Контакт

Европа

Нови санкции од САД, експлозии во Киев

Објавено пред

Седми ден од руската инвазија на Украина.

dobivaj vesti na viber

Руските напади врз украинските градови продолжуваат. Руските војници влегоа во Херсон, а во текот на ноќта продолжија нападите врз Харков и предградијата на Киев.

Украинските новински агенции објавија снимки во кои се наведува дека ги прикажуваат последиците од синоќешните борби во градот Бородинка кај Киев.

Во текот на ноќта рекетиран бил и Житомир, а ракетите, како што соопшти Украина, наместо во соседниот аеродром, погодиле куќи, при што загинале четири лица, меѓу кои и едно дете.

Денеска е нов ден за преговори.

Клучни настани:

Русија објави дека нивната војска го освоила Херсон, најголемиот град досега;

Преговорите меѓу Русија и Украина треба да продолжат денеска;

Нов ракетен напад врз Харков, погодена е главната полициска зграда, најмалку 4 лица загинале;

Руски падобранци слетаа во Харков и нападнаа воена болница, соопшти Украина;

Обраќајќи ѝ се на нацијата, Бајден порача дека Путин не знае што го чека и дека руските авиони повеќе нема да летаат над САД;

Градот Житомир бил гранатиран, четири лица загинаа, меѓу кои и едно дете;

Голем руски конвој пристигна на околу 25 километри од Киев.

Најнови настани од минута во минута:

22:30 Шевченко: Не знам дали да заминам во војна или да продолжам да помагам од далечина

„Многу сум горд што сум Украинец. Ова се тешки времиња за мојата земја, мојот народ и моето семејство. Мајка ми и сестра ми и натаму се во Киев, а таму се случуваат страшни работи“, вели од Лондон легендарниот напаѓач на украинската репрезентација и нејзин поранешен селектор

22:14 Херсон сепак е под руска контрола?

Градоначалникот на Херсон, на југот од Украина, во објава на „Фејсбук“ сугерираше дека градот е под руска контрола.

21:51 Нови информации за напади на Киев

Руски проектили наводно целеле на украинското Министерство за одбрана, но противвоздушната одбрана запрела проектил чии остатоци паднале во близина на железничката станица.

21:47 САД воведуваат нови санкции за Русија

„Новите санкции ќе ја опфатат Белорусија, имајќи предвид дека Вашингтон ја смета за одговорна за овозможување на инвазијата на Украина“, соопшти Белата куќа.

21:40 (Видео) Украина ги повика мајките на заробените руски војници да дојдат по нив

Украинската армија денеска ги повика мајките на руските војници заробени на украинска територија да дојдат по нив, наведувајќи дека од почетокот на руската инвазија на земјата биле заробени десетици војници, пренесува „Ал Џазира“.

21:20 Жители на гранатираниот Харков: Улиците се полни со загинати, Путин и Лавров се бандити

„Бомбардираа станбена зграда, истрелаа ракети кон неа. Многу цивили загинаа. Имам видео снимки од најмалку четири мртви луѓе кои лежат на земја“, изјави Виталиј Рибас, жител на Харков. „Покрај нас лежи мртво лице. Лавров и Путин се бандити. Тие треба да бидат изведени пред лицето на правдата“, додаде тој.

20:15 Русија: Ќе разговараме со Украина за прекин на огнот

Прекинот на огнот ќе биде на дневен ред на новите руско-украински преговори кои треба да се одржат рано наутро, соопштиja руските претставници.

19:30 Русија тврди дека загинале околу 500 нејзнини војници, според Украина тој број е 7.000

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека за време на специјалната воена операција во Украина загинале 498 руски војници, а 1.597 се ранети

18:17 Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се осудува нападот врз Украина

За резолуцијата гласаа 141 од 193 членови на Генералното собрание, пренесува „Ројтерс“.

Mеѓу државите кои ја поддржаа резолуцијата е Македонија, но и Србија.

17:34 Белорусија ја објави локацијата за втората рунда преговори

Белоруското министерство објави слики од т.н „Ловечка куќа“ и тврди дека таму ќе се одржи втората рунда преговори меѓу Русија и Украина.

Советник на украинскиот претседател за украинската телевизија изјави дека разговорите ќе се одржат, додавајќи: „Мислам дека работите ќе останат исти. Ништо нема да се промени. Ние ќе се држиме до нашиот став“.

