Спорт
Спринтот во Мајами му припадна Макс Ферстапен
Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, триумфираше на втората спринт трка во сезоната, која се возеше како дел од Големата награда на Мајами, шестата трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1.
На тој начин, трикратниот светски шампион ја забележа втората победа во спринт сезонава, а воедно го задржа и максималниот учинок низ улиците на Мајами, откако победи во претходните две изданија на оваа трка.
Исто така, Ферстапен ја продолжи својата серија без пораз во Соединетите Држави откако се врати од пандемијата на коронавирус, тој славеше три пати во Остин и во Лас Вегас минатата година.
Најблиску до холандскиот возач беше Шарл Леклер во Ферари, додека вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез беше на третото скалило на подиумот.
Ферстапен ја обезбеди победата во спринтот уште на самиот старт, кога ја одбрани својата позиција од Леклер, додека Даниел Рикиардо во болидот на тимот на РБ се проби пред Перез.
Недолго потоа, безбедносното возило излезе на патеката, бидејќи Ландо Норис застана на патеката, по инцидентот што го започна седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон. Возачот на Мерцедес закочи предоцна, удри во Фернандо Алонсо во Астон Мартин, кој налета на неговиот тимски колега Ленс Строл, кој го истурка Норис. Двократниот светски шампион во тој момент за Хамилтон изјави дека „летал како бик“.
Кога возилото за безбедност ја напушти патеката, Макс успеа да се одлепи од Леклер, кој беше сигурен на второто место, но Рикиардо брзо мораше да му ја отстапи третата позиција на Перез.
Австралиецот мораше да се задоволи со четвртото место, бидејќи до крајот успеа да одолее на нападите на Карлос Саинц Јуниор во Ферари.
Шестото место го зазеде Оскар Пјастри од Мекларен, пред возачот на Хас Нико Хилкенберг и Луис Хамилтон, но на крајот од трката тој беше казнет со 20 секунди поради пребрзо возење низ боксот.
На овој начин последниот поен му припадна на Јуки Цунода, кој беше претекнат од Хамилтон по дуелот со Кевин Магнусен во болидот на Хас, кој во неколку наврати недозволено се бранеше во дуелите со Хамилтон, поради што доби казна од 20 секунди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Спалети го објави спискот на Италија
Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација Лучано Спалети денеска го објави поширокиот список на играчи за претстојното Европско првенство кое ќе се одржи во Германија.
Италија ја брани титулата европски првак, која ја освои во 2021 година. „Азурите“ до почетокот на Европското првенство ќе одиграат пријателски натпревари со Турција и Босна и Херцеговина.
Повик од селекторот не добија Џиро Имобиле и Мануел Локатели, кои беа стандарни во тимот на Роберто Манчини во походот на европската круна. Интерсно Спалети го повика фудбалерот на Јувентус, Николо Фаџоли, кој не игра од октомври поради суспензија. Фаџоли беше казнет поради нелегалното обложување.
ЕП ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули во Германија, а Италија во групата Б ќе игра против Шпанија, Хрватска и Албанија.
Списокот на Спалети:
Голмани: Џанлуиџи Донарума, Алекс Мерет, Иван Проведел, Гиљермо Викарио.
Одбрана: Франческо Ачерби, Алесандро Бастони, Раул Беланова, Алесандро Бонџорно, Рикардо Калафиори, Андреа Камбијасо, Матео Дармијан, Џовани ди Лоренцо, Федерико Димарко, Џанлука Манчини, Џорџо Скалвини.
Среден ред: Николо Барела, Брајан Кристанте, Николо Фаџоли, Мајкл Фолорунсио, Давиде Фратеси, Жоргињо, Лоренцо Пелегрини, Самуеле Ричи.
Напад: Федерико Киеза, Стефан Ел Шарави, Рикардо Орсолини, Џакомо Распадори, Матео Ретеги, Џанлука Скамака и Матијас Закањи.
Спорт
Пакета под истрага за нелегално обложување
Фудбалската асоцијација на Англија (ФА), ќе поднесе обвинение против ѕвездата на Вест Хем и бразилски репрезентативец Лукас Пакета (26) за наводна вмешаност во обложување. Наводно, на некои натпревари од Премиер лигата, Пакета намерно добивал жолти картони..
„Крајно сум изненаден и вознемирен што ФА одлучи да ме обвини. Девет месеци соработував на секој чекор од нивната истрага и ги давав сите информации што можев. Ги отфрлам наводите во целост и ќе се борам до последен здив за да докажам дека сум чист. Поради процесот што е во тек, нема да давам дополнителни коментари“, изјави поранешениот играч на Милан, Лион и Фламенго.
Неодамна, „Манчестер Ивнинг њуз“ напиша дека Пакета, кој одигра 37 натпревари оваа сезона и постигна осум гола и забележа седум асистенции, ќе биде главната цел на Манчестер сити во летниот преоден рок во зделка која може да чини 100 милиони евра.
Пеп Гвардиола сакаше да го доведе Пакета минатото лето, но трансферот не беше реализиран бидејќи ФА веќе покрена истрага против фудбалерот поради наводно прекршување на правилата за обложување.
Атлетик наведува дека Пакета ќе дојде во Сити само доколку биде ослободен од обвинувањата, а трансферот ќе зависи и од потенцијалните заминувања на други играчи.
Бразилецот наводно веќе договорил дел од условите со актуелниот англиски шампион. Англиските новинари дури тврдат дека Гвардиола го повикал на почетокот на сезоната, по натпреварот на двата тим, да се ракува со него и со остатокот од стручниот штаб.
Сепак, тогаш почнаа шпекулациите дека Пакета ќе биде суспендиран поради обложување, па Сити се повлече од договорот.
Според податоците на „Трансфермаркт“, Манчестер сити платил 100 или повеќе милиони евра само за Џек Грилиш, кој пристигна во 2021 година од Астон Вила за 117,5 милиони евра. Втор најскап играч е хрватскиот дефанзивец Јошко Гвардиол кој лани беше платен 90 милиони евра.
Спорт
АС: Барселона има нов тренер
Германскиот тренер Ханси Флик ја презема Барселона, пишува шпанскиот спортски весник „АС“. Поранешниот тренер на Баерн и до неодамна селектор на Германија, Флик разговарал со спортскиот директор на Барселона Деко и членот на спортската комисија Бојан Кркиќ. На тој состанок се договориле Флик да биде тренер на Барселона во следните две сезони, тврди „АС“.
Челните луѓе на Барселона решиле се разделат со Чави, кој сезоната ја заврши на второто место во првенството, но минатата сезона беше шампион на Шпанија.
Според овој извор членовите на УО сега треба да се договорат со Чави околу обесштетувањето. Според некои медиуми предвремениот раскин на соработката со Чави, Барселона ќе ја чини околу 20 милиони евра.
Флик (59) како главен тренер го предводеше Баерн на 86 натпревари. Со Баерн ја освои Лигата на шампионите и две шампионски титули на Германија.
Откако се раздели со Баварците ја презеде германската репрезентација, која ја водеше на 25 натпревари, од август 2021 до септември 2023. Не се прослави како селектор на Германија, на Светско првенство бидејќи беше елиминиран во групата.