Спорт
Солскјер: За тоа што Јунајтед не добива пенали виновен е Клоп!
Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, смета дека коментарите на ривалот од Ливерпул, Јирген Клоп, се причина зошто неговиот тим добива помалку пенали оваа сезона.
Клоп минатата сезона тврдеше дека „ѓаволите“ добиваат повеќе пенали во споредба со другите клубови и сега Солскјер, иако не го именуваше Клоп, јасно беше дека мисли на него на прес-конференцијата пред дуелот со Астон вила. Норвешкиот менаџер смета дека неговиот тим требало да добие два пенала при 2:1 победата над Вест хем во Премиер лигата и уште еден при поразот во Карабао-купот во средата од истиот тим.
„Се надеваме дека ќе го добиеме тоа што го заслужуваме. Требаше да имаме три пенали во последните два меча. Имаше одреден менаџер, кој минатата година беше загрижен за тоа што добиваме пенали и потоа одлуките како да се потешки за давање. Има голема разлика оттогаш. На крајот, ќе го оставиме тоа на судиите и се надевам дека набргу ќе почнат да ги носат вистинските одлуки“, вели Солскјер.
Ова не е првпат Солскјер да тврди дека Клоп со своите коментари влијае на судиите.
„Слушнав дека сега Манчестер јунајтед има повеќе пенали во две години отколку што ние имаме во пет и пол години. Не знам како тоа може да се случи“, изјави во јануари Клоп по поразот од Саутемптон.
Од тој коментар Јунајтед добил седум пенали во сите натпреварувања, а Ливерпул три. Оваа сезона Јунајтед нема добиено пенал, а Ливерпул има два – еден во Премиер лигата и еден во ЛШ. Од преземањето на Солскјер на Јунајтед во декември 2018, „ѓаволите“ имаат 49 добиени пенали, а Ливерпул само 22.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Атлетико и ништо друго – Коке ќе потпише нов договор
Хорхе Ресуресион Меродио, во светот на фудбалот познат како Коке, ќе потпише нов договор со Атлетико Мадрид. Коке е продукт на фудбалската акедемија на „јорганџиите“, а за првиот тим настапува од 2011 година. Ова е само уште еден доказ за љубовта на 32-годишникот кон клубот, што во денешниот фудбал е вистинска реткост.
Атлетико и Коке ќе ја искористат репрезентативната пауза за да потпишат нов договор. Допарва ќе решат дали Коке ќе потпише на една или две сезони. Желбата на фудбалерот е да добие нов двегодишен договор.
Коке е апсолутен рекордер според бројот на одигран натпревари за Атлетико. Досега во кариерата дресот на „јорганџиите“ го носел на 625 натпревари. За Шпанија има одиграно 70 натпревари.
Спорт
Ненадејно почина момчето на Арина Сабаленка
Константин Колцов, поранешен белоруски хокеар, ненадејно почина на 43-годишна возраст. Колцов поранешен играч на НХЛ, а последните две и пол години беше во врска со Арина Сабаленко. Колцов бил пронајден мртов во Мајами. Тој ја придружувал својата девојка на американската турнеја.
„Со длабоко жалење ве известуваме дека почина тренерот на Салават Јулаев, Константин Колцов. Тој беше силна и весела личност, сакана и почитувана од играчите, соиграчите и навивачите“, соопшти Салават Јулаев, клубот во кој работеше како тренер.
Сабаленка е втората тенисерка во светот. Колцов ја бодреше од трибините во јануари кога таа ја одбрани титулата на Австралија опен.
Сабаленка последниот меч го одигра пред шест дена во Индијан Велс, кога беше поразена од Американката Ема Наваро. Оваа недела таа треба да настапи на Мастерсот во Мајами, но сигурно е дека ќе се повлече од турнирот.
Спорт
(Видео) Лејкерси ја декласираа Атланта
Лос Анџелес Лејкерси изминатата ноќ ја декласираа Атланта со 136:105. „Езерциите“ до победата ги предводеа Леброн Џејмс и ДиАнџело Расел кои заедно имаа 52 поени, 20 асистенции и 11 скокови.
Лејкерси од стартот ја презедоа контролата, играа добро во одбраната, водеа на полувреме со 14 поени, а во вториот дел го декласираа противникот.
Во редовите на Лејкерси, ДеАнџело Расел постигна 27 поени со четири скока и десет асистенции, Леброн Џејмс додаде 25 со седум скока и десет асистенции.
Ентони Дејвис мечот го заврши со 22 поени со 15 скока и шест асистенции, додека Руи Хачимура додаде 17 поени.
Кај Хокс, кои играа без најдобриот играч Тре Јанг, Џејлен Џонсон беше најефикасен со 25 поени со девет скока и четири асистенции. Српскиот репрезентативец Богдан Богдановиќ постигна 17 поени, Дежонте Мареј додаде 13, а Вит Крејчи 11 поени, исто колку и Ониека Оконгву.
Резултати:
Индијана – Кливленд 103:108
/Сиакам 19 – Ален и Леверт по 23/
Бостон – Детроит 119:94
/Браун 31 – Ајви 21/
Филаделфија – Мајами 98:91
/Макси 30 – Адебајо и Розир по 20/
Чикаго – Портланд 110:107
/Дерозан 28 – Симонс 30/
Јута – Минесота 104:114
/Секстон 24 – Едвардс 32/
Голден Стејт – Њујорк 112:119
/Кари 27 – Бренсон 34/
Сакраменто – Мемфис 121:111 п
/Монк 28, Џексон 25/