Свет
Во Индија почнаа изборите, кои ќе траат шест недели, а ќе гласаат речиси 970 милиони
Денеска, почнаа најобемните избори во светот, а речиси 970 милиони регистрирани гласачи во Индија учествуваат во овој огромен процес, кој ќе се одвива во седум фази и ќе трае дури шест недели.
Премиерот Нарендра Моди се надева дека ќе освои трет последователен мандат во земјата со 1,4 милијарда жители. Гласачите, всушност, не го избираат директно премиерот, туку 543-те пратеници на Лок Сабха, долниот дом на парламентот на најнаселената земја во светот, објави „Дојче веле“.
На натпреварот учествуваат шест национални партии, 57 партии од индиските сојузни држави и 2.597 помали партии. Сепак, главната трка ќе биде меѓу двете најголеми политички партии во Индија: владејачката Индиска народна партија (БЈП) и опозицискиот Индиски национален конгрес (ИНЦ) или скратено Конгресната партија.
За да се спротивстави на владејачката БЈП и премиерот Моди, Конгресната партија формира сојуз од 28 партии, наречен Индиски национален развој – инклузивен сојуз.
Според анкетите, премиерот Моди и неговата хинду-националистичка БЈП се очекува да победат на изборите оваа година.
Моди е популарен лидер, делумно благодарение на агендата насочена кон хинду-мнозинството во Индија, кое сочинува 80 отсто од населението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Серија пропусти во Лувр: Крадците избегале со 30 секунди предност
Истрагата за кражбата на крaлскиот накит од Лувр открива дека крадците успеале да ѝ побегнат на полицијата со предност од само 30 секунди, поради серија безбедносни пропусти, објави „Гардијан“.
Извештајот претставен пред комисија на францускиот Сенат покажува дека во моментот на кражбата работела само една од двете надзорни камери во областа, а персоналот во контролната соба немал доволно монитори за следење на снимките во живо. Полицијата, пак, по активирањето на алармот била испратена на погрешна локација.
Шефот на истрагата, Ноел Корбин, изјавил дека само „плус-минус 30 секунди“ би биле доволни за обезбедувањето или полицијата да го спречат бегството. Современа видео-oпрема, поотпорно стакло или подобра координација, според него, ќе можеле да спречат исчезнување на накитот вреден 88 милиони евра, кој сè уште не е пронајден.
Извештајот дополнително открива дека управата на Лувр со години била предупредувана за безбедносни слабости. Ревизија од 2019 година, нарачана од претходниот директор Жан-Лук Мартинез, укажувала дека местото од каде крадците влегле – балкон со пристап однадвор – е лесно достапно со скали. Сегашната директорка Лоренс де Карс не знаела за таа анализа и препораките никогаш не биле спроведени.
Полицијата смета дека ги уапсила четворицата осомничени, кои по кражбата во Галеријата Аполо избегале со мотори. Откритијата создаваат голем притисок врз Де Карс, првата жена на чело на музејот, во моменти кога Долниот дом на парламентот спроведува сопствена истрага. Францускиот државен ревизор минатиот месец оцени дека безбедносните подобрувања се спроведувале „неприфатливо бавно“.
Во меѓувреме, музејот се соочува и со други проблеми: очекуван е штрајк на вработените што бараат подобри услови поради недостиг на персонал и огромни гужви, а неодамнешно истекување вода оштетило стотици списанија и документи во египетскиот оддел.
Свет
Лидерите на Франција, Британија и Германија 40 минути разговарале со Трамп за Украина
Лидерите на Франција, Велика Британија и Германија разговарале 40 минути со американскиот претседател Доналд Трамп за ситуацијата во Украина, потврди претседателот Емануел Макрон.
Во телефонскиот разговор учествувале и британскиот премиер Кир Стармер и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Разговорите се случуваат во момент кога Трамп врши притисок врз Киев да прифати договор за завршување на руската инвазија.
Свет
САД ќе ги објават тајните списи за Епштајн: Судот даде зелено светло
Американски сојузен судија во Њујорк одобри Министерството за правосудство да ги објави записите од големата порота поврзани со случајот за трговија со луѓе против Џефри Епштајн од 2019 година, јави „Би-би-си“.
Одлуката на судијата Ричард Берман ги поништува неговите претходни насоки материјалот да остане таен и се темели на новиот Закон за транспарентност на документите за Епштајн, кој го обврзува Министерството да ги објави документите до следната седмица.
Епштајн беше обвинет за трговија со луѓе во јули 2019 година, а еден месец подоцна почина во затвор во Њујорк додека го чекаше судењето.
Законот потпишан минатиот месец од американскиот претседател Доналд Трамп бара објавување на сите некласифицирани истражни материјали за Епштајн, вклучувајќи документи и комуникации.

