Свет
(Видео) Дронови гаснат пожар во Кина
Видео стана вирално на интернет на кое се гледа како три дронови гаснат пожар во зграда во кинеската провинција Шанкси.
Видеото за првпат беше споделено на „Твитер“ од страна на сајтот „Шеринг тревл“, со натпис: „Противпожарната бригада во Шанкси пробува нови играчки“.
The fire brigade in Shaanxi is trying new toys. Drones with water pipes. 😃😃😃 pic.twitter.com/x2edk24GBN
— Sharing Travel (@TripInChina) July 19, 2023
На него се гледаат три беспилотни летала кои лебдат околу запалената зграда и ја полеваат со вода преку цревото прикачено на секој од нив. Иан Бремер, политиколог и претседател на Групацијата Евроазија, го сподели видеото на социјалните мрежи.
„Иднината е тука“, напиша Бремер.
Некои коментатори беа импресионирани од употребата на технологијата, но други рекоа дека тоа е само шоу и употребата на дронови нема многу смисла.
„Видете пожарникар на терен за споредба. Ова лесно можеше да се направи од земја или од скала“, рекол еден корисник на Твитер.
„Тежината на цревата во голема мера ќе ја ограничи висината на која може да работи таков дрон. Не изгледа многу корисно“, додаде друг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Четиригодишно дете паднало во казан каде се подготвувал гулаш: веднаш е хоспитализирано во Белград
Четиригодишно дете паднало во казан со гулаш во неделата на манифестацијата „Гулашијада“ во Баранда.
Со брзата реакција на полицијата тоа било извлечено и пренесено на Универзитетската клиника во Тиршова, каде според последните информации се наоѓа на интензивна нега и е надвор од животна опасност, пренесуваат медиумите во регионот.
Несреќата се случила кога детето возело велосипед по тротоарите, во придружба на неговата баба, и удрило во дрвен столб кој го обезбедувал просторот, односно зелената површина околу местото каде што се одржувал јавниот собир и се готвел гулаш.
Откако удрило во столбот, детето паднало во казанот.
Брзо е пренесено во Здравствениот дом Опово, а подоцна на лекување во Белград.
Свет
Нетанјаху призна: Се случи трагична грешка
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го коментираше нападот во текот на ноќта врз шаторскиот камп во градот Рафах во кој загинаа најмалку 45 лица.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека целеле двајца високи лидери на Хамас во еден од комплексите на групата и ќе ги разгледаат извештаите дека пожарот се проширил во засолништата, загрозувајќи ги цивилите.
Нетанјаху рече дека Израел се обидел да ги заштити цивилите со евакуација на еден милион луѓе од Рафах, каде што се проценува дека се наоѓале околу 1,5 милиони луѓе пред почетокот на офанзивата.
„И покрај нашите напори да не ги повредиме, се случи трагична грешка. Ние го истражуваме инцидентот. За нас тоа е трагедија, за Хамас тоа е стратегија“, рече Нетанјаху во парламентот.
Во соопштението објавено доцна синоќа по експлозијата во Газа, ИДФ соопшти дека „елиминирала“ двајца високи претставници на Хамас – Јасин Рабија и Калед Нагар – во „прецизен“ воздушен напад „во северозападниот дел на Рафах“.
Нападот предизвика бес кај светските лидери кои повикаа на спроведување на пресудата на Светскиот суд за да се запре израелскиот напад.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е огорчен од последните напади на Израел.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел изјавија дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата мора да се почитува.
Европа
Макрон: Идеите на екстремната десница се шират во Европа
Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди денеска во Дрезден за ширењето на екстремната десница во Европа и повика на дополнителна помош за Украина бидејќи се работи и за безбедноста во Европа.
„Секаде во нашите демократски општества, идеите кои доаѓаат од екстремната десница се шират. Овој корумпиран ветер се шири низ Европа, тоа е реалноста. Конечно мораме да се разбудиме“, рече Макрон во својот говор пред реновираната катедрала во Дрезден, кој беше целосно уништен во сојузничкото бомбардирање.
На вториот ден од неговата тридневна посета на Германија, во својот говор, Макрон се осврна конкретно на Унгарија, каде што „европските пари се добредојдени“, но не се почитува независноста на судството и медиумите.
„Постои фасцинација од авторитарните режими. Само неколку километри од нас. Но, Европа не е себична, туку заедничка база на вредности и култура на индивидуална и политичка слобода“, рече Макрон.
„Она што е загрозено во Украина е безбедноста на Европа. Ниту Франција, ниту Германија не се повеќе безбедни ако во Украина победи владеењето на посилните“, рече Макрон.
Тој рече дека имајќи го предвид големиот скептицизам, особено кај граѓаните на Источна Германија, во однос на помошта за Украина, дека заедничкиот европски однос кон ова прашање е клучен.
„Ние не водиме војна против рускиот народ, но исто така не можеме да дозволиме авторитарен, ревизионистички режим како оној во Москва да и се заканува на Европа“, рече Макрон.
Тој уште еднаш ја истакна потребата да се подигне одбранбената подготвеност на Европа и да се стави крај на силното потпирање на САД. Макрон ја започна својата тридневна државна посета на Германија во неделата со средба со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, а во понеделникот продолжи со положување венец на споменикот на Холокаустот и говор во Дрезден.
Посетата завршува утре со средба со германскиот канцелар Олаф Шолц и заедничка средба на германската и француската влада.