17:30 Украина: Убиени 21 дете, 55 ранети

Украина извести дека од почетокот на инвазијата загинале 21 дете, а 55 се повредени.

Оваа информација ја објави украинската правобранителка.

Украинските безбедносни служби претходно соопштија дека во Украина досега се убиени повеќе од 2.000 луѓе.

17:23 Министер на Луксембург: Русите треба да го убијат Путин

„Не треба да им кажуваме на луѓето дека дипломатски ќе успееме да направиме пресврт со Путин како претседател“, вели министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн.

16:21 Руските власти велат замрзнувањето на „Северен тек 2“ неповратно ќе им наштети на односите

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека одлуката на Германија за замрзнување на сертификацијата на гасоводот „Северен тек 2“ е неприфатлива и ќе предизвика непоправлива штета на нивните билатерални односи.

16:19 Руската делегација тргнала на преговори?

Руската делегација тргнала на преговори со украинската страна, јави белоруската новинска агенција „Белта“, додавајќи дека локацијата и натаму е непозната за медиумите.

16:08 Украинците стравуваат од масакр во Мариупол: „Населба од речиси 130.000 жители е целосно уништена“

Официјални лица од градот Мариупол, во југоисточна Украина, недалеку од границата со Русија, велат дека стравуваат од голем број жртви по повеќечасовното руско гранатирање.

15:40 Проектил погоди училиште во Харков

Украинскиот Парламент објави слика на Твитер на која се гледа училиште во Харков погодено од проектил.

15:35 Русите ги опколија клучните градови во Украина

Руските сили во Украина ја засилија опсадата на клучните градови, вклучително и главниот град Киев и јужното пристаниште Мариупол, откако градоначалникот им кажа на жителите дека добил ултиматум да се предаде или градот ќе биде уништен со гранатирање.

15:30 Псаки: САД ќе вложат уште напори за да го казнат Путин

Глобалното единство на НАТО и другите земји има за цел да го повика претседателот Путин на одговорност, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, наведувајќи го воведувањето санкции и други најавени потези, пренесува Си-Ен-Ен.

15:29 Украински тенисер со закана до Путин: Ќе ти танцувам на гробот!

Тој облечен во воена униформа се појави во емисијата „Добро утро Британија“ и му порача на Владимир Путин дека ќе танцува на неговиот гроб.

15:25 Руските судии добија црвен картон од УЕФА

Европската фудбалска унија (УЕФА) воведе нови снкции кон Русија. Откако, попушти под притисокот и ги суспендираше клубовите и репрезентацијата од меѓународните натпревари, УЕФА воведе уште една санкција.

УЕФА им „покажа“ црвен картон на руските судии.

15:20 Во ЕУ почна забраната за емитување на „РТ“ и „Спутник“

Советот на ЕУ одлучи од денеска да ја прекине дистрибуцијата на руските државни медиуми „Русија денес“ и „Спутник“ на територијата на цела ЕУ.

14:55 САД ќе додадат уште богати Руси на листата на санкции

Соединетите Држави се подготвуваат да ги прошират санкциите воведени против руските олигарси, нивните компании и членови на семејствата поради рускиот напад врз Украина, објави денеска Вашингтон пост, повикувајќи се на три лица запознаени со мерките.

14:45 Свадба во болница во Киев

14:40 Реакции за новата насловна страница на „Шарли Ебдо“ – на удар рускиот претседател

Насловната страница се однесува на тековната руска инвазија на Украина Која влезе во седмиот ден, а на неа е мајмун со ликот на рускиот претседател Владимир Путин, чија урина капнува на нуклеарно копче, додека траат стравувањата за можен нуклеарен конфликт.

14: 29 Украина: Досега 2.000 цивили се убиени во руската инвазија

Украинските власти соопштија дека досега се убиени повеќе од 2.000 цивили во руската инвазија која започна пред речиси една недела.

Украинската амбасада во Турција ја објави бројката, цитирајќи ја Државната служба за итни случаи на Украина.

14:00 Нов напад на Харков: Погодена зградата на локалниот градски совет

Руски крстосувачки проектил ја погоди зградата на локалниот градски совет во Харков. Оваа вест ја потврди заменик-гувернерот на регионот Роман Семенука.

