Свет
(Видео) Илјадници на улиците на Тел Авив протестираа против новата влада на Нетанјаху
Неколку илјади луѓе синоќа излегоа на улиците на Тел Авив за да протестираат против новата влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху, која ги обединува екстремните десничарски и верски партии.
Демонстрантите се собраа во центарот на крајбрежниот град и гласно маршираа низ улиците, веејќи израелски знамиња и држејќи транспаренти против Нетанјаху.
„Заедно со илјадниците демонстранти излеговме да протестираме и јасно да кажеме – нашата земја не може да се уништи! Ќе продолжиме да се бориме за нашата демократија“, напиша на Твитер лидерот на израелската Лабуристичка партија, Мерав Михаели.
Новиот десничарски кабинет на Нетанјаху положи заклетва минатата недела, при што неколку министерски места беа доделени на ултранационалисти.
Се наведува дека владата планира сеопфатни реформи, од проширување на населбите на окупираниот Западен Брег до слабеење на моќта на судството.
Драматичните реформи на новиот министер за правда Јарив Левин во судството беа главната грижа на демонстрантите. Левин сака да му овозможи на мнозинството во парламентот да ги поништи одлуките на Врховниот суд.
Левин сака да го промени и составот на телото кое ги назначува судиите.
„Ако не излеземе на улица, ќе ја изгубиме нашата демократија“, рече еден од демонстрантите Хеви Боем, додавајќи дека новата влада е криминална и корумпирана.
Друг учесник рече дека е добро што толку многу луѓе излегоа на улица, „но дека сè уште не е доволно да се спречи оваа криминална власт“.
Меѓу изменетите закони беше и оној што му дозволи на лидерот на ултраортодоксната партија Шас Арјеха Дери да стане министер за внатрешни работи и покрај пресудата за даночни прекршувања.
Нетанјаху, од друга страна, е лидер со најдолг стаж во Израел и е вмешан во години на истраги кои вклучуваат измама, нарушување на довербата и корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Италија во проблеми: младите работници бегаат во странство
Младите квалификувани Италијанци сѐ повеќе заминуваат во странство, што може скапо да ја чини италијанската економија.
Дури 40 отсто од вработените до 34 години имаат договори на определено или сезонски договори. За остатокот од работоспособното население тој процент е значително помал и изнесува 13 проценти.
Во Италија просечната годишна бруто-плата е околу 27.000 евра, што е дванаесет отсто помалку од просекот на ЕУ и 23 отсто помалку од германскиот просек. Вработените помлади од 34 години заработуваат во просек по речиси 16.000 евра. Постојаниот, добро платен договор е редок за младите луѓе во Италија.
Експертите забележуваат опасен развој за италијанската економија – сѐ повеќе добро образовани студенти емигрираат во странство, и до 20.000 годишно, а овие бројки се тројно зголемени во последните десет години.
Кристина Фрегуја раководи со секторот на пазарот на труд во агенцијата за статистика „Иста“. Таа забележува зголемени тешкотии кога станува збор за наоѓање и задржување квалификувани работници, особено на југот на земјата, кои се итно потребни за модернизација на економијата и економскиот раст.
Додека северот на Италија сè уште има корист од емигрантите од југот, овие традиционално помалку развиени делови од земјата губат десетици илјади работници секоја година.
Состојбата на италијанскиот пазар на труд е уште потешка за младите жени. Ним им се нудат договори на определено време многу почесто од нивните машки колеги. Слабата понуда на јасли и градинки, особено на југот, дополнително ги принудува младите жени да одлучуваат помеѓу семејството и кариерата.
Свет
Украина го смени командантот на Харков
Украинскиот командант одговорен за североисточната линија на фронтот во Харков беше сменет за време на руската офанзива, изјави во понеделникот воен портпарол.
Сменет е Јуриј Галушкин, кој од април годинава беше на чело на Харков, а на негово место дојде Михаил Драпатиј, беше објавено, а причините за оваа одлука не се наведени.
Руските сили постигнаа значителни придобивки долж границата во регионот Харков во последните денови.
Украинската армијa претходно денес призна дека руските сили напредуваат во нивната офанзива во североисточниот дел на регионот Харков.
Свет
Луѓето што имаат проблеми со тежината во ЕУ одат на боледување 2,5 пати повеќе од другите
Луѓето што имаат проблеми со тежината во Европа имале 2,5 пати поголеми шанси да одат на боледување од другите, покажа истражувањето презентирано на Европскиот конгрес за дебелина во Венеција.
Според истражувањето на 122.598 работници во 26 европски земји, луѓето што имаат проблеми со тежината толку повеќе земале боледување наведувајќи болки во зглобовите, дијабетес, депресија или проблеми со срцето, пишува британски „Тајмс“.
Боледувањето е двојно зголемено во Обединетото Кралство во последните 10 години намалувајќи ја продуктивноста на британската економија за речиси 33 милијарди фунти.