Европа
Дали важат истите правила за политичарите како и за обичните граѓани за време на пандемијата?
Во неколку земји забележавме како политичарите не ги почитуваат рестриктивните мерки воведени за да се намали ширењето на коронавирусот.
Случајот со главниот советник на британскиот премиер, кој во време на забрана за движење со семејството отпатува од Лондон во северна Англија, предизвика бурни реакции во британската јавност, а слични примери се забележани во уште неколку европски земји.
Па, во анализа на „Евроњуз“ се наметна прашањето: Дали за владејачката елита важат едни правила, а за обичниот свет други?
Освен гневните граѓани и претствниците на опозицијата, оставка од британскиот советник Доминик Камингс побараа и 40-ина пратеници од Конзервативната партија на Борис Џонсон, која деновиве бележи рекорден пад на популарноста, но и неколку бискупи од Англиската црква.
Пред овој скандал во Британија, во Ирска се појавија фотографии од премиерот Лео Варадкар, на кои се гледа како за време на рестриктивните мерки тој со партнерот и пријателите ужива на излет во еден парк по што беше критикуван дека со тоа дава лош пример за граѓаните.
Австрискиот претседател, Александер ван дер Белен, беше принуден јавно да се извини поради тоа што со одењето во ресторан со сопругата го прекршиле полицискиот час, а и премиерот Себастијан Курц мораше да упати извинување поради тоа што не носеше заштитна маска додека за време на посета на едно село во близина на границата со Германија се најде во група луѓе.
Во Германија лидерот на либералната партија ФДР, Кристијан Линднер, е забележан како во ресторан се прегрнува со пријател, очигледно игнорирајќи ја опасноста од заразата по што јавно ја призна грешката.
Во Полска на свеченост во знак на сеќевање на жртвите од авионската несреќа кај Смоленск, во која во 2010 година загина и тогашниот претседател Лех Качински, премиерот Матеус Моравјецки не носеше маска, што во јавноста беше карактеризирано како кршење на едно од правилата воведени поради пандемијата.
Спротивен пример на прекршителите на правилата е холандскиот премиер Марк Руте, кој, придржувајќи се на мерките за забрана на посетите на домовите за нега на стари лица, не ја посетил својата мајка, која била на смртна постела, наведува „Евроњуз“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.