13:57 Бегалците од Украина добиваат право на престој и работа во ЕУ до три години

Европската комисија предложи активирање на Директивата за привремена заштита на украинските бегалци.

Со тоа ќе се овозможи издавање дозволи за престој, право на работа, социјална и здравствена заштита и образование. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен изјави дека секој што бега од бомбите на Путин е добредојден во Европа.

„Ќе обезбедиме заштита за оние кои бараат засолниште и оние кои бараат безбеден пат до дома“, изјави  фон дер Лајен.

13:55 Русија: Исклучувањето на сателитите е причина за војна

Русија ќе го разгледа хакирањето на кој било од нејзините сателити како оправдување за војна, изјави шефот на руската вселенска агенција, два дена откако претставник на НАТО рече дека сајбер напад врз земја-членка може да го покрене член 5, клаузулата за колективна одбрана на членка на НАТО.

13:45 Киев потврди: Преговорите продолжуваат вечерва

Втората рунда преговори меѓу Русија и Украина ќе се одржи вечерва, потврди денеска советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател Алексеј Арестович. Според него, делегациите на двете страни ќе останат непроменети.

Претходно, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, најави можност за продолжување на разговорите вечерва.

13:22 (Видео) Маж вее украински знамиња пред руските тенкови во Керсон

Откако Русите објавија дека го зазеле Керсон, најголемиот град досега, на „Твитер“ се појави видео на кое се чини дека маж вее украински знамиња пред руските тенкови.

13:15 Русите тврдат дека ја окупирале најголемата нуклеарна централа во Украина

Руските сили сега ја контролираат најголемата нуклеарна централа во Украина, изјави шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), цитирајќи информации од Москва.

12:55 Нека се подготви Одеса: Дали Русите го подготвуваат најголемиот десант во оваа војна?

Генералштабот на вооружените сили на Украина информираше дека Русија подготвува поморски десантни операции во Црното Море.

12.54 Објавено е видео на кое се гледа дека руските војници влегле во Керсон

Додека Русите упорно тврдат дека го зазеле Керсон, Украинците тоа го демантираат, но на видео објавено на Јутјуб, а кое го објави и Би-Би-Си, се гледа руската војска во центарот на градот

12:50 „Визер“ нуди бесплатни летови за украинските бегалци

„Визер“ објави дека ќе ги поддржи украинските бегалци со тоа што ќе им понуди 100.000 бесплатни места на сите летови на континентална Европа што поаѓаат од граничните земји на Украина (Полска, Словачка, Унгарија, Романија).

Од компанијата велат дека се посветени да им помогнат на бегалците да стигнат до крајните дестинации, каде и да е тоа. Како што наведуваат, веќе додадени се поголеми авиони и дополнителни летови од граничните земји кон Европа за да помогнат во поддршката на движењето на бегалците доколку е потребна.

12:40 САД: Руските трупи намерно ги саботираат сопствените возила за да избегнат борби

Тие се предаваат поради слабиот морал и недостигот на храна и гориво, а некои намерно ги саботираат сопствените возила за да избегнат да се борат со Украинците, изјави денеска за Њујорк Тајмс висок функционер на Пентагон.

12:20 Кличко: Ќе се бориме за секој плоштад, за секоја улица во Киев

„Стоиме пред една од најсилните армии во светот. Волјата да бидеме независни е врвен приоритет за нас. А ние ги браниме нашите семејства, нашиот град, нашата земја и нашата иднина“, изјави поранешниот светски шампион во тешка категорија во бокс.

12.15 Песков: Русија е подготвена да ги продолжи преговорите вечерва

„Нашата делегација ќе биде таму доцна попладне. Ќе ги чекаат украинските преговарачи. Нашата делегација ќе биде подготвена да го продолжи разговорот вечерва“, рече Песков.

12.05 Захарова: Протерувањето на руските дипломати од ОН е ескалација на односите предизвикани од Вашингтон

Протерувањето на 12 дипломати од ОН го сметаме за намерна и цинична ескалација на руско-американските односи, што беше испровоцирано од Вашингтон со кршење на неговите обврски – напиша Захарова

12.00 Кулеба: Ги координираме новите санкции против Русија поради нејзината варварска агресија против Украина

Ги координираме новите санкции против Русија поради нејзината варварска агресија врз Украина, како и чекорите да ги затвориме сите дупки и да не оставиме на Русија никакви шанси да ги заобиколи сегашните и идните санкции

11.58 Дали Лукашенко случајно откри уште една цел на Путин?

