Европа
Полска: Европа мора да се обедини, немаме време
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/tusk.jpg)
Полскиот премиер Доналд Туск денеска ќе ги посети Франција и Германија, пренесува „Ројтерс“ и посочува дека трите земји членки на Европската Унија сакаат уште поблиску да се поврзат како одговор на зголемените безбедносни ризици. Со оглед на тоа што војната во Украина ќе влезе во третата година и евентуалното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа и последователната сомнителна посветеност на САД кон НАТО, Варшава, Берлин и Париз сметаат дека военото единство е клучно.
„Европа мора да се обедини. Се работи за одговор на прашањето што ќе се случи ако победи Трамп. Немаме време, мораме да имаме поголеми капацитети на одбранбената индустрија“, рече извор во полската влада. Истиот извор наведува дека на Европа итно ѝ е потребно заедничко производство на оружје и дека Полска повеќе не ја блокира стратешката автономија, која има цел да ја направи Европа помалку зависна од другите.
„Полската влада сега првпат вели дека зајакнувањето на европските безбедносни и одбранбени капацитети не е во конфликт со силно НАТО“, рече Дитмар Нитан, германски претставник задолжен за соработка со Полска. Односите меѓу Полска и Германија се заладија за време на осумгодишното владеење на конзервативната ПиС бидејќи таа десничарска полска партија го обвини Берлин за сите зла, од миграцијата до енергетската политика.
Но, со враќањето на Туск, поранешниот претседател на Европскиот совет, на чело на владата во Варшава, ќе биде полесно да се оживее Вајмарскиот триаголник, платформа почната во 1991 година за политичка соработка меѓу Германија, Франција и Полска.
По средбата на Туск со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шулц, ќе следуваат средби на министрите за надворешни работи на споменатите земји. Според француски дипломатски извор, ова е нов стимул на европскиот проект, важен во изборната година за Европа и САД.
Според овој извор, главни теми на разговорот ќе бидат борбата против руските дезинформации и помошта за Украина, како и зајакнувањето на европската воена индустрија. Единствената чувствителна тема останува прашањето за германските воени репарации за Полска за уништувањето за време на Втората светска војна.
Своевремено ПиС бараше исплата на 1,3 милијарда евра, но Берлин одби. Новата полска влада се залага за покреативно решение на проблемот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Европа
Украинска политичарка застрелана во глава: „Ситуацијата е сериозна“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-19-215957.jpg)
Непознат сторител пукал во Ирина Фарион, поранешна украинска пратеничка од крајната десница, соопштија украинските власти. Фарион (60) е хоспитализирана со прострелна рана во главата, соопшти украинската национална полиција. Нејзината состојба е „исклучително сериозна“, додаваат тие.
Полицајците се обидуваат да го идентификуваат напаѓачот, пишува Киев Индепендент. Претседателот Володимир Зеленски беше информиран за ситуацијата од страна на министерот за внатрешни работи и шефот на Службата за безбедност на Украина (СБУ).
„Секое насилство е за осуда и кој и да е одговорен мора да ги сноси последиците“, рече Зеленски.
Ирина Фарион, која е позната по нејзините контроверзни изјави за употребата на рускиот јазик во Украина, се приклучи на ултранационалистичката партија Свобода во 2005 година и беше пратеник во парламентот меѓу 2012 и 2014 година.
Во јуни 2024 година, таа беше вратена како професорка на Катедрата за украински јазик на Политехничкиот универзитет во Лавов, набргу откако беше отпуштена. Фарион предизвика бес кога на 6 ноември рече дека не може да ги нарекува украинските војници украински ако зборуваат руски.
Скандалот околу нејзините изјави ескалира откако таа наводно добила порака за поддршка од Максим Хлебов, проукраински студент кој живее на окупираниот Крим. Таа го објави мејлот на своите социјални мрежи, по што наиде на остри критики.
Службата за безбедност на Украина (СБУ) во ноември 2023 година соопшти дека Фарион е под кривична истрага и за нејзините изјави за војниците кои зборуваат руски и за протекувањето на пораката на Хлебов.
Европа
Русите нудат парична награда за првиот уништен Ф-16
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/ruski-vojnik.jpg)
Руски фирми нудат парични награди за уништување на F-16 Fighting Falcons, охрабрувајќи ја својата војска да ги уништи западните авиони кои наскоро ќе се појават над небото на Украина.
Ова првпат беше објавено на каналот Телеграм на руското Министерство за одбрана на почетокот на оваа недела.
„Ќе има награда за уништување на борбените авиони Ф-15 и Ф-16. Наградата за првиот ќе биде 15 милиони рубли“, се вели во објавата, цитирајќи го директорот на руската нафтена компанија ФОРЕС Илја Потанин.
Инаку, 15 милиони рубљи се еднакви на околу 170.000 долари или околу 155.500 евра.
Министерството за одбрана соопшти дека се понудени и парични награди од 500.000 рубљи за уништување на тенковите на НАТО во Авдиивка, пренесува „Њузвик“.
На приложеното видео во објавата на Телеграм, може да се видат руски војници како добиваат награди и се ракуваат со нивните претпоставени офицери.
Европа
Зеленски ја моли новата британска влада: „Дозволете ни да ја нападнеме Русија со моќни ракети“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-19-194232.jpg)
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска им се обрати на министрите на новата британска влада, на покана на премиерот Кир Стармер, и го повтори апелот до западните сојузници да дозволат напади врз Русија со ракети со долг дострел.
Зеленски е првиот странски лидер кој лично се обратил пред британскиот кабинет откако поранешниот американски претседател Бил Клинтон го стори тоа во 1997 година.
Украинскиот претседател рече и дека Британија треба да ги убеди своите партнери, кои зазедоа различни позиции за тоа како Украина може да го користи оружјето што им е доставено, да ги укинат ограничувањата за употреба на оружје и муниција.
„Во моментов го немаме главниот одговор на тоа прашање, што се однесува на нашите долгорочни можности. Ве молиме, убедете ги другите партнери да ги укинат овие ограничувања“, рече Зеленски.
Стармер му рекол на Зеленски дека Британија ќе ја забрза испораката на клучната помош за Украина, откако неговиот министер за одбрана на почетокот на овој месец потврди дека помошта ветена од претходната конзервативна влада ќе биде доставена за 100 дена.