Европа
Африкански мигрант: Вандализмот на гробиштата беше дар за сатаната
Две момчиња признаа дека сквернавеле и вандализирале 63 гроба на француските гробишта на почетокот од овој месец тврдејќи дека делото претставувало дар за сатаната за да им помогне на нивните музички кариери, пренесува „Ла Републик де Пиринеј“.
Момчињата, на возраст од 23 и 24 години, беа уапсени минатата недела и подоцна го признаа злосторството со еден од нив, мигрант од Камерун по име Фабиен, кој посочил дека уништувањето на гробиштата, што се случи на 9 август во Ланемезан, било пакт со ѓаволот за успех во музиката.
Мигрантот признал дека бил во контакт со марабур, традиционално муслимански свештеник во Африка, од Мали, за кој тврди дека го советувал да го отстрани она што го претставува Бог и да го замени со 666 и да принесе жртви за да му се спротивстави на Бога.
Другиот инволвиран, по име Џордан, рекол дека Фабиен сакал да повика демони иако се посочувало дека и самиот учествувал во ритуалите.
Двете момчиња ѝ се добро познати на полицијата во одделот Хот-Пиринеј и биле уапсени бидејќи едниот го загубил својот мобилен телефон на местото на злосторството, а друг оставил траги од крв кога се повредил за време на дивеењето.
Вкупната штета на гробиштата се проценува на речиси 30.000 евра и обвинителите бараат затворска казна од 18 месеци за Фабиен и 12 месеци за Џордан. Во судот била прочитана изјавата на Фабиен, во која вели дека не може да се исклучи повторното вршење на делото.
Нападот на гробиштата е најновиот чин на антихристијански вандализам или насилство во Франција, каде што има околу три антихристијански напади на ден, се вели во извештајот објавен минатата година од Централната служба за криминалистичко разузнавање (СЦРЦ) на полицијата.
Претходно овој месец, во општината Ниор беа уништени три статуи во повторени напади на вандализам на историска црква изградена во 11 век. Во мај во напад врз црква во Бержерак во регионот Дордоњ крадците украле осветени хостии, инцидент забележан и од Опсерваторијата за христијанофобија, група посветена на документирање на антихристијанските напади, која посочи дека инцидентот може да е поврзан со сатанизмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.