Белорускиот претседател и најголем сојузник на Путин, Александар Лукашенко, вчера се обрати во живо пред Советот за безбедност преку видео врска. Лукашенко застана пред мапата и употреби стап за да го прикаже планираното движење на војниците и цели во Украина

11.55 Алексеј Навални ги повикува Русите секојдневно да протестираат против војната

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој е во затвор во Русија, ги повика Русите да организираат секојдневни протести против воената кампања на Москва во Украина

11:50 ЕУ наметнува нови санкции кон Белорусија

Дипломатите на Европската Унија одобрија нови санкции против Белорусија поради нејзината поддршка во руската инвазија на Украина.

Се наведува дека санкциите особено ќе влијаат на некои економски сектори, оние поврзани со дрвото, челикот и калиумот.

11:48 Лавров: Третата светска војна ќе биде нуклеарна и деструктивна

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Третата светска војна ќе вклучи нуклеарно оружје и ќе биде деструктивна, како и дека Русија нема да дозволи Украина да се здобие со нуклеарно оружје.

11:20 Невооружени Украинци го блокираат влезот во градот со најголемата нуклеарна централа во Европа

Невооружените жители на Енерходар, град во југоисточна Украина, го блокираат влезот во градот од руски војници, вели градоначалникот Дмитриј Орлов. Енерходар е дом на Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа.

11:10 Украина објави податоци: убиени 5.800 Руси, уништени 200 тенкови, куп возила

Украинските власти објавија нов извештај за руските жртви и загуби. Украинците тврдат дека руската страна во конфликтот досега загубила најмалку 5.840 војници.

11:06 Навални од затвор: Ако сакаме крај на војната, треба да ги наполниме затворите со сопствените тела

Противникот на рускиот претседател, опозиционерот Алексеј Навални кој моментално се наоѓа во руски затвор, на Твитер објави преглед на војната во Украина и ситуацијата во Русија.

„ Не можеме да бидеме кукавици кои се преправаат дека не ја гледаат агресивната војна на лудиот император. Ние – Русија – сакаме да бидеме нација на мирот. За жал, малкумина можат да нè наречат така сега. Но, во најмала рака можеби нема да станеме нација на исплашени, замолчени луѓе. Кукавици кои се преправаат дека не ја забележуваат агресивната војна што ја водат луд цар против Украина“, напиша Навални.

10:40 Кога ќе се одржи втората рунда преговори: Украинската страна не ја потврдила подготвеноста за разговори

Русија и Украина најверојатно нема да одржат втор круг разговори во Белорусија во среда, изјави извор за Интерфакс.

10.30 Количка и куфер оставени покрај патот, семејствата се гушкаат – тажни слики на границата на Украина и Полска

Децата кои избегаа од конфликтот во Украина се снимени како ја минуваат границата со мајките на пешаците, за да се обединат со своите семејства, роднини и пријатели од другата страна.

10.20 Украина: Руските сили постојано го гранатираат Мариупол

Руските сили континуирано го гранатираат пристаништето Мариупол во југоисточна Украина, соопштија украинските власти

10.15 Би-Би-Си: Зошто окупацијата на Керсон е важна за Русија?

Контрола на Керсон значи и контрола на голем извор на вода. Украина го блокираше северниот дел на Кримскиот канал откако Русија го окупираше полуостровот Крим, така што најголемиот дел од снабдувањето со свежа вода за Крим беше прекинато, што предизвика недостиг на вода во анектираниот регион

10:10 Британскиот министер за одбрана: Инвазијата на Путин во Украина ќе стане брутална

Инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин на Украина ќе стане уште побрутална, изјави британскиот министер за одбрана Бен Валас.

09: 30 Спречен атентат врз Зеленски, Чеченцитe онеспособени

Според странските медиуми, елитните единици на чеченската паравојска се обиделе да го убијат Зеленски, а нивниот обид бил спречен.

09:20 Зеленски: 6000 Руси загинаа, не можат да не победат со нивните бомби и ракети

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и се обрати на украинската јавност на седмиот ден од инвазијата.

09:15 Украинец снимал тенк од зграда, подоцна тенкот пукал кон станот од каде се снимало видеото

Агенциите пренесуваат видео во украинскиот град Бороѓанка на кое, како што пишуваат, се прикажани сите ужаси на војната во оваа земја. На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како камерманот, за кој се тврди дека е цивил, снима руски тенк додека минува низ градските улици.

