Европа
Макрон и Фон дер Лаен се заложија за промени во ЕУ, ќе се разгледува и укинување на правото на вето
Францускиот претседател, Емануел Макрон и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лаен, на завршната церемонија во Стразбур по повод завршувањето на Конференцијата за иднината на Европа, повикаа да се измени Договорот за ЕУ за да се одговори на барањата на граѓаните како што е укинувањето на правото на вето на земјите-членки во надворешната политика, пренесува хрватски „Индекс“.
Некои од предлозите на Конференцијата за иднината на Европа, како што е укинувањето на ветото во надворешната и безбедносната политика, бараат измена на Договорот за ЕУ, поради што Европскиот парламент повика на конвенција на која ќе се расправа за овие прашања.
Францускиот претседател Макрон рече дека Европската унија мора да биде ефикасна и суверена за да одговори на глобалните предизвици, што е тешко да се постигне во сегашниот контекст.
„Соочени со ова, ние треба да ги реформираме договорите, тоа е јасно“, рече тој, додавајќи дека еден начин да се направи тоа е да се свика конвенција за промена на договорот.
„Ова е предлог на Европскиот парламент и јас го одобрувам“, рече францускиот претседател, додавајќи дека ова прашање ќе го постави на Европскиот совет во наредните недели и дека на конвенцијата треба да се расправа и за реформа на изборите за Европскиот парламент, давање законодавна иницијатива на Европскиот парламент итн.
„Тоа значи поедноставување на работите и повеќе користење на гласањето со квалификувано мнозинство за главните јавни политики“, објасни Макрон.
АФП наведува дека Франција, Италија, Шпанија, Белгија, Холандија и Луксембург изразиле поддршка за промена на договорот.
Потребно е мнозинство за да се започне дебата по ова прашање во Советот, а сите земји-членки мора да дадат согласност за промена на Договорот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, рече дека се покажало оти Унијата може многу да направи со постоечките овластувања, па веднаш може да одговори на некои од препораките на Конференцијата за иднината на Европа.
„Меѓутоа, треба да одиме понатаму. На пример, јас секогаш тврдев дека едногласните одлуки во некои клучни области едноставно веќе немаат смисла ако сакаме да постигнеме побрз напредок и дека Европа треба да игра поголема улога во здравството или одбраната по искуствата во изминатите две години“, рече таа.
Фон дер Лаен додаде дека во септември ќе ги претстави првите предлози како одговор на препораките на Конференцијата за иднината на Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Белоруските спортисти одат на Олимписките игри, Лукашенко: Победете ги противниците
Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска им порача на белоруските спортисти кои учествуваат на Олимписките игри во Париз под неутрален статус „да ги победат своите противници“.
„Ако сте избрале и одите таму под неутрален статус, истепајте ги, покажете им дека сте вистински Белоруси“, рече Лукашенко во соопштението за печатот на претседателството.
За време на посетата на регионот Могилев во Белорусија, жителите го прашале Александар Лукашенко што мисли за ова учество под неутрален статус, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на белоруското претседателство.
„Спортистот треба да избере. Доколку одлучи да учествува на Олимписките игри, ќе биде уште пожесток. Затоа што разбирате дека состојбата на умот и гневот не се од мала важност во спортот“, реагира Лукашенко. „Вие сте Белорусија и кога ќе излезете како победници, тоа е добар начин политички да ги удрите во лице“.
Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, ги искорени сите форми на опозиција во неговата земја, потиснувајќи мирно масовно движење во 2020 година. Тој е навикнат и на широки изјави и испади, како на пример кога парадираше со калашников во раката пред демонстрантите кои се противат на неговото владеење, нарекувајќи ги „стаорци“. Во февруари 2022 година, тој ја отвори Белорусија за руската армија за да може да ја нападне Украина од север.
Белорусија беше исклучена како земја од Игрите поради нејзината поддршка за руската инвазија на Украина, а нејзините спортисти се натпреваруваат под неутрален статус, без химна, знаме или национални обележја.
Европа
(Видео) Полицијата го бркаше убиецот со меч низ Лондон, објавена е снимка
Би-би-си објави снимка на која се гледа лондонската полиција која го брка напаѓачот со нож, кој денеска уби 13-годишно момче и повреди неколку други.
На снимката се слушаат полицајците како им викаат на граѓаните: „Заклучете ги вратите“.
Полицијата смета дека не се работи за терористички напад.
Полицајците уапсија маж вооружен со меч по извештаите за сериозен инцидент со прободување во североисточен Лондон.
Со електрошокер бил совладан 36-годишниот маж кој мавтал со меч.
„Со голема тага можам да потврдам дека 13-годишното момче кое беше избодено, почина во болница набргу откако му биле нанесени убодите“, изјави началникот на лондонската полиција Стјуарт Бел.
Уште две лица и двајца полицајци се во болница поради убодни рани и се надвор од животна опасност.
„Не мислиме дека постои закана за пошироката заедница, полицијата не бара други осомничени и се чини дека овој инцидент не е поврзан со тероризам“, рече Бел.
Европа
Полските земјоделци повеќе нема да ја блокираат границата со Украина
Полските фармери го откажаа протестот на последниот блокиран граничен премин со Украина, објавија Киев и Варшава, ставајќи крај на повеќемесечната криза која ги наруши билатералните односи меѓу двете земји.
Украинскиот министер за земјоделство ја поздрави „конструктивната работа“ на Полска за укинување на блокадата, наведувајќи во соопштението дека преговорите со Варшава и индустриските здруженија не биле лесни, но „главната работа е што резултатот е постигнат“.
„За среќа, сите правци на границата со Полска се деблокирани“, изјави портпаролот на украинската гранична полиција Андриј Демченко, додавајќи дека полските фармери го ослободиле пристапот до преминот Рава-Руска.
Камиони утринава почнаа да ја минуваат границата во двата правци, рече тој.
Портпаролот на полската гранична полиција Анджеј Јузвијак изјави за Ројтерс дека Украина може да се премине „непречено“ на сите премини.
Полските земјоделци и камионџии ги блокираа граничните премини со Украина од крајот на есента минатата година во знак на протест против нелојалната конкуренција.
Како главна причина тие ја наведоа пасивноста на владата кон губење на работни места поради странските конкуренти од почетокот на војната во Украина, бидејќи камионџиите од Украина беа ослободени од обврската да имаат дозвола за преминување на полската граница.