Свет
Големи протести против расизмот се шират во светот
Илјадници демонстранти излегоа на улиците во Европа и Австралија, како и стотина во Токио и Сеул, за да ги поддржат американските протести против полициската бруталност.
Протестите кои се шират во светот покажуваат се поголем бес и гнев поради полициските постапки кон етничките малцинства, а избија откако американски полицаец на 25 мај во Минеаполис, со колено на вратот го задуши Афроамериканецот Џорџ Флојд, за време на апсење.
Протести против расизмот какви што не се видени досега на Стариот континент, сега се шират во делови на Европа, со десетици илјади демонстранти на улиците.
Во Лондон и покрај дождот на улица излегоа илјада демонстранти, собирајќи се пред зградата на парламентот. Демонстрантите носеа заштитни маски поради коронавирусот и извикуваа слогани како „Без правда нема мир, не за расистичката полиција“, исто како и демонстрантите во САД.
Министерката за внатрешни работи, Прити Пател ги повика луѓето да не излегуваат на протестите поради опасност од пандемијата. Коронавирусот во Британија одзеде најмногу животи после САД.
На протест излегоа и граѓаните на Берлин, Хамбург и на Варшава.
Париските власти ги забранија протестите пред американската амбасада и на ливадите околу Ајфеловата кула, но демонстрантите сепак се собраа покрај амбасадата на САД, носејќи натписи како „Црните животи се важни“. Силите за безбедност поставија заштитна ограда преку плоштадот за да ги спречат демонстрантите дополнително да се доближат до амбасадата, а во близина е и Ајфеловата кула, седиштето на францускиот претседател.
Протестите се одржаа и во Азија и во Австралија, но со помал одѕив поради мерките за физичка дистанца кои се на сила.
Полицијата во Бризбејн, еден од австралиските градови во кои се одржаа протести, проценува дека на улиците излегле 10 илјади луѓе, кои носеле заштитни маски и натписи „Црните животи се битни“. Многумина се завиткале во абориџински знамиња, повикувајќи на престанок на лошиот полициски третман врз автохтоното австралиско население.
Судот во Сиднеј ја отфрли забраната за собир поради коронавирусот, па на протестот излегоа неколку илјади луѓе.
Во Токио демонстрантите се собраа и против наводната полициска бруталност кон Курдите.
Неколку десетици илјади јужнокорејски активисти од странство се собраа во Сеул, додека во Банкок активистите својот протест го изразија на интернет.
Тајланѓаните пак се снимаат во црна облека, со рацете во воздух и со натписи за поддршка на американските демонстранти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Мексико нападната шефицата на полицијата на автопат, ѝ ја отсекле главата
Мексиканските власти вчера објавија дека една шефица полицајка и нејзините двајца помошници биле убиени при напад на автопат во државата Мичоакан. Агенцијата за државна безбедност на социјалните мрежи објави дека тројца полицајци биле убиени за време на должноста во неделата вечерта, пишува „Си-би-ес њуз“.
Меѓу нив беше и Кристал Гарсија Хуртадо, регионален полициски командант. Локалните медиуми јавија дека напаѓачите ѝ ја отсекле главата.
„Го осудуваме кукавичкото убиство на нашите колеги од полицијата, кои беа брутално нападнати додека ја извршуваа својата должност“, се вели во објавата на социјалните мрежи, во која се идентификувани другите две жртви како Ицел Мадеро Лареа и Давид де Хесус Еспиноза Валдез.
Нападот се случил на автопатот што ги поврзува градовите Пацкуаро и Уруапан. Државното обвинителство на Мичоакан, кое ја води истрагата, веднаш не го коментира инцидентот. Мичоакан има голем проблем со конфликтите меѓу бандите. На почетокот на овој месец тројца земјоделци беа разнесени со бомба.
Тоа се случи само неколку дена откако претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор призна дека импровизирана експлозивна направа убила најмалку четворица војници, во, како што рече, стапицата што веројатно ја поставил картелот Мичоакан. Во февруари двајца кандидати за градоначалник на градот Мараватио беа убиени за неколку часа еден од друг.
Свет
Лојд Остин: Нема да дозволиме Украина да пропадне
Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, на состанокот на контакт-групата за одбрана на Украина изјави дека Вашингтон нема да дозволи Украина да пропадне.
„САД нема да дозволат Украина да пропадне. Оваа коалиција нема да дозволи Украина да пропадне“, рече Остин на почетокот на состанокот на претставниците на 50-те земји, кои обезбедуваат воена помош за Украина, пренесува „Ројтерс“.
Средбата се одржува во американската воена база во Рајмштајн, Германија.
Свет
ЕУ воведе санкции за 30 руски функционери што се сметаат за одговорни за смртта на Алексеј Навални
Земјите од ЕУ ќе воведат санкции против 30 руски функционери поради смртта на водечкиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел.
„Се договоривме за санкции за одговорните за убиството на Алексеј Навални“, изјави Жозеп Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, пишува „Евроњуз“.
Навални, најистакнатиот руски опозициски лидер, почина во арктичкиот затвор во февруари, каде што беше задржан во тешки услови.
Официјални лица рекоа дека Европската Унија ќе ги следи Соединетите Држави и Велика Британија во наметнувањето забрани за патување и замрзнување на имотот на руските службеници одговорни за третманот на Навални.
Имињата на санкционираните од ЕУ ќе бидат објавени во наредните денови.
Договорот за санкционирање на одговорните за смртта на Навални доаѓа откако рускиот лидер Владимир Путин освои нов шестгодишен мандат на изборите што Западот ги означи како наместени.
Навални стана познат за време на масовните продемократски протести во Русија во 2011-2012 година. На критичарот на Кремљ му беше забрането да се кандидира на претседателските избори во 2018 година поради пресудата за измама што САД и ЕУ ја критикуваа како политички мотивирана.