09.10 Украинско МНР: Русите уништија родилиште – ако ова не е геноцид, што е?

Министерството наведува дека уништеното родилиште е последица на рускиот напад. – Ако ова не е геноцид, што е тоа? – се наведува во соопштението

09.05 САД: Го затвораме американското небо за сите руски летови

САД воведуваат забрана за летање на руски авиони во американскиот воздушен простор, како одмазда за руската акција во Украина, изјави американскиот претседател Џозеф Бајден

09.00Московската полиција приведе пет деца додека протестираа против војната

Московската полиција приведе пет деца на возраст од 7 до 11 години додека тие и нивните родители протестираа против руските напади врз Украина

08:55 Путин ги преместува членовите на семејството во нуклеарен бункер во Сибир, тврди политиколог

Според руски политиколог претседателот Владимир Путин во последните денови ги преселува членовите на семејството во „подземен град“ во Сибир.

08: 40 Бајден направи нов гаф: Украинците станаа Иранци

Американскиот претседател Џозеф Бајден за време на годишното обраќање пред Конгресот за состојбата на нацијата направи гаф кој ги разбранува социјалните мрежи. Зборувајќи за ситуацијата во Украина, тој ги помеша Украинците со Иранците, пишуваат медиумите.

08.30Руско Министерство: Го окупиравме Керсон

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните војници го окупирале јужниот украински град Керсон, пренесе Би-Би-Си.

08.25Драматично обраќање на Бајден до нацијата: Путин не е свесен што му следи

„Војната на Путин беше однапред испланирана и неиспровоцирана. Тој ги отфрли тековните дипломатски напори. Мислеше дека Западот и НАТО нема да одговорат. И мислеше дека може да не подели. „Путин згреши, ние останавме обединети“, рече Бајден во едночасовното обраќање пред Конгресот

08.22 Неизвесно е дали ќе има нови преговори меѓу Украина и Русија
Нова рунда преговори меѓу делегациите на Украина и Русија се очекува денеска на територијата на Белорусија, во нејзината западна област на шумата Бјаловиеза, дознава ТАСС. Сепак, сè уште ништо не е сигурно за овој настан, како што беше случајот со преговорите на 28 февруари во регионот Гомел во Белорусија.


08:20 Во гранатирањето на Харков загинаа 21 лице, а 112 се ранети

Најмалку 21 лице загина, а 112 се ранети во гранатирањето на градот Харков во источна Украина во последните 24 часа, изјави регионалниот гувернер Олег Синехубов, пишуваат украинските агенции.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа

Медведев: Можен е глобален конфликт, ситуацијата е многу опасна

Објавено пред

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, изјави дека светот станува многу опасно место, но дека Русија не сака глобален конфликт. Руската инвазија на Украина во 2022 година предизвика најголема конфронтација меѓу Москва и Западот од врвот на Студената војна, иако претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп во моментов се обидуваат да преговараат за крај на војната со Русија и Украина, објави Ројтерс.

dobivaj vesti na viber

Медведев го пофали Трамп и рече дека е охрабрувачки што контактите со Вашингтон се обновени. Сепак, Медведев, кој во минатото даваше остри изјави до Киев и западните сили, и предупредуваше на ризикот од ескалација на војната во нуклеарна „апокалипса“, рече дека Западот постојано ги игнорирал руските интереси.

„Ситуацијата е многу опасна“, рече Медведев во интервју за Ројтерс, ТАСС и рускиот воен блогер ВарГонзо во неговата резиденција во близина на Москва. „Се чини дека прагот на болка се намалува“.

„Не сме заинтересирани за глобален конфликт. Не сме луди“, рече Медведев, кој беше претседател на Русија од 2008 до 2012 година. „Но, не може да се исклучи глобален конфликт“.

Претседателот Владимир Путин го има последниот збор за руската политика, но странските дипломати веруваат дека Медведев, сега истакнат јастреб, дава увид во размислувањето на тврдокорните во рамките на руската елита. Во просторијата каде што се одвивало интервјуто, имало карикатура на која Медведев насочува автоматска пушка кон европските лидери.

