Свет
Курц: Не сум робот, туку човек со грешки и мани
Лидерот на Австриската народна партија (ОВП), Себастијан Курц, кој поднесе оставка на функцијата канцелар поради истрагата против него и луѓето блиски до него поради корупција и поткуп, рече дека не е робот, туку човечко суштество со грешки и мани.
Утрово, Курц им се обрати на граѓаните со видеопорака и рече дека во оптек има многу СМС-пораки што тој не ги напишал.
Но, кога станува збор за пораките што ги напишал, тој рече дека не е робот, туку човек со грешки и емоции и дека денеска не би напишал некои формулации што ги составил тогаш.
Тој посочи дека се извинил за тие пораки и дека се кае за нив.
Сепак, тој нагласува дека СМС-пораките не се и немаат никаква врска со какво било криминално дело и намерно се објавени во јавноста за да му наштетат на ОВП и нему лично.
Курц побара да се направи јасна разлика помеѓу текстуални пораки и обвиненија поврзани со злосторството.
Кога станува збор за кривични дела, тој вели дека никогаш не направил ништо во целиот свој живот и вети дека како шеф на парламентарниот клуб ОВП, ќе го даде својот придонес и ќе ја поддржи владата.
„Јас не сум канцелар во сенка“, повтори Курц во пораката до граѓаните.
Тој посочи дека постои стабилна влада и дека граѓаните на Австрија тоа го заслужуваат.
Курц повтори дека спречил коалиција од четири опозициски партии ослободувајќи ја својата позиција и овозможувајќи му на Александар Шаленберг да стане канцелар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бил Гејтс го откажа говорот на самитот за вештачка интелигенција во Индија поради нови прашања за врските со Џефри Епстин
Бил Гејтс се откажа од воведниот говор на самитот за влијанието на вештачката интелигенција во Индија, бидејќи се соочува со обновени прашања за неговата врска со починатиот сексуален престапник Џефри Епстин.
Коосновачот на Мајкрософт пристигна оваа недела во Индија, каде што неговата фондација соработува со владата за примена на вештачка интелигенција за општествено корисни цели. Гејтс првично беше најавен како говорник веднаш по индискиот премиер Нарендра Моди.
Сепак, во четвртокот наутро, само неколку часа пред неговиот закажан говор, Гејтс одеднаш го откажа својот говор. Францускиот претседател Емануел Макрон и најбогатиот човек во Индија, Мукеш Амбани, исто така се присутни на самитот.
Фондацијата Гејтс соопшти дека одлуката е донесена „по внимателно разгледување за да се задржи фокусот на клучните приоритети на Самитот за вештачка интелигенција“.
Само два дена претходно, фондацијата тврдеше дека Гејтс ќе го одржи говорот како што е планирано.
Иако во изјавата не беше наведено што би можело да го одвлече вниманието од темата на самитот, контроверзноста околу неговата врска со Епстин повторно се интензивираше кон крајот на јануари, по објавувањето на нови документи.
Гејтс претходно изјави дека „жали“ што некогаш го познавал Епстин. По тврдењата од нацрт-е-пошта наводно напишана од Епстин, во која се споменуваат обвинувања дека Гејтс криел сексуално пренослива болест од неговата тогашна сопруга по контакт со „руски девојки“, Гејтс ги нарече обвинувањата „неточни“.
„Жалам за секоја минута што ја поминав со него“, изјави 70-годишниот Гејтс за австралискиот медиум „9News“.
Европа
(Видео) Зеленски: Десетици илјади Украинци загинаа за Донбас, не се работи за земјата, туку за луѓето
Претседателот Володимир Зеленски вчера повтори дека Украина нема да отстапи територија на Русија, ниту да се повлече од областите што моментално ги контролира. Изјавата доаѓа во време кога разговорите со посредство на САД за ставање крај на руската инвазија се во застој поради територијални прашања пред четвртата годишнина од војната, објави „Киев Индепендент“.
„Донбас е наш народ, не само територија“
„Илјадници, десетици илјади Украинци се убиени бранејќи го тој дел од Украина“, рече Зеленски во интервју водено од Пирс Морган. „Мора да разбереме дека Донбас е дел од нашата независност. Тој е дел од нашите вредности. Не станува збор за земја. Не станува збор само за територии. Станува збор за луѓе“.
Зеленски рече дека преговарачите постигнале поголем напредок во техничките дискусии, како што е тоа како да се следи потенцијалното примирје, отколку во политичките прашања. Тој нагласи дека секое трајно решение бара силни безбедносни гаранции и европска вклученост.
„Кога зборуваме за безбедносни гаранции, мислиме на цврсти гаранции дека остатокот од светот – или барем некои земји – ќе бидат подготвени да одговорат ако Путин се врати со својата агресија“, објасни Зеленски. Тој ја отфрли идејата за лична доверба во рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека на Украина ѝ се потребни „институционални“ гаранции.
Тој ги опиша Украинците како исцрпени по речиси четири години војна, но нагласи дека земјата останува обединета. Како примери ги наведе националната мобилизација за време на зимските енергетски напади и брзите поправки во Киев и другите градови. „Најтешката ситуација беше во Киев по сите овие напади врз енергетската мрежа“, рече тој, додавајќи дека „240 бригади дојдоа од сите региони за да ја обноват клучната инфраструктура во Киев“.
Европа
Зеленски: Не ми требаат историски глупости за да ја завршам војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не е заинтересиран за „историски глупости“ и бескрајни дискусии за минатото додека трае војната, туку само за брзо завршување на конфликтот и конкретни безбедносни решенија.
„Не ми требаат историски глупости за да ја завршам оваа војна и да преминам на дипломатија. Тоа е само тактика на одложување“, напиша Зеленски на Икс.
Тој додаде дека прочитал барем толку книги по историја колку што прочитал рускиот претседател Владимир Путин и дека знае повеќе за Русија отколку што знае Путин за Украина.
I don't need historical shit to end this war and move to diplomacy. Because it's just a delay tactic. I read no less history books than Putin. And I learned a lot. I know more about his country than he knows about Ukraine. Simply because I have been to Russia – to many cities.…
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) February 19, 2026
„Бев во Русија, во многу градови. Познавав многу луѓе таму. Тој никогаш не бил толку многу пати во Украина. Бил само во големи градови. Бев во мали градови. Од север до југ. Насекаде. Го познавам нивниот менталитет. Затоа не сакам да губам време на сите овие работи“, рече Зеленски.
Тој исто така рече дека руското општество го избра политичкиот систем во кој живее денес. „Русите одлучија сами да се променат. Русите одлучија дека им треба нов цар. Од нив зависи“, напиша тој.
Сепак, тој нагласи дека клучното прашање за Украина е безбедноста. „Се води голема војна против нас. Ова се нашите животи. Единственото нешто за кое сакам да разговарам со него е дека треба да го решиме ова на најуспешен начин. Мислам брзо да се заврши војната. Затоа сакам да разговарам само за такви работи“, заклучи тој.
Пораката на Зеленски доаѓа во време кога во Женева се во тек нови рунди разговори за можен крај на војната. Руската делегација ја предводи Владимир Медински, помошник на Владимир Путин и поранешен министер за култура, кој беше и главен преговарач на Русија за време на преговорите во Истанбул во 2022 година.

