Свет
Како е можно филмски пиштол реквизит да убие?
Откако актерот Алек Болдвин ненамерно ја уби камерманката Халина Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуза на филмски сет синоќа, јавноста се прашува како е можно филмски реквизит да убие човек.
Инцидентот се случил за време на снимањето на филмот „’Рѓа“ (Rust), кога Болдвин пукал од реквизит пиштол кој бил наполнет со т.н. ќорци.
Иако истрагата за овој немил настан се уште е во тек, многумина на социјалните мрежи се прашуваат како е можно филмски реквизит да убие човек. Многумина мислат дека тоа е нефункционално оружје или дури и играчка. Иако терминот реквизит се однесува и на такви предмети, исто така се однесува на вистински пиштоли што се користат како реквизити.
Зошто би се користел вистински пиштол на филмски сет? Причината е едноставна – убедливост. Како што објасни инструкторот за огнено оружје Дејв Браун во напис за списанието „Американски кинематографер“ во 2019 година, вистинското огнено оружје создава впечаток за автентичност, особено во крупен план. Секој што некогаш држел вистинско оружје во раката, може да потврди дека вистинскиот пиштол изгледа и тежи сосема поинаку од лажниот.
Но, како што напиша Браун, употребата на вистинско огнено оружје на филмски или сериски сет бара и обучен професионалец чија задача е да обезбеди дека оружјето се користи во согласност со строгите безбедносни мерки.
Ќорецот е всушност речиси идентичен со куршум, а клучната разлика е самиот проектил. Наместо оловниот проектил што го имаат вистинските куршуми, врвот на ќорецот обично се запечатува со восок или некој друг материјал што спречува барут да испадне од внатрешноста на патронот.
Тоа значи дека со повлекување на чкрапалото на пиштол со ќорци во цевката, ќе добиете ефект речиси идентичен како истрелување на вистински куршум – звук, повратен удар, блиц на цевката, исфрлен патрон – сè е исто, освен што во случај на ќорец нема парче олово што излегува од цевката.
Со употреба на пиштол реквизит може да дојде и до смрт ако пиштолот е неправилно наполнет. Во 1993 година на снимањето на филмот „Враната“ смртно беше ранет и младиот актер Брендон Ли, син на легендарниот Брус Ли.
Во цевката на пиштолот од претходно останал вистински куршум, а кога во оружјето бил додаден и ќорец, експлозијата од цевката го истуркала проектилот, кој претходно бил заглавен и го усмртил Ли. Тој почина по шест часа во болница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар во рафинерија за нафта во Хавана
Пожар вчера избувна во рафинеријата за нафта „Нико Лопез“ во Хавана, што ќе ја влоши кризата со гориво во Куба, предизвикана од ембаргото на САД.
Најголемата рафинерија е сместена во пристаништето во Хавана, каде пред два дена пристигнаа два мексикански бродови со повеќе од 800 тони хуманитарна помош.
Сè уште е непознато дали огнот ги зафатил резервоарите за складирање на нафта.
Куба уште од 1962 година е под американско ембарго, поради што земјата е во економска криза, а се соочува со прекини во снабдувањето со електрична енергија, недостиг на гориво, лекови и храна. Ситуација се вложи откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе фи стопира сите испораки на нафта за Куба и ќе воведе царини за секоја држава која ќе испорача нафта за Хавана.
Со приведувањето на поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро и неговата сопруга од страна на американските сили, Куба го изгуби најважниот сојузник и најголемиот извор на нафта. Повеќе недели на Куба не пристигнал ниту еден танкер со нафта.
Поради кризата со гориво затворени се универзитети, училиштата работат со скратено време, редуциран е јавниот транспорт и е ограничена продажбата на гориво. Исто така и болниците работат со намален персонал.
Трамп минатиот месец изјави дека Куба се движи кон пропаст и ја повика Хавана да склучи договор „пред да биде предоцна“. Тој сака промена на кубанскиот режим.
Обединети нации синоќа изразија загриженост поради кризата на Куба.
Свет
Трамп: Смената на режимот во Иран би била најдобрата работа
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа изјави дека смената на режимот во Иран „би била најдобрата работа што може да се случи“.
– Само зборуваат и зборуваат и зборуваат веќе 47 години – наведе Трамп.
Тој потврди и дека најголемиот носач на авиони во светот „УСС Џералд Р. Форд“ од Карипско Море ќе биде распореден на Блиски Исток. Тој ќе се придружи на носачот „УСС Абрахам Линколн“ и на бродовите разорувачи со наведувачки ракети, кои во регионот се повеќе од две недели.
– Ќе ни треба во случај да не постигнеме договор. Многу брзо заминува – истакна Трамп.
Но, Трамп навести дека е можен договор со Иран и избегнување на воена операција.
– Ако ни дадат прав договор, нема да го сториме тоа – посочи Трамп.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.