И Путин и Трамп ги споменаа ризиците од ескалација околу Украина, иако европските дипломати веруваат дека Москва вешто ја искористила картата за да ги заплаши сојузниците на Украина од премногу вклучување во војната.

„Тие велат: ‘Нем, Русите измислуваат сè, шират паника и никогаш нема да направат ништо“, рече Медведев, додавајќи дека она што Кремљ го нарекува „специјална воена операција“ во Украина покажува дека Русија ќе се залага за своите интереси.

Украина и нејзините европски сојузници ја гледаат војната, најсмртоносната во Европа од Втората светска војна, како империјалистичко присвојување на територија. Тие тврдат дека ако Русија ја добие Украина, еден ден ќе го нападне НАТО, тврдење што Русија го отфрла како бесмислено. Конфликтот избувна во источна Украина во 2014 година откако прорускиот претседател беше соборен во револуцијата на Мајдан. Русија потоа го анектираше Крим, а сепаратистите поддржани од Москва почнаа да се борат против украинските сили.

Запрашан за низа глобални настани во јануари, вклучувајќи ги и оние во Венецуела и околу Гренланд, Медведев рече дека тоа е едноставно „премногу“. Коментирајќи го венецуелскиот претседател Николас Мадуро, руски сојузник, Медведев рече дека САД сигурно би го сметале за чин на војна ако Трамп биде „киднапиран“ од странска сила.

Тој, исто така, ги отфрли западните тврдења за руска или кинеска закана за Гренланд како лажни „хорор приказни“ измислени од западните лидери за да ги оправдаат сопствените постапки.

Прикажи повеќе...

Европа

Поранешен британски министер ја напушта Лабуристичката партија поради неговите врски со Епштајн

Објавено пред

Поранешниот британски министер Питер Манделсон ја напушти Лабуристичката партија на премиерот Кир Стармер по новите извештаи за неговите врски со покојниот американски финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, објавија вчера медиумите.

dobivaj vesti na viber

Манделсон, кој беше отстранет од Стармер минатата година од функцијата британски амбасадор во Соединетите Држави по откритијата за неговите врски со Епштајн, рече дека не сака да предизвика „понатамошен срам“ за Лабуристичката партија, се вели во извештаите.

„Овој викенд повторно бев поврзан со оправданата контроверзност околу Џефри Епштајн и жалам за тоа“, рече Манделсон во писмо до Лабуристичката партија, објавено од Би-Би-Си и други.

Манделсон рече дека верува оти обвинувањата за плаќањата на Епштајн на неговата сметка, кои се појавија во британските медиуми врз основа на документи објавени од Министерството за правда на САД, се лажни и ќе ги истражи.

„Иако го правам ова, не сакам да предизвикам понатамошен срам за Лабуристичката партија, па затоа го повлекувам моето членство во партијата“, се вели во писмото. Манделсон беше клучен во изборниот успех на Лабуристичката партија кога Тони Блер беше премиер на почетокот на 1990-тите.

Минатата година тој беше критикуван од јавноста откако американските пратеници објавија документи, вклучувајќи писмо во кое тој го нарекува Епштајн „свој најдобар другар“, што доведе до негово отстранување од функцијата британски пратеник во Вашингтон.

Прикажи повеќе...

Европа

(Видео) Русите се предадоа на украински вооружен робот

Објавено пред

Додека руската инвазија на Украина влегува во својата четврта година, далечински управуваните копнени роботи стануваат вообичаена глетка на бојното поле.

dobivaj vesti na viber

Украина стана светски лидер во развојот на беспилотни копнени возила (UGV), за кои војската вели дека ќе ѝ овозможат координирање на роботско војување, а воедно и намалување на човечките жртви, според Фондацијата Џејмстаун, одбранбен тинк-тенк.

Сега, видеото стана вирално на социјалните мрежи, наводно прикажувајќи двајца руски војници како се предаваат на токму таков робот, објавува  Futurism.

Снимки од бојното поле
На видеото се прикажани двајца руски војници како излегуваат од зграда со кренати раце и се предаваат на вооружен робот.

Според украинскиот воен портал Militarnyi, станува збор за извидувачка и ударна копнена единица наречена Droid TW, произведена од украинската одбранбена компанија DevDroid. Дроидот користи вештачка интелигенција за автономно препознавање цели и е вооружен со муниција од 7,62 мм.

