Свет
Во нападот во Ница убиени три лица, една жена е обезглавена
Во нападот што се случи во Ница, за кој се сомнева дека е терористички, убиени се три лица со нож, а една жена е обезглавена, јавија француските медиуми. Полицијата го уапсила осомничениот.
BREAKING – Knife stabbing attack at Notre-Dame church in Nice. One dead and several injured. pic.twitter.com/EOoQGL2yHG
— Disclose.tv ? (@disclosetv) October 29, 2020
Во нападот што се случил во близина на една црква, повредени се неколку лица.
Градоначалникот на Ница, Кристијан Естроси, потврди дека наводниот сторител е уапсен и ѝ се заблагодари на полицијата за брзата реакција.
„Јас сум со полицијата на самото место. Потврдувам дека сè сугерира на терористички напад во близина на базиликата“, рече тој.
Нападот се случува неколку дена откако еден човек со чеченско потекло во Париз му ја отсече главата на францускиот професор Самуел Пети.
Напаѓачот рече дека сакал да го казни Пети затоа што им покажувал на студентите карикатури на пророкот Мухамед за време на часовите.
Не е јасно кој бил мотивот за нападот во Ница и дали тој е поврзан со оној во Париз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп казнет со 9.000 долари
Помалку од седум месеци пред претседателските избори во ноември, на републиканскиот кандидат Доналд Трамп му се суди затоа што се обидел да го купи молкот на поранешната порно ѕвезда Сторми Даниелс неколку дена по изборите во 2016 година на кои ја победи демократската кандидатка Хилари Клинтон.
Судијата Хуан Мерчан рече дека Трамп е казнет со 9.000 долари поради кршење на забраната за коментирање на сведоци. Обвинителите го обвинија поранешниот претседател дека повеќе пати ја прекршил забраната за коментирање и побараа од судијата да го казни со 1.000 долари по прекршок, пишува Гардијан.
Според забраната, Трамп не смее да дава, или да наложува други да даваат јавни изјави за сведоците на судењето, обвинителите и членовите на судскиот персонал. Пред судењето, судијата Мерчан ја прошири оваа забрана за коментирање на членовите на семејството откако Трамп напиша објава за ќерката на Мерчан.
Трамп мора да отстрани седум навредливи објави од социјалната мрежа „Truth Social“ и две објави од неговата веб-страница на кампањата до 14:15 часот. „Го предупредуваме обвинетиот дека судот нема да толерира натамошно кршење на правните наредби и дека доколку е потребно и соодветно со оглед на околностите ќе биде осуден на затворска казна“, се вели во судската пресуда.
Европа
Белоруските спортисти одат на Олимписките игри, Лукашенко: Победете ги противниците
Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска им порача на белоруските спортисти кои учествуваат на Олимписките игри во Париз под неутрален статус „да ги победат своите противници“.
„Ако сте избрале и одите таму под неутрален статус, истепајте ги, покажете им дека сте вистински Белоруси“, рече Лукашенко во соопштението за печатот на претседателството.
За време на посетата на регионот Могилев во Белорусија, жителите го прашале Александар Лукашенко што мисли за ова учество под неутрален статус, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на белоруското претседателство.
„Спортистот треба да избере. Доколку одлучи да учествува на Олимписките игри, ќе биде уште пожесток. Затоа што разбирате дека состојбата на умот и гневот не се од мала важност во спортот“, реагира Лукашенко. „Вие сте Белорусија и кога ќе излезете како победници, тоа е добар начин политички да ги удрите во лице“.
Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, ги искорени сите форми на опозиција во неговата земја, потиснувајќи мирно масовно движење во 2020 година. Тој е навикнат и на широки изјави и испади, како на пример кога парадираше со калашников во раката пред демонстрантите кои се противат на неговото владеење, нарекувајќи ги „стаорци“. Во февруари 2022 година, тој ја отвори Белорусија за руската армија за да може да ја нападне Украина од север.
Белорусија беше исклучена како земја од Игрите поради нејзината поддршка за руската инвазија на Украина, а нејзините спортисти се натпреваруваат под неутрален статус, без химна, знаме или национални обележја.
Европа
(Видео) Полицијата го бркаше убиецот со меч низ Лондон, објавена е снимка
Би-би-си објави снимка на која се гледа лондонската полиција која го брка напаѓачот со нож, кој денеска уби 13-годишно момче и повреди неколку други.
На снимката се слушаат полицајците како им викаат на граѓаните: „Заклучете ги вратите“.
Полицијата смета дека не се работи за терористички напад.
Полицајците уапсија маж вооружен со меч по извештаите за сериозен инцидент со прободување во североисточен Лондон.
Со електрошокер бил совладан 36-годишниот маж кој мавтал со меч.
„Со голема тага можам да потврдам дека 13-годишното момче кое беше избодено, почина во болница набргу откако му биле нанесени убодите“, изјави началникот на лондонската полиција Стјуарт Бел.
Уште две лица и двајца полицајци се во болница поради убодни рани и се надвор од животна опасност.
„Не мислиме дека постои закана за пошироката заедница, полицијата не бара други осомничени и се чини дека овој инцидент не е поврзан со тероризам“, рече Бел.