Европа
(Видео) Зградите на младиот изведувач Ончул едни од ретките што не се урнати во земјотресот, а се во епицентарот на земјотресот во Турција
Од Турција доаѓа неверојатната приказна за две згради кои сè уште стојат во Кахраманмараш, епицентарот на двата разорни земјотреса во Турција, и една продавница во една од нив, која е останата недопрена.
Продавницата во Кахраманмараш стана тема број еден на социјалните мрежи откако „Си-ен-ен Турк“ ја објави оваа неверојатна приказна.
Отидоа и други новинари сами да се уверат, а како што пренесува „Хуриет“, на таа улица каде што се наоѓа продавницата има многу разурнувања од земјотресот, додека таа стои недопрена.
„Како е можно тоа“, постојано прашуваа луѓето.
📌Kahramanmaraş’ta bir apartman ve altındaki züccaciye dükkanının depremlerde hasar görmemesi dikkat çekti. pic.twitter.com/88rldXbWtO
— 23 DERECE (@yirmiucderece) February 12, 2023
Продавницата „Ева хоум“ се наоѓа на приземјето на зградата, беше затворена и сѐ беше на свое место.
Објектот во кој се наоѓа дуќанот исто така стои исправено, а истиот овој објект се наоѓа веднаш до него.
Турција со денови зборува за младиот изведувач Мехмет Акин Ончул (41), чии згради се меѓу ретките што не се урнати во земјотресот. Претседател е на компанијата која ги изработувала овие блокови.
Ончул рече дека добил многу благодарници и честитки.

„Пред сѐ, нашата болка е голема, наше сочувство до нашата нација. Се трудиме да ја работиме нашата работа во согласност со нашите проекти и законски прописи. Секогаш сме на работа со нашиот технички персонал. Придаваме важност на инспекциите и контролите на секоја фаза од нашата изградба бидејќи компанијата продолжува со нашите активности во Кахраманмараш. За среќа, немавме тешко оштетена зграда во земјотресот“, рече тој.
Тој рече дека неговите згради се пример како треба, но дека има и лоши примери. Многу луѓе го прашале како се урнале другите згради, а неговите останале недопрени.
„Изведувачите градат според законот. Како што објасни претседателот, 98 отсто од урнатите згради биле изградени според законите и прописите пред 1999 година. Освен тоа, ако зградата има пукнатина, дефинитивно ќе биде оштетена, без разлика колку е силна. Работиме заедно со градежни инженери и архитекти. Ова е тимска работа“, рече младиот изведувач.
Џенгизан Кабул, сопственикот на продавницата, ја опиша сцената што го изненади утрото на земјотресот.
„Бев изненаден како и сите. Ден по земјотресот, отидов во продавницата и бев шокиран. Сѐ беше како што оставив. Ништо не беше скршено во магацинот. Продавницата беше затворена во неделата. Исто како што ја оставив во саботата вечерта, така ја најдов во вторникот“, изјави сопственикот за „Хуриет“, пренесе „Телеграф.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Снег, дождови и силни ветрови предизвикуваат проблеми низ Европа
И денеска во Европа различни екстремни временски услови создаваат големи проблеми: снег и откажани летови во Холандија, забрана за товарен сообраќај во североисточна Франција, отежнат сообраќај на траектите во Грција и жолто предупредување во Велика Британија за снег, обилни дождови и силни ветрови.
Холандија
Невремето денеска предизвикува откажување и одложување на летови на аеродромот Шипхол во Амстердам – четири летови се откажани, а четири се одложени. Железничкиот сообраќај исто така е погоден: пријавени се задоцнувања на повеќе линии, додека сообраќајот меѓу Мастрихт и Лиеж е запрен до утре вечер. Снежните врнежи се очекуваат прво во северните, централните и источните покраини, а потоа постепено ќе преминат во дожд.
Франција
Околу 700 возачи на камиони се заглавени на автопатот А36 на североистокот и на RN57 во департманот Дуб и Жира, поради снежните врнежи кои го погодија источниот дел од земјата. Патиштата се затворени за возила над 3,5 тони до утре. Минатата ноќ работеле само машини за чистење снег, а Црвениот крст им доставил храна за возачите на камиони.