Роботот првично е развиен на барање на Првиот медицински баталјон на украинската армија, кој барал начин да ги евакуира ранетите под силен оган, но судејќи според снимките, армијата пронашла друга примена за него.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија11 часа

„Сè беше легално и со дозволи“: како Македонија учествувала во проектот со мозоци што беше споменат во документите за Епстин

Македонија била вклучена во меѓународен научен проект кој се споменува во документите поврзани со починатиот американски милијардер Џефри Епстин,пишува Дојче...

Македонија12 часа

Вратата кај бината во „Пулс“ служела да излезат малолетниците во случај на полициска рација, сведочи 25-годишниот Петар Марковски

На денешното рочиште за пожарот во кочански „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, 25-годишниот Петар...

Македонија12 часа

Над 45 милиони денари вратени во државниот буџет; Фетаи: Конфискацијата на нелегално стекнатиот имот дава конкретни и мерливи резултати

Денес се одржа првиот конститутивен состанок на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што официјално започна...

Македонија12 часа

Тројца експерти од странство во составот на комисијата за истражување на кардиолошките и кардиохируршките операции, соопшти Министерството за здравство

Странската комисија за истражување на кардиолошките и кардиохируршките операции ја сочинуваат тројца врвни експерти од областа, соопштија од Министерството за...

Македонија13 часа

Нудел 50.000 евра мито за пари од ИПАРД програмата: поднесено обвинение против повеќе лица

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од ОЈО ГОКК денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно...

Економија13 часа

Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука...

Македонија13 часа

Не знаеме кого Трендафилов чекал во празна сала, средбата помеѓу премиерот Мицкоски и претставниците на УПОЗ е закажана за во четврток, велат од Владата

Владата, како што соопштија од таму, најостро реагира на обидите за создавање лажна слика за социјалниот дијалог, а во врска...

Македонија13 часа

Владин претставник не дојде во ССМ за зголемување на минималецот: Бегаат од одговорноста како што бегаа цела 2025 година, вели Трендафилов

Со објава на социјалните мрежи утрово претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов извести дека владин претставник...

Свет17 часа

(Видео) Идентификувани агентите кои го убија Алекс Прети

Владини документи ги открија идентитетите на двајцата федерални полицајци кои го застрелаа и убија Алекс Прети во Минеаполис. Станува збор...

Свет18 часа

(Видео) Зимската бура во САД не се смирува: стотици илјади луѓе без струја, откажани летови

Тешките зимски услови ги нарушија транспортните и енергетските системи низ САД, приземјувајќи повеќе од 1.200 авиони и оставајќи десетици илјади...

Свет20 часа

(Видео) Американските ѕвезди на Греми наградите му испратија порака на Трамп: „Ние не сме животни, ICE надвор“

Музичарот од Порторико, Бед Бани, повика на „исфрлање“ на американската Служба за имиграција и царина (ICE) додека ја примаше наградата...

Свет20 часа

Премиерката Такаичи би можела да оствари убедлива победа на изборите во Јапонија

Партијата на јапонската премиерка Санае Такаичи веројатно ќе обезбеди убедлива победа на изборите за долниот дом на парламентот следната недела,...

Свет20 часа

Иранскиот демонстрант Ерфан Солтани ослободен со кауција

Иранскиот демонстрант Ерфан Солтани, кој беше уапсен за време на антивладините протести и се стравуваше дека ќе биде осуден на...

Свет20 часа

Трамп: Мислам дека ќе постигнеме договор со Куба

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се во дијалог со кубанските власти што би можел да доведе до договор,...

Македонија1 ден

(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди...

Свет1 ден

Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче

Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се...

Регион1 ден

Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба

Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање...

Македонија2 дена

Мицкоски најави дека ќе се чека уште 11 месеци да стигнат нови камиони на Комунална хигиена

Преку Министерството за транспорт и во соработка со Светската банка ќе се набават 40 нови возила за потребите на ЈП...

Свет2 дена

(Видео) Сведоштво на мајката и сопруга на уапсените за марихуаната поврзана со Македонија

Членови на семејството Спасојевиќ и нивни соседи се огласија по заплената на повеќе од пет тони марихуана на семеен имот...

Македонија2 дена

Петте тони марихуана откриени кај Крушевац биле набавени во Македонија

Вишиот суд во Белград синоќа им одреди притвор на тројца уапсени по заплената на пет тони марихуана во селото Коњух...