Свет
Првпат во историјата ќе биде формирана израелска влада со поддршка од арапска партија
На заедничката цел за отстранување на Бенјамин Нетанјаху од позицијата најдолговечен израелски премиер, во средата се приклучи и Мансур Абас. Неговата мала исламска партија им дозволи на еврејските партии минимално мнозинство во Кнесетот.
Така, Раам стана првата партија на арапското малцинство во Израел, кое сочинува 21 процент од населението, која ќе ја поддржува израелската влада. Владата допрва треба да биде потврдена во парламентот, пренесува „Ројтерс“.
Абас на тој начин ги остави настрана несогласувањата со потенцијалниот иден премиер Нафтали Бенет, поранешен шеф на Организацијата за еврејско населување и поддржувач на анексијата на поголем дел од окупираниот Западен Брег, територии што Палестинците ги сакаат за својата идна држава.
Стоматолог по професија, 47-годишниот Абас рече дека се надева оти ќе ги подобри условите за живеење на арапските жители на Израел, кои се жалат на дискриминација и занемарување од страна на властите.
„Одлучивме да ѝ се приклучиме на владата за да ја промениме рамнотежата на политичките сили во земјата“, им рече тој на своите приврзаници по потпишувањето на договорот за коалиција со Бенет и опозицискиот лидер Јаир Лапид.
Партијата на Абас соопшти дека договорот вклучува повеќе од 16 милијарди американски долари за подобрување на инфраструктурата и борбата против криминалот во градовите со мнозинско арапско население.
Договорот вклучува и запирање на уништувањето на домовите изградени без дозволи во арапските села и доделување официјален статус на бедуинските градови во пустината Негев, упориште на исламистите.
„Зборувам јасно и искрено: бидејќи формирањето на оваа влада се заснова на нашата поддршка, ќе можеме да влијаеме на неа и да постигнеме големи работи за нашето арапско општество“, рече Абас кого дел од арапското население го обвинува за предавство поради поддршката на антипалестински политичари.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, ги повика сите членови на парламентот избрани со десничарски гласови да се спротивстават на новата коалиција, чие формирање беше објавено доцна синоќа од мандатарот Јаир Лапид, лидерот на партијата на центарот, Јеш атид (Има иднина). Тој ја нарече новата влада опасна и левичарска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.
Европа
Во Англија извикал „Алах Акбар“ и убил случаен минувач: „Го направив тоа за луѓето од Газа“
45-годишниот Ахмед Алид вчера беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство. На 15 октомври минатата година, барател на азил од Мароко со нож го уби 70-годишниот Теренс Карни во центарот на англискиот град Хартлпул. Тој претходно го избодел со нож својот заспан цимер Џавед Нури додека викал „Алах Акбар“.
Алид и рекол на полицијата дека сето тоа го направил „за луѓето од Газа“. Само осум дена пред да убие случаен минувач и да го рани својот цимер, милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Алид се заколнал дека ќе убиел повеќе луѓе доколку имал митралез и друго оружје, изјави обвинителот Џонатан Сендифорд во Судот во Тесајд.
Алид делел куќа со други баратели на азил во североисточна Англија. Тој бил вознемирен што Нури го прифатил христијанството. Цимерите рекле дека Алид почнал да носи нож откако на телевизија видел прилог за настаните во Газа.
Европа
Крим главна цел: Пентагон откри за што Украина ќе ги користи моќните ракети АТАКМС
Министерството за одбрана на САД ја појасни целта за испорака на ракети со долг дострел во Украина, кои неодамна беа испорачани во тајност. Како што објави „Њујорк тајмс“, целта на испораката на американските ракети АТАКМС е да се зголеми притисокот врз Крим, кој беше анектиран од Русија по референдумот во 2014 година.
Крим го претставува центарот во кој се лоцирани голем број руски воздушни и копнени сили и кој досега, како што пишува американскиот дневен весник, „за нив бил релативно безбедно засолниште“. Ова го тврди анонимен американски функционер. Сепак, Пентагон одби да каже колку точно од овие проектили со дострел од 300 километри се испорачани на украинската страна.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, претходно ја потврди испораката на овие ракети без да прецизира дали тие се модифицирани и имаат зголемен дострел.
Украинските сили веќе употребија АТАКМС, што претседателот Володимир Зеленски го потврди на 17 април, објавувајќи дека бил извршен напад врз воздухопловната база Џанкој, која се наоѓа на 165 километри од линијата на фронтот. Министерството за одбрана на Руската Федерација не ги коментираше овие наводи.
Pentagon reveals Ukraine’s targets for ATACMS missiles – NYT — (the usual baffling lack of retaliation threats from #Putin– instead just the usual bleating that ‘it’s impossible to justify’..Bring Stalin back to life please, Russia) https://t.co/8pi0Lx8tbt #CapeTown #SouthAfrica pic.twitter.com/ZtI5cG3r2m
— Peter Mayson (@theforeverman) April 26, 2024
Американскиот дневен весник потсетува дека Украина првпат добила ракети АТАКМС во септември минатата година, но дека станува збор за верзија со половина дострел. Се шпекулираше дека Украина можеби користела американски ракети за да го урне кримскиот мост, што на почетокот на месецов го потврди и самиот претседател Зеленски, велејќи дека неговата влада „навистина сака да го уништи мостот на Крим“.
Тој е симбол на руската окупација и преку овој мост Русија испорачува воена опрема и ги снабдува војниците во Украина. Во неколку наврати досега мостот беше цел на украински напади.
– Мислам дека е вистинското време, а шефот (Бајден) донесе одлука дека е вистинско време да и го обезбеди на Украина оружјето неопходно за тековната борба. Тоа е добро осмислена и многу конструктивна одлука – изјави адмирал Кристофер Грејди, заменик командант на Здружениот генералштаб на американската армија.
Руската страна го осуди потегот на САД, а рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов рече дека тоа „ја зголемува заканата за безбедноста на Крим, вклучително и Севастопол и другите руски градови“.