Свет
Германски авиони на борбени позиции поради руски авион над Балтикот
Германски воени авиони, стационирани на источното крило на НАТО, од август минатата година 27 пати заземале борбени позиции по предупредувањето за непознати авиони во Балтичкиот Регион, соопшти германски „Луфтвафе“.
За време на распоредувањето на авионите, германските сили идентификувале руски воен авион над Балтичкото Море, изјави портпаролот на „Луфтвафе“. За германските авиони „еурофајтер тајфуни“ се огласила тревога кога непознат авион се приближил до воздушниот простор на Балтикот, без сигнал од транспондер или радиоконтакт.
Повеќе од 150 германски војници се стационирани во Естонија од август минатата година со цел да го заштитат воздушниот простор на источното крило на НАТО. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер утре треба да ја посети воздухопловната база Амари.
Трите балтички држави и членки на НАТО, Естонија, Литванија и Летонија, немаат свои воздушни сили, а НАТО ги користи литванските бази Амари и Сијаулијај за да го надгледува тој воздушен простор. Сојузниците на НАТО го ротираат распоредувањето авиони и персонал во овие бази. Германија учествува во оваа мисија од 2005 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маск подготвен да биде домаќин на изборната дебата на претседателските кандидати во САД
Американскиот претприемач и милијардер Илон Маск денеска објави подготвеност да биде домаќин на изборната дебата на кандидатите за претседател на САД, која се очекува да се одржи меѓу сегашниот и поранешниот американски претседател Џозеф Бајден и Доналд Трамп, со учество на независниот кандидат Роберт Кенеди Џуниор.
„Се разбира“, напиша Маск на својот профил на социјалната мрежа X, одговарајќи на прашањето на Кенеди дали тој ќе биде домаќин на дебатата.
Маск рече и дека смета оти во предизборните дебати треба да учествува независниот претседателски кандидат на изборите во САД, Роберт Кенеди Џуниор.
Свет
Руски беспилотни летала гаѓаа украинска енергетска инфраструктура, делови од земјата без електрична енергија
Руски беспилотни летала погодија електрани рано утринава, прекинувајќи ја струјата во некои делови од областа Суми во северна Украина, соопштија властите.
Во објава на комуникациската платформа Телеграм, регионалните власти соопштија дека беспилотните летала ги погодиле градовите Шостка и Конотоп, североисточно од Киев и во близина на границата со Русија. Воздухопловните сили на Украина соборија седум беспилотни летала користени во нападот, соопштија регионалните власти.
Украинската војска соопшти дека соборила 24 беспилотни летала лансирани од Русија во напад во текот на ноќта врз пет други региони на југот и на истокот на земјата.
Службите за итни случаи работат на враќање на струјата во три окрузи.
Пред нешто повеќе од една недела, руските сили ја преминаа границата и почнаа да навлегуваат во североисточниот регион Харков, а властите предупредија на трупање војници и можен напад врз соседниот регион Суми.
Европа
Норвешка ја призна палестинската држава
Владата на Норвешка денеска соопшти дека нордиската земја признава независна палестинска држава.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Стор денеска изјави дека скандинавската земја донела одлука официјално да ја признае Палестина како држава.
Одлуката стапува на сила на 28 мај, објави АП.
„Не може да има мир на Блискиот Исток доколку не дојде до признавање“, рече норвешкиот премиер, додавајќи дека „Палестина има основно право на независна држава“.
Неколку земји од Европската унија во последните недели дадоа индикации дека планираат да ја признаат Палестина, бидејќи сметаат дека решението со две држави е клучно за траен мир во тој регион.
Норвешка, која не е членка на Европската унија, но најмногу ги следи одлуките на Брисел, долго време го поддржува решението со две држави, Израел и Палестина.