно Ковачиќ да ги спаси во 65. минута. Меѓутоа во 91. минута, Ливаковиќ направи катастрофална грешка, а Дијаш ги казни „коцкестите“.
Црна Гора пак, влезе во Лига Б, откако дома лесно со 4:0 го совлада Кипар, додека Луксембург одигра 0:0 со Азербејџан.
УЕФА ЛИГА НА НАЦИИ
ЛИГА А, ГРУПА 4
Шпанија – Германија 6:0
Швајцарија – Украина, одложено
Табела: 1.Шпанија 11, 2.Германија 9, 3.Украина 6, 4.Швајцарија 3
ЛИГА А, ГРУПА 3
Франција – Шведска 4:2
Хрватска – Португалија 2:3
Табела: 1.Франција 16, 2.Португалија 13, 3.Хрватска 3, 4.Шведска 3
ЛИГА Ц, ГРУПА 1
Црна Гора – Кипар 4:0
Луксембург – Азербејџан 0:0
Табела: 1.Црна Гора 13, 2.Луксембург 10, 3.Азербејџан 6, 4.Кипар 4
ЛИГА Д, ГРУПА 1
Андора – Летонија 0:5
Малта – Фарски Острови 1:1
Табела: 1.Фарски Острови 12, 2.Малта 9, 3.Летонија 7, 4.Андора 2
ЛИГА Д, ГРУПА 2
Гибралтар – Лихтенштајн 1:1
Табела: 1.Гибралтар 8, 2.Лихтенштајн 5, 3.Сан Марино 2
ШПАНИЈА – ГЕРМАНИЈА
ХРВАТСКА – ПОРТУГАЛИЈА
ФРАНЦИЈА – ШВЕДСКА
ЦРНА ГОРА – КИПАР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Ливерпул замената за Клоп ја најде во Лисабон
Откако Јирген Клоп јавно објави дека на крајот од сезоната ќе ја напушти клупата на Ливерпул и ќе замине на долг одмор, фудбалска јавност шпекулира кој ќе биде новиот тренер на „црвените“.
Како очигледен избор се истакна поранешниот играч на Ливерпул, Чаби Алонсо (42). Неговиот Баер Леверкузен игра неверојатно добар фудбал оваа сезона. Статистиката на германскиот тим е 38 натпревари без пораз во сите натпреварувања, со 109 постигнати голови.
Извесно е дека Чаби Алонсо ќе им ја донесе на „фармацевтите“ првата шампионска титула во клупската историја, со која ќе ја прекинат единаесетгодишната доминација на Баерн.
Сепак, од релевантни извори во Германија доаѓаат информации дека Алонсо ова лето нема да го напушти Леверкузен, а доколку реши да замине од Баер, ќе остане во Германија и ќе се се пресели во Минхен.
„Скај Спортс“, пишува дека Ливерпул покажал сериозен интерес за Португалецот Рубен Аморим (39), тренер кој четири години е на клупата на Спортинг, а претходно беше тренер на Брага. Тој користи систем со три стопери исто како и Алонсо, а неговиот напаѓачки стил на игра му донесе титула на Спортинг во првата сезона на Аморим.
Спорт
УЕФА ќе го разгледа предлогот секој тим да има по 26 фудбалери на ЕП
Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе разговара за можноста за проширување на бројот на играчи за претстојното ЕП 2024 во Германија на состанок следниот месец.
Според актуелните правила, секоја репрезентација може да има по 23 пријавени фудбалери на ЕП. Српскиот селектор, Драган Стојковиќ Пикси, предложи, секоја селектор да може да пријави 26 играчи. Овој предлог доби поддршка од селекторите на 24 репрезентации кои ќе учествуваат на континеталниот шампионат.
„Добивме неколку пораки од селекторите на репрезентациите во врска со бројот на играчи ЕП 2024. Работната група на УЕФА и претставниците на репрезентациите учесници ќе ги разгледаат предлозите на селекторите на 8 април и ќе ги проучиме сите можни решенија и идеи“, најавија од УЕФА.
На последното ЕП во 2021 година, поради епидемијата на коронавирус, секоја репрезентација имаше 26 фудбалери.
Спорт
Колку заработи Иванишевиќ од соработката со Ѓоковиќ?
Прекинот на соработката меѓу Новак Ѓоковиќ и Горан Иванишевиќ е топ тема кај регионалната спортска јавност.
Ниту една страна не ги откри точните причини за разделбата, освен што Ѓоковиќ изјави дека „достигнале точка на заситеност“.
Ѓоковиќ најверојатно пукна по лошиот почеток на сезоната во која се уште нема освоено трофеј, пред најважните турнири во годината, додека Хрватите пишуваат дека, без разлика на се, Иванишевиќ добро заработил од оваа соработка.
Соработката на ова дуо траеше речиси шест години, во кои Ѓоковиќ освои 12 грен слем титули.
Наводно, Ѓоковиќ му плаќал на Иванишевиќ од 6.000 до 10.000 евра неделно, односно легендарниот Хрват добивал 10 отсто премија од заработката на српскиот тенисер на турнирите.
Иванишевиќ заработил повеќе од 300.000 евра само од плата минатата година.
Ако ја земеме таа бројка како просечна заработка на Иванишевиќ за време на соработката со Ѓоковиќ и процентот од освоените турнири, Иванишевиќ во последните шест години како тренер на најдобриот тенисер во светот заработил помеѓу два и четири милиони евра.
Инаку, Иванишевиќ во кариерата како активен играч заработи околу 16 милиони евра. Кариерата во која освои еден грен слем (Вимблдон), Иванишевиќ ја заврши во 2011 година.