Свет
Во Аргентина уапсен Црногорец, член на озлогласената банда „Пинк Пантер“
Интерпол во Буенос Аирес уапсил црногорски државјанин член на озлогласената криминалсна група „Пинк Пантер“, позната по спектакуларните кражби на скап накит, објавија денеска црногорските медиуми.
Звјездан Бегиќ (46) во Франција е осуден на 15 години затвор за кражба на накит вреден два милионa евра од златарница во Сен Тропе, а од 2017 година го барала и италијанската полиција за грабеж на златарница во Милано.
Како што пренесуваат црногорските медиуми, овој жител на Подгорица влегол во Аргентина со фалсификуван пасош на Европската Унија, а живеел во Буенос Аирес под лажен аргентински идентитет. Тој бил уапсен на 20 април додека шетал по улица во населбата Нуњез каде што се наоѓал и луксузниот стан во кој живеел.
Според извештаите на медиумите во Подгорица, аргентинските портали јавуваат дека во обвинението против Бегиќ стои дека тој припаѓа на озлогласената банда крадци на накит „Пинк Пантер“, одговорна за најмалку 130 грабежи на накит, чија вредност се проценува на десетици милиони евра.
Бегиќ, наводно, се барал за двe конкретни кражби, за кои се сомничи од меѓународните истражители.
Првата се случилa во 2005 година, кога тој и друг разбојник наводно упаднале во златарница во француското одморалиште Сен Тропе, од каде украле накит вреден два милионa евра. Потоа, наводно, побегнале со брод.
Бегиќ е осомничен и дека 12 години подоцна, во 2017, со уште двајца разбојници вооружани влегле во продавницата за накит во Милано, „Парадизо“, од каде украле 20 часовници од марката „ролекс“ и две белезици во вредност од по 200.000 евра.
Аргентинското судство, според извештаите, ќе започне процес за екстрадиција во европските земји кои го бараат.
Според полициските извештаи, озлогласената група „Пинк Пантер“ се состои од околу 200 члена – Црногорци, Срби, Хрвати, Босанци, од кои многумина имаат воено искуство и главно се товарат за грабеж на многу вреден накит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Европа
Уапсен украински министер
Украинските антикорупциски тела денеска го уапсија министерот за земјоделство Микола Солски. Судот на министерот му изрече превентивна мерка притвор во траење од 60 дена, до 24 јуни. Сепак, Солски ќе биде ослободен од притвор доколку плати кауција од 75,7 милиони гривни (околу 1,7 милиони евра).
Обвинителството побара притвор поради ризик од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и бегство. Тие истакнаа дека Солски во текот на вонредната состојба неколку пати ја минувал границата.
Адвокатот одговори дека Солски ја преминал границата поради службени патувања, освен во еден случај кога заминал на договорено отсуство. Тој се осврна и на тоа дека Солски како функционер може да патува во странство само со согласност на премиерот. Тој исто така изјави дека нема докази дека Солски би можел да се меша во истрагата или да влијае на сведоците.
Солски вчера понуди оставка откако беше осомничен за вмешаност во незаконско стекнување државно земјиште. Обвинителите тврдат дека Солски бил фатен дека поседува државно земјиште во вредност од 291 милион гривни и дека се обидел да добие друго земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски ги негира обвиненијата, за кои обвинителите велат дека се однесуваат на настани од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година. Солски е еден од најбогатите функционери во администрацијата на претседателот Володимир Зеленски.
Ако плати кауција, ќе мора да ја предаде својата обврзница на властите и нема да му биде дозволено да разговара со други осомничени и сведоци во случајот.
Свет
Хаос на факултетите ширум Америка: апсењата на студенти продолжуваат поради антиизраелските протести
Стотици американски студенти се уапсени низ американските кампуси додека полицијата ги задушува антиизраелските протести со кои се бара повлекување на Израел од Појасот Газа.
108 студенти беа уапсени на протест во Бостон во американската држава Масачусетс, а 93 беа уапсени на протест на приватниот универзитет во Јужна Калифорнија во Лос Анџелес, додека 28 студенти беа уапсени на Универзитетот Емори во Атланта во американската држава Џорџија. , соопшти полицијата, пренесува Си-ен-ен.
На Универзитетот Колумбија во Њујорк, епицентарот на демонстрациите, студентите рекоа дека нема да се разотидат додека факултетот не се согласи да ги прекине врските со израелските академски институции. Студентите од другите кампуси имаат слични барања, а во протестите учествуваат и Палестинци, Арапи, Евреи и муслимани, според Си-ен-ен.
Полицијата во Бостон во четвртокот наутро насилно ги отстрани шаторите поставени од студентите на колеџот Емерсон, при што уапси 108 од нив, објавија медиумите. На видеото може да се видат студенти како се штитат со раце и користат чадори за да и се спротивстават на полицијата.
Уште 93 студенти беа уапсени во средата навечер за време на протестите на Универзитетот во Јужна Калифорнија, соопшти полицискиот оддел во Лос Анџелес. Полицијата соопшти дека едно лице е уапсено под сомнение за напад со оружје, но не соопшти детали за инцидентот.
Студентите исто така протестираат од минатиот четврток во Технолошкиот институт во Масачусетс, Универзитетот во Тексас во Остин, Универзитетот во Мичиген, Универзитетот во Ново Мексико, Беркли, Јеил и Харвард, според Си-ен-ен.