Свет
Лондон објави можен план за руски напад на Украина
Британското Министерство за одбрана објави видео на кое, меѓу другото, е прикажана мапа со распоредот на воените сили на Руската Федерација, како и можен план на Кремљ за наводна инвазија на Украина.
„Не видовме докази дека руските трупи се повлекуваат од пограничните области на Украина“, наведува британското Министерство во видеото објавено на својот официјален профил на „Твитер“.
INTELLIGENCE UPDATE: We have seen no evidence that Russian forces are withdrawing from Ukrainian border regions.
Russia retains a significant military presence that can conduct an invasion without further warning. pic.twitter.com/qTYrItLxCf
— Ministry of Defence ?? (@DefenceHQ) February 17, 2022
Во видеото се оценува дека Русија задржува значително воено присуство, со кое, како што се тврди, може да ја изврши инвазијата без дополнително предупредување.
На прашањето „Зошто претседателот Путин сака војна?“, беше кажано дека шефот на руската држава ја гледа Украина како зона на одвојување во однос на НАТО и дека смета оти земјата е културен и историски дел од Русија.
„Не се прифаќа Украина како независна држава, но таа е независна држава“, се вели во видеото.
Путин, како што се додава, исто така не е среќен поради аспирацијата на Украина за влез во НАТО и сака да ја врати под руска контрола. Понатаму, се наведува дека Русија дистрибуирала огромен број војници по должината на границата со Украина, а британски разузнавачки извори тврдат дека Русија продолжува бргу да ја зголемува својата воена моќ.
Во видеото се додава и дека британските разузнавачки извори укажуваат на ненормална активност на руската морнарица – од вежби во северен Атлантик, Балтичкото Море и Средоземното Море.
Во видеото Министерството ја презентира анализата дека северната украинска граница е во центарот во однос на позициите на руските воени сили, што е, како што беше оценето, директна закана за главниот град Киев.
Инвазијата, како што беше заклучено, може да почне за неколку дена, а графикот го покажува можното движење на руските воени сили.
На крајот од видеото се заклучува дека доколку претседателот Путин избере војна, значителен број луѓе ќе загинат за да го добијат тоа што го сака.
„Но, претседателот Путин сепак може да избере мир. Тој може да избере дипломатија и да ги деескалира тензиите. Тој може да избере превенција од конфликти“, соопшти британското Министерство за одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

