Свет
(Видео) Тешко вооружени демонстранти се судрија со оклопен полициски камион во Кеноша
Група тешко вооружени демонстранти во Кеноша биле снимени при нападот со солзавец за време на напнатиот судир со полициските службеници во оклопен полициски камион во Кеноша, Висконсин, пренесува „Њујорк пост“.
Видеото, снимено од репортер на местото на настанот, прикажува неколку мажи со полуавтоматско оружје како им се придружуваат на другите за да се соочат со полицајците во возилото во хаотичните немири по полициското пукање во Џејкоб Блејк.
„Ќе ни фрлат солзавец!“, вика еден маж со пушка на почетокот на двоминутното видео додека стои до полицискиот камион.
„Вие сте проклети кукавици!“, вика друг човек од толпата.
Додека полицајците во возилото полека се движат напред, групата се движи поблиску околу камионот блокирајќи му го патот. На крајот, полицајците почнуваат да фрлаат канистери со солзавец кон толпата. Групата се распрснува, а некои демонстранти се обидуваат да ги клоцнат или да ги тргнат настрана канистерите.
Потоа се слушаат неколку гласни тресоци додека камионот се пробива низ улицата, а минувачите извикуваа антиполициски пароли.
BREAKING: Rioters corner police with assault weapons in Wisconsin
— Drew Hernandez (@livesmattershow) August 24, 2020
Сцената е само еден од неколкуте насилни инциденти од понеделникот вечерта кога демонстрантите запалија автомобили, кршеа прозорци и се судрија со интервентната полиција. Во градот беа забележани групи вооружени лица, кои тврдеа дека ги штитат деловните субјекти и демонстрантите за време на немирите.
Афроамериканецот Блејк останува хоспитализиран откога беше застрелан седум пати во грбот од непосредна близина од бел полицаец, кој се обидувал да го спречи да влезе во неговиот автомобил во неделата попладне.
Адвокатот на Блејк, Бен Крамп, рече дека неговиот клиент повеќе никогаш нема да оди. Неговото семејство бара сите тројца полицајци од местото на настанот да бидат отпуштени од работа, а неидентификуваниот полицаец кој пукал да биде уапсен и обвинет за обид за убиство.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, во вторникот го повика гувернерот на Висконсин, Тони Еверс, да ја донесе Националната гарда за да ги задуши протестите иако Еверс веќе го стори тоа во понеделникот.
„Гувернерот треба да се јави во Националната гарда во Висконсин. Таа е подготвена и повеќе од способна. Ставете му крај на проблемот веднаш“, напиша Трамп на „Твитер“.
Мајката на Блејк, Џулија Џексон, ги повика демонстрантите да останат мирни.
„Додека се возев до овде, низ овој град, забележав голема штета“, рече таа. „Тоа не го отсликува мојот син или моето семејство. Ако Џејкоб знаеше што се случува, за насилството и уништувањето, тој ќе беше многу незадоволен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.
Европа
Во Англија извикал „Алах Акбар“ и убил случаен минувач: „Го направив тоа за луѓето од Газа“
45-годишниот Ахмед Алид вчера беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство. На 15 октомври минатата година, барател на азил од Мароко со нож го уби 70-годишниот Теренс Карни во центарот на англискиот град Хартлпул. Тој претходно го избодел со нож својот заспан цимер Џавед Нури додека викал „Алах Акбар“.
Алид и рекол на полицијата дека сето тоа го направил „за луѓето од Газа“. Само осум дена пред да убие случаен минувач и да го рани својот цимер, милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Алид се заколнал дека ќе убиел повеќе луѓе доколку имал митралез и друго оружје, изјави обвинителот Џонатан Сендифорд во Судот во Тесајд.
Алид делел куќа со други баратели на азил во североисточна Англија. Тој бил вознемирен што Нури го прифатил христијанството. Цимерите рекле дека Алид почнал да носи нож откако на телевизија видел прилог за настаните во Газа.
Европа
Крим главна цел: Пентагон откри за што Украина ќе ги користи моќните ракети АТАКМС
Министерството за одбрана на САД ја појасни целта за испорака на ракети со долг дострел во Украина, кои неодамна беа испорачани во тајност. Како што објави „Њујорк тајмс“, целта на испораката на американските ракети АТАКМС е да се зголеми притисокот врз Крим, кој беше анектиран од Русија по референдумот во 2014 година.
Крим го претставува центарот во кој се лоцирани голем број руски воздушни и копнени сили и кој досега, како што пишува американскиот дневен весник, „за нив бил релативно безбедно засолниште“. Ова го тврди анонимен американски функционер. Сепак, Пентагон одби да каже колку точно од овие проектили со дострел од 300 километри се испорачани на украинската страна.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, претходно ја потврди испораката на овие ракети без да прецизира дали тие се модифицирани и имаат зголемен дострел.
Украинските сили веќе употребија АТАКМС, што претседателот Володимир Зеленски го потврди на 17 април, објавувајќи дека бил извршен напад врз воздухопловната база Џанкој, која се наоѓа на 165 километри од линијата на фронтот. Министерството за одбрана на Руската Федерација не ги коментираше овие наводи.
Pentagon reveals Ukraine’s targets for ATACMS missiles – NYT — (the usual baffling lack of retaliation threats from #Putin– instead just the usual bleating that ‘it’s impossible to justify’..Bring Stalin back to life please, Russia) https://t.co/8pi0Lx8tbt #CapeTown #SouthAfrica pic.twitter.com/ZtI5cG3r2m
— Peter Mayson (@theforeverman) April 26, 2024
Американскиот дневен весник потсетува дека Украина првпат добила ракети АТАКМС во септември минатата година, но дека станува збор за верзија со половина дострел. Се шпекулираше дека Украина можеби користела американски ракети за да го урне кримскиот мост, што на почетокот на месецов го потврди и самиот претседател Зеленски, велејќи дека неговата влада „навистина сака да го уништи мостот на Крим“.
Тој е симбол на руската окупација и преку овој мост Русија испорачува воена опрема и ги снабдува војниците во Украина. Во неколку наврати досега мостот беше цел на украински напади.
– Мислам дека е вистинското време, а шефот (Бајден) донесе одлука дека е вистинско време да и го обезбеди на Украина оружјето неопходно за тековната борба. Тоа е добро осмислена и многу конструктивна одлука – изјави адмирал Кристофер Грејди, заменик командант на Здружениот генералштаб на американската армија.
Руската страна го осуди потегот на САД, а рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов рече дека тоа „ја зголемува заканата за безбедноста на Крим, вклучително и Севастопол и другите руски градови“.