Свет
Снежна бура во Кина: училиштата затворени, стотици летови откажани

Невообичаено студено време и снежни виулици денеска го погодија североисточниот дел на Кина поради што стотици летови беа откажани и училиштата беа затворени, а на жителите им се препорачува да останат дома.
Кинеската метеоролошка управа предупреди на драстичен пад на температурите во наредните денови заедно со снежни виулици, објавија кинеските државни медиуми.
Кинеската провинција Хејлонгџијанг доцна во неделата издаде црвен метеоролошки аларм бидејќи денеска во некои градови се очекува да паднат снег од 20 до 40 милиметри со силен ветер, објави „Ројтерс“.
Поради екстремно студеното време, градските управи во Пекинг и Тијанџин ги прават подготовките грејната сезона да почне порано од вообичаено.
Централната метеоролошка управа соопшти дека во текот на оваа недела се очекува спуштање на температурата под нулата во североисточна Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Загина руски генерал: Путин му додели орден, а сега му се губи секаква трага на фронтот во Украина

Генерал-мајор Владимир Завадски, заменик-командант на руската 14-та армија, е убиен во Украина, објави руски функционер, пренесува „Скај њуз“.
Британската телевизија наведува дека Александар Гушев, гувернерот на северозападната област Воронеж, веста за смртта на Завадски денеска ја објавил на апликацијата „Телеграм“.
Тој не појаснил како загинал генерал-мајорот, кој во декември минатата година во Кремљ му беше доделена „Златната ѕвезда“ за херој на Русија од рускиот претседател Владимир Путин.
„Скај њуз“ наведува дека претходно се појавиле непотврдени информации дека Завадски бил убиен од нагазна мина. Се известува дека централните власти во Москва официјално не ја потврдиле смртта на Завадски.
Свет
Ердоган: На Нетанјаху ќе му се суди како на Милошевиќ

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на крајот ќе му се суди како воен злосторник поради тековната израелска офанзива во Појасот Газа, обвинувајќи ги западните земји кои го поддржуваат Израел за соучесништво во злосторствата.
Турција, која поддржува решение со две држави за деценискиот конфликт, остро го критикуваше Израел за неговата кампања во Газа, започната како одговор на нападот на милитантната група Хамас на 7 октомври. Во израелските воздушни и копнени напади загинаа повеќе од 15.500 луѓе, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Говорејќи на состанокот на одборот на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) во Истанбул, Ердоган рече дека западните земји кои го поддржуваат Израел даваат „безусловна поддршка за убивање бебиња“ и се соучесници во неговите злосторства.
„Покрај тоа што е воен злосторник, на Нетанјаху, кој е месарот на Газа во моментов, ќе му се судикако што му беше судено на Милошевиќ“, рече Ердоган, мислејќи на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ на кој му беше судено за геноцид пред судот во Хаг.
„Оние кои се обидуваат да ја игнорираат смртта на сите оние невини луѓе кои го користат Хамас како изговор, немаат повеќе што да му кажат на човештвото“, додаде тој.
За разлика од повеќето нејзини западни сојузници и некои земји од Персискиот залив, членката на НАТО Турција не го смета Хамас за терористичка група.
Регион
Радев стави вето на обезбедувањето оклопни возила за Украина

Бугарскиот претседател Румен Радев го врати на нова расправа во парламентот законот за ратификација на договорот со кој Бугарија бесплатно ѝ дава оклопна транспортна опрема на Украина, соопшти прес-центарот на шефот на државата.
Во причините за ветото беше забележано дека народните избраници не биле доволно запознаени со конкретните параметри на донацијата, што им оневозможува објективно да проценат дали обезбедената опрема повеќе не е потребна, пренесе „Бнр.бг“.
Радев нагласува дека не се земени предвид ниту воените задачи доделени на Министерството за внатрешни работи ниту потребите на главните дирекции Гранична полиција и Противпожарна безбедност и безбедност на населението.