Свет
Невреме ја погоди Европа – во Италија расте бројот на жртви, штети на хрватското приморје
Неколку европски земји денеска беа погодени од силно невреме, меѓу кои Италија, каде што, според новиот биланс, бројот на жртви се искачи на 10, а над десетина илјади домаќинства останаа без електрична енергија.
Италијанските медиуми јавуваат дека 170 лица, туристи и вработени во хотели останале заробени на границата помеѓу Италија и Швајцарија на висина од над 2.700 метри поради силните снежни врнежи, кои достигнаа до 1,5 метар висина. Дождовите и снегот во Италија во повеќе области ги блокираа патиштата и предизвикаа проблеми во сообраќајот. Во Џенова аеродромот беше затворен бидејќи пистите беа оштетени од дождот, ветрот и од водата.
Голем број училишта беа затворени во повеќе италијански градови, меѓу кои и Рим. Невремето вчера донесе историско ниво на водата во Венеција.
На плоштадот Свети Марко не можеше да се пристапи неколку часа, па многу туристи одлучија да одат низ водата што беше над нивните колена.
Соседните земји исто така беа погодени од дожд и силни ветрови.
Во Австрија покривот на средновековната тврдина над Салцбург синоќа одлета поради ветровите со јачина од над 100 километри на час.
Во Словенија од вчера е во сила црвено метеопредупредување. Во Хрватска невремето направи пустош на приморјето. Голем број патишта се поплавени, блокиран е сообраќајот поради паднати дрвја, а потопени се голем број бротчиња и чамци. Едно лице сè уште се води за исчезнато.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Катар пресретна ирански ракети и беспилотни летала
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека воздухопловните сили и системите за противвоздушна одбрана денеска пресретнале ракети и беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нема жртви.
Иран лансираше ракети и дронови насочени и кон Израел и кон американските воени објекти во Бахреин, Кувајт и Катар, како одговор на американските и израелските напади.
Американската војска не извести за американски жртви и пријави минимална штета во своите бази.
Свет
Северна Кореја ги осуди нападите врз Иран: „Нелегална агресија“
Северна Кореја ги осуди израелските напади и американската воена операција против Иран, нарекувајќи ги „нелегална агресија“ и кршење на националниот суверенитет, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на државната агенција КЦНА.
Портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи изјавил дека американската операција била очекувана и ја оценил како неизбежен исход поради, како што навел, хегемонистичката и гангстерска природа на САД. Во соопштението се наведува дека агресорската војна на САД и Израел е неприфатлива во какви било околности.
Пјонгјанг повика регионалните земји и другите заинтересирани страни да преземат одговорност за воспоставување мир и стабилност на Блискиот Исток.
Израелската војска претходно објави дека почнала опсежни напади врз центарот на Техеран, по операцијата во која беше убиен иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Фото: Depositphotos
Свет
Путин со сочувство до Иран, нападите ги нарече цинично кршење на меѓународното право
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изрази длабоко сочувство до иранскиот претседател Масуд Пезешкијан по повод убиството на врховниот лидер Али Хамнеи и членовите на неговото семејство, соопшти Кремљ.
„Ве молам примете го моето најдлабоко сочувство по повод атентатот врз врховниот лидер на Исламската Република Иран, Сејед Али Хамнеи, и членовите на неговото семејство, извршен во цинично кршење на сите норми на човечкиот морал и меѓународното право“, се наведува во соопштението, пренесува агенцијата РИА Новости.
Хамнеи беше убиен во саботата наутро во нападите што ги извршија Израел и Соединетите Американски Држави, потврди утрово иранската влада, а пренесоа иранските државни медиуми.
Во саботата САД и Израел започнаа серија удари врз ирански цели, вклучително и во Техеран, при што беше предизвикана материјална штета и цивилни жртви. Потоа Иран возврати со ракетни напади врз израелска територија и врз американски воени објекти на Блискиот Исток.

