Европа
Првиот човек на американската армија: Расте можноста за значаен меѓународен конфликт
Висок американски воен офицер им кажал на застапниците во Конгресот дека светот станува сè понестабилен и дека потенцијалот за значителен меѓународен конфликт се зголемува наместо да се намалува. Началникот на Здружениот Генералштаб на САД, генерал Марк Мили и секретарот за одбрана Лојд Остин се појавија пред Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом во нивното прво сведочење пред Конгресот по руската инвазија на Украина, јавува Си-Ен-Ен.
Двајцата лидери на Пентагон велат дека заканите и од Русија и од Кина остануваат значајни, бранејќи го американскиот пристап кон војната и количината на оружје што САД и ги испраќаат на Украина. Мили рече дека руската инвазија на Украина е најголемата закана за мирот и безбедноста во Европа и можеби за светот во неговата 42-годишна служба во американската војска, но додаде дека е охрабрувачки е да се види како светот се собира околу Украина.
„Руската инвазија на Украина се заканува да го поткопа не само европскиот мир и стабилност, туку и глобалниот мир и стабилност, кои моите родители и една генерација Американци се мачеа да ги одбранат“, рече тој.
„Сега се соочуваме со две глобални сили, Кина и Русија, секоја со значителни воени способности, и двете имаат намера радикално да ги променат правилата врз основа на сегашниот глобален поредок. Влегуваме во свет кој станува сè понестабилен и потенцијалот за значителни меѓународни конфликти се зголемува“.
Претставниците на двете американски партии се фокусираа на дебатата за доставеното оружје на Украина, прашувајќи се дали може да се направи повеќе бидејќи Украина продолжува да бара дополнителни резерви.
„Едно од најголемите прашања што ги имаме во оваа комисија е: „Како можеме да направиме повеќе? Како можеме да бидеме сигурни дека правиме апсолутно се што можеме за да им помогнеме?“ истакнаа тие.
Пратеникот од Алабама, Мајк Роџерс, водечки републиканец во Комитетот, рече дека ќе го поддржи формирањето постојани бази на САД во источните земји на НАТО, како што се Полска и Балтикот, надевајќи се дека тоа ќе ја одврати Русија. Мили рече дека ќе го поддржи формирањето постојани бази, но додаде дека смета дека американските сили треба да ротираат меѓу нив за да го поттикнат одвраќањето без трошоците за преместување на семејствата, формирање училишта и други мерки потребни кога постојаната американска база ќе биде основана во странство.
„Верувам дека многу од нашите европски сојузници, особено оние на Балтикот или во Полска или Романија или на друго место, се многу подготвени да постават постојани бази. Тие ќе изградат и ќе платат за нив за да можеме да испратиме војници во ротирачка база, но војниците, морнарите, авијатичарите или маринците нема да бидат трајно стационирани таму 2-3 години“, објасни Мили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Околу 500 патници заглавени во авиони поради снег во Минхен
Околу 500 патници останале заглавени во авиони на аеродромот во Минхен, откако нивните летови биле откажани поради обилни снежни врнежи. Иако дел од авионите биле подготвени за полетување, патниците не можеле да се вратат во терминалот поради недостиг на автобуси и зафатени паркинг-позиции за авионите.
Повеќе од 100 летови планирани за четврток навечер биле откажани поради снегот, а дел од патниците ја поминале целата ноќ во леталата.
Лоша логистика и ограничен капацитет
Според портпарол на авиокомпанијата Луфтханза, дури и летовите што добиле специјални дозволи за ноќно полетување не можеле да тргнат. Како причина се наведува тоа што сите паркинг-места за авиони во близина на терминалот биле веќе зафатени, а капацитетот на автобусите за превоз на патници бил ограничен.
„Во тој момент сите паркинг-места кај терминалот беа исполнети, а бројот на автобуси е ограничен“, изјавил портпаролот, додавајќи дека организацијата на автобускиот превоз е во надлежност на аеродромот.
Летови кон повеќе европски и светски дестинации
Според информациите на Луфтханза, погодени биле летови кон Сингапур, Копенхаген, Гдањск, Грац и Венеција. Дури во раните утрински часови автобуси пристигнале и ги превезле патниците до терминалот.
Од аеродромот во Минхен кратко соопштиле: „Жалиме за непријатностите што настанаа“.
Студен бран во регионот
Ледениот бран изминатите денови го зафати и Виена, додека хаос беше пријавен и во Марибор, каде што голем број жители останаа без струја, а дел и без вода.
Поради состојбата, во поширокото подрачје на вториот по големина град во Словенија беше прогласена вонредна состојба.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.

