Свет
Бајден го смени ставот, сега го поддржува имунитетот на принцот Мохамед
Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден објави дека на престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, треба да му се додели имунитет. На Мохамед бин Салман му се суди под обвинение за неговата улога во убиството на саудиско-американскиот новинар Џамал Кашоги.
Ова е пресврт на претходните ставови на Бајден изразени за време на претседателската кампања во 2019 година, во која тој го обвини саудискиот престолонаследник за вмешаност во бруталното убиство на Кашоги на 2 октомври 2018 година во Истанбул, пренесува АП.
Со кралски декрет во септември беше одлучено и престолонаследникот од својот татко да ја преземе функцијата премиер, а администрацијата на Бајден во четвртокот објави дека верува оти тој е заштитен од можно кривично гонење во САД по тужбата против Мохамед бин Салман и другите од страна на свршеницата на убиениот новинар, Хатиџе Џенгиз, заедно со организацијата за човекови права „Демократија за арапскиот свет сега“, што ја основа Кашоги.
Оваа позиција на администрацијата е необврзувачка и судот на крајот ќе одлучи дали ќе му даде имунитет на принцот, наведува АП.
Стејт департментот го нарече повикот на администрацијата на Бајден да го заштити саудискиот престолонаследник од американските судови во случајот со убиството на Кашоги „чисто правна одлука“.
Федерален судија во Вашингтон ѝ даде рок на американската влада до четврток на полноќ да одговори на тврдењето на адвокатите на принцот престолонаследник дека високата официјална позиција на принцот Мохамед е основа за имунитет во случајот.
Администрацијата на Бајден исто така имаше опција да не изрази мислење на кој било начин.
Имунитетот заснован на суверенитет, концепт вкоренет во меѓународното право, смета дека државите и нивните службеници се заштитени од одредени правни постапки пред домашните судови на други странски држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Нови детали за малата Данка: нејзината ДНК не била пронајдена на автомобилот со кој била удрена
Како што пренесува „Нова.рс“, на ниеден од предметите што биле земени за помош во истрагата не биле пронајдени биолошки траги од двегодишната Данка Илиќ од Србија.
Српскиот портал напиша дека досега се пронајдени повеќе од 400 траги во службеното возило за кое се сомневаат дека го користеле Дејан Драгојевиќ и Срѓан Јанковиќ кога, според нивното признание, го удриле девојчето. Обвинителството пред неколку дена ги доби резултатите од новите вештачења.
„Од внатрешноста на службениот автомобил во Бор се земени повеќе од 500 траги, како и траги од надворешната страна на автомобилот. Досега вештачењата покажаа дека нема трага од ДНК на Данка Илиќ ниту во самиот автомобил ниту на надворешните делови од возилото“, пишува „Нова.рс“ повикувајќи се на Вишото јавно обвинителство.
Медиумот потсетува дека осомничените работници на фирмата „Водовод“ од Бор, Јанковиќ и Драгијевиќ, биле на работна задача на 26 март кога во Бањско Поле исчезна двегодишно девојче. Според признанието на Драгијевиќ, девојчето го удриле со службеното возило, го задавиле и го фрлиле на дива депонија, од каде што два дена подоцна Дејан со својот татко (73) и сега починатиот брат Далибор (40) наводно го преселиле телото на друга, непозната локација.
Телото на двегодишната Данка сè уште не е пронајдено.
Регион
Се урна конструкција на рингишпил, повредени 13 деца, од кои едно е во животна опасност во Куршумлија
Во Куршумлија денеска се случила несреќа кога на локалниот саем се урнала конструкцијата на рингишпилот, пренесуваат српските медиуми.
Според написите, повредени се 13 деца, од кои едно потешко.
Станува збор за девојче, чиј живот е во опасност и има сериозни повреди на главата и ‘рбетниот столб.
Таа била итно префрлена во КЦ „Ниш“ на Одделот за неврохирургија.
Седум деца се во друга болница, каде што во тек е понатамошна дијагностика, а другите деца се полесно повредени, пишуваат тамошните медиуми.
Свет
Кремљ: Мешањето на силите на НАТО во украинскиот конфликт – огромна опасност
Режимот во Киев е прилично непредвидлив, интервенцијата на воените сили на НАТО во украинскиот конфликт на теренот претставува огромна опасност, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според него, Москва ја смета за крајно провокативна петицијата објавена на веб-страницата на украинскиот лидер Володимир Зеленски, во која се апелира да се поканат странски војници во Украина.
„Сметаме дека ова во најмала рака е крајно провокативно и го следиме многу внимателно“, рече Песков.
Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна во интервју за „Економист“ изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина на барање на Киев доколку Русија ја пробие линијата на фронтот. Според него, многу земји од ЕУ се согласиле со мислењето на Париз за ова прашање.
Медиумите претходно објавија и дека Франција испратила војници од својата Легија на странци во Украина, пренесува „Танјуг“.