Свет
Дали имало траги од куршуми на хеликоптерот? Објавен е прелиминарен извештај за падот на авионот на иранскиот претседател
Трупот на хеликоптерот на починатиот претседател на Иран, Ебрахим Раиси, се запалил откако удрил во рид, се наведува во прелиминарниот извештај на Центарот за односи со јавноста на иранскиот Генералштаб за несреќата.
„Со сигурност може да се каже дека хеликоптерот кој се урнал се запалил откако удрил во рид“, јави „ТВ ИРИБ“.
По падот, пилотот успеал да воспостави контакт со пилотите на два други хеликоптери, кои превезувале други членови на претседателската делегација, соопшти Центарот за односи со јавноста на иранскиот Генералштаб, пренесе ТАСС.
Потрагата продолжи и во текот на ноќта поради магла, студено време и нерамен терен.
Конечно, местото на несреќата го лоцираше иранско беспилотно летало во понеделникот во 5 часот по локално време.
И Центарот за односи со јавноста на иранскиот Генералштаб соопшти дека на трупот на хеликоптерот на починатиот ирански претседател не се пронајдени траги од куршуми.
„На трупот на соборениот хеликоптер не се пронајдени траги од куршуми или слични предмети“, јави ТВ ИРИБ.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси беше погребан во светилиштето на Имам Реза во Машхад, најсветото место за шиитските муслимани во Иран.
Според градоначалникот Мохамадреза Каландар Шариф, околу три милиони луѓе присуствувале на погребот во родниот град на Раиси.
На погребот присуствуваа високи ирански претставници, меѓу кои и врховниот лидер Али Хамнеи, како и претставници на Ирак, Авганистан, Турција, Туркменистан и Саудиска Арабија.
Тридневните погребни ритуали за смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси започнаа во вторникот во градот Табриз во иранската провинција Источен Азербејџан.
Телото на Раиси потоа беше пренесено во Техеран и Бирџанд, каде луѓето му оддадоа почит на претседателот.
Во Иран е прогласена петдневна жалост поради смртта на Раиси.
Раиси и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиџан и други официјални лица загинаа кога хеликоптерот се урна на 19 мај во северозападниот дел на Иран.
Во несреќата загинаа и двајца телохранители, двајца пилоти и еден член на екипажот, пренесе „Ирна“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