Грција
Траектите денеска постепено продолжуваат со сообраќај, откако ветровите попуштиле. Повеќето линии започнале нормално да пловат од раното утро, особено од пристаништето Пиреј. Сепак, властите предупредуваат дека рути можат да бидат откажани поради брзо менливите временски услови. Снежни врнежи се очекуваат во северните и планинските области, а се прогнозира и нагло намалување на температурата.
Велика Британија
Во многу делови на земјата е во сила жолто предупредување за снег, силни ветрови, мраз, обилни врнежи и поплави. Ова се однесува на централна и североисточна Шкотска, од северно од Глазгов до Абердин, и е во сила до 14:00 часот денеска. Метеоролозите најавуваат можни силни дождови, силни ветрови и снег, но со благо зголемување на температурите.
Германија
По неколкудневната зимска бура „Ели“, ситуацијата денеска се подобрува. Метеоролошката служба ги укина претходните предупредувања за обилни врнежи. Снежните врнежи до вчера предизвикуваа откажување на возови, пролизгување на автомобили и опасен мраз на патиштата.
Европа
Студ, снег и мраз ја погодија Европа: 34.000 домаќинства без струја во Британија, Франција под портокалов метео-аларм
Метеоролозите предупредуваат дека Велика Британија треба да се подготви за нов бран студено време, снег и мраз за време на викендот, по силната бура „Горети“ што ја зафати земјата.
За поголемиот дел од Британија е издаден жолт метео-аларм за снег и мраз.
Бурата „Горети“ во петокот донесе обилни врнежи од дожд и снег, како и силни ветрови низ голем дел од земјата, поради што десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Според податоците на Националната електрична мрежа, околу 34.000 домаќинства на југозападот на земјата биле без струја околу 22 часот синоќа.
Силниот ветер соборувал дрвја, а дел од воздушниот сообраќај бил сериозно нарушен. Авиокомпанијата „Бритиш ервејз“ откажа околу 50 летови – 25 поаѓања и 27 слетувања на аеродромот „Хитроу“ во Лондон. Аеродромот во Бирмингем делумно ја затвори пистата и ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови.
Поради лошите временски услови, затворени беа и бројни училишта – повеќе од 250 во Шкотска, над 150 во регионите Абердиншир, Мидлендс и Велс, како и во Северна Ирска.
Лошото време ја погоди и Франција. Националната метеоролошка служба „Метео Франс“ утрово стави шест департмани под портокалов метео-аларм поради снег и голомразица. Се најавуваат снежни врнежи од пет до 10 сантиметри, а возачите се предупредени на опасни и лизгави патишта.
Според француските власти, станува збор за изразен снежен бран кој може да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, особено во североисточниот дел од земјата. Температури под нулата, снег и силни налети на ветер беа причина за прогласување зголемена состојба на подготвеност.
Снежниот бран пристигнува од правец на Германија и земјите од Бенелукс, во зона погодена од остатоците на бурата „Горети“. Снегот ќе паѓа и на пониски надморски височини, од 200 до 300 метри.
Се очекува снежната покривка да достигне од седум до 10 сантиметри на височини од 300 до 400 метри, од 10 до 20 сантиметри меѓу 400 и 500 метри, додека во повисоките планински предели локално може да достигне и до 40 сантиметри.
Властите упатија апел до возачите на максимална внимателност, бидејќи во текот на ноќта од сабота кон недела се очекува дополнително опаѓање на температурите и зголемен ризик од создавање мраз на коловозите.
Европа
Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека закупот на живеалишта се зголемил за 21,1%, покажуваат податоците на Евростат.
Додека кириите бележат стабилен раст без поголеми турбуленции, цените на становите имале осцилации, со периоди на застој и фази на екстремно брз раст.
Унгарија рекордер по поскапување
Кога се набљудуваат поединечни земји, Унгарија е апсолутен рекордер по поскапување, со раст на цените на становите од 2015 година од дури 275%.
Покрај Унгарија, цените се повеќе од удвоени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминал 150%.
Единствена земја со поевтини станови
Финска е единствената земја каде цените на недвижностите денес се пониски отколку пред десет години, со благо намалување од 2%.
Во наведениот период, зголемување на станарините е забележано во сите членки на ЕУ, а најтешка е ситуацијата во Унгарија, каде кириите се зголемени за 107%, односно повеќе од удвоени.
Висок раст на трошоците за домување е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде станарите се соочуваат со поскапувања од над 70%, објави Евростат.

