Европа
Во Диселдорф забрана за стоење во место: „Јадете само во движење“
Градската управа на Диселдорф донесе одлука граѓаните да не смее да стојат на едно место на главните шеталишта во градот и по течението на Рајна. Политичкиот магазин „Шпигел“ пишува за оваа мерка, која ќе важи до 14 март.
Додека илјадници луѓе, кои шетаа или седеа наоколу уживајќи на сонцето преплавувајќи ги шеталиштата на Рајна во Диселдорф во текот на изминатиот сончев викенд, градската администрација, со оглед на неможноста да се усогласат правилата за физичко растојание, одлучи да не им дозволува на луѓето да се задржуваат на едно место, пренесува „Дојче веле“.
Забраната ќе остане во сила до средината на месецот. Изминатиот викенд пешаците на Рајна, кои застанувале да се напијат кафе, јаделе нешто или седеле на околните тревници, преку мегафон биле предупредувани да продолжат понатаму.
„Шпигел“ го почнува својот извештај за оваа мерка на следниов начин: „Од разгласот на комбето на Службата за јавен ред (Ordnungsamt) одекнува строг машки глас, кој вели: ‘Не задржувај се!’ Оваа служба, заедно со полицијата, ја следи усогласеноста со новото правило, чие непочитување претставува кршење на јавниот ред и мир. Со други зборови: ако седнете да јадете сладолед, ако едноставно застанете и уживате во погледот, ризикувате казна од 50 евра“.
Написот ја опишува состојбата од претходниот викенд и наведува дека многубројни полицајци и вработени во Службата за јавен ред патролирале во забранетата зона на градот. „Шпигел“ го цитира градоначалникот на Диселдорф, Стефан Келер (ЦДУ), дека овие мерки се важни за да им помогнат на луѓето подобро да се придржуваат до потребните правила за заштита од короната.
Магазинот пишува и дека еден граѓанин се обидел да ја спречи забраната со поднесување итна тужба, но во петокот попладнето (26 февруари), Управниот суд бргу ја отфрлил тужбата со образложение дека здравјето на населението е поважно од приватните интереси на тужителот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Голем пожар во фабрика во Берлин, жителите предупредени да го избегнуваат подрачјето
Голем пожар во фабрика во Берлин-Лихтерфелд, која произведува системи за противвоздушна одбрана што се користат на бојното поле во Украина.
Противпожарната бригада предупредува на отровен чад, пренесува „Билд“.
‼️ A defense-industrial company factory is on fire in Berlin
According to media reports, a fire with toxic smoke occurred at a metallurgical plant of the defense-industrial company Diehl. The company is the main contractor of the IRIS-T production program and ammunition for this… pic.twitter.com/jZBBXTEdSm
— NEXTA (@nexta_tv) May 3, 2024
Адријан Венцел, портпарол на берлинската противпожарна бригада, изјави за Билд:
„Целосно изгореа четири ката од зградата. Дел од неа е веќе урнат, а ја гаснеме однадвор. Пожарот повеќе не може да се стави под контрола однатре.
Дежураат околу 160 пожарникари. Спасувачите носат заштитни одела.
Можеме да потврдиме дека во зградата биле запалени и хемикалии. Таму биле складирани сулфурна киселина и бакар цијанид. Постои ризик да се формира водород цијанид и да се издигне во воздухот со чад“, додаде портпаролот.
Противпожарната бригада го информираше населението преку апликации за предупредување.
Feuer mit Explosionen in Berlin Lichterfelde am 03.05.2024 #Feuerwehr #brand pic.twitter.com/4hZG5XekU0
— Niko (@nl_an) May 3, 2024
Станува збор за фирма „Diehl Metal Applications“ која има сопствен систем за доработка на метални површини во објектот.
По проценка на временските услови и соодветниот правец на ветерот, чадот од фабриката се пресели на север. Противпожарната бригада советува избегнување на просторот околу претпријатието, затворање на прозорците и вратите и исклучување на вентилацијата и климатизацијата.
Сојузната држава Берлин издаде официјално предупредување за опасност, советувајќи ги луѓето да ја избегнуваат областа.
Учениците и наставниците од околните училишта беа испратени дома.
Во е-пошта до родителите, една гимназија испратила порака во која ги замолува учениците да останат дома.
Засега нема информации за причината за пожарот, но соопштено е дека нема повредени.
Европа
Борис Џонсон го вратија од гласање, дојде без лична карта: се обиде да го заобиколи сопствениот закон
Борис Џонсон (59), поранешниот британски премиер, во четвртокот бил вратен од избирачкото место, откако се обидел да гласа без лична карта, односно документ со фотографија. Како што пренесува „Гардијан“, Џонсон се обидел да го измами сопствениот закон, бидејќи токму за време на неговиот мандат во Велика Британија била донесена одредба со која се барал документ со фотографија за гласање.
Џонсон, кој поднесе оставка во 2022 година по мандатот обележан со бројни скандали, беше предупреден на избирачко место во Оксфордшир (Јужна Англија) дека мора да го има потребниот документ за докажување на неговиот идентитет. На гласачкото место му дозволија да гласа на локалните избори кои се одржаа низ цела Англија.
Портпаролот на поранешниот премиер изјави дека Џонсон гласал за конзервативците. Тој не ги демантираше пишувањата на медиумите дека поранешниот премиер немал лични документи со фотографија. Минатата година на изборите по промената на законот, околу четири отсто од испитаниците се изјасниле дека не гласале токму затоа што немаат документ со фотографија. Тоа е нешто помалку од околу 800.000 гласачи.
Владата на Џонсон го промени изборниот закон за да ја ограничи можноста за изборен фалсификат, а опозицијата остро ги критикуваше властите за потенцијално обесправување на делови од гласачкото тело. Претходно, гласачите требаше да го дадат само своето име и адреса за да гласаат.
„Мислам дека не е неразумно да се бара од оние што гласаат да покажат некаков доказ за идентитетот“, рече Џонсон во 2021 година за новите правила.
Ова е само последниот инцидент во неговата шарена политичка кариера. Како премиер беше снимен како се крие во фрижидер додека новинарска екипа го бараше за интервју, пренесува медиумот.
Истражувањето спроведено од „YouGov“ покажало дека 14 отсто од Британците пред локалните избори не знаеле дека постои правило за идентификација на гласачите со помош на лични документи.
Европа
Захарова: Секоја агресија врз Крим ќе биде проследена со силна одмазда
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска ги предупреди Вашингтон, Лондон и Брисел дека сите агресивни дејствија против Крим и мостот на Крим се осудени на неуспех и ќе бидат одговорени со силна одмазда.
„Би сакала повторно да ги предупредам Вашингтон, Лондон и Брисел дека сите агресивни дејства против Крим не само што се осудени на неуспех, туку и ќе бидат одговорени со силна одмазда“, рече Захарова на прес-конференцијата, пренесе ТАСС.
Крим е полуостров со оспорен статус, тој е под де факто контрола на Русија и е поделен на два субјекта на Руската Федерација, Република Крим и град со федерален статус Севастопол, пренесува медиумот.
Украина го смета Крим за дел од својата територија и не ја признава неговата анексија кон Русија.