Свет
Макрон претстави голем план за намалување на емисиите на стакленички гасови: „Екологија на француски начин“
Францускиот претседател Емануел Макрон го претстави националниот еколошки план за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 отсто и ставање крај на употребата на фосилни горива до 2030 година.
Говорејќи по состанокот со министрите, Макрон рече дека ќе бидат инвестирани дополнителни 10 милијарди евра во програма од 50 точки, која ја опиша како екологија на француски начин, пренесува „Гардијан“.
„Од суштинско значење е Франција да ја намали зависноста од фосилни горива, јаглен, бензин и гас, кои веќе не ги произведуваме, туку од нив зависиме“, рече Макрон додавајќи дека целта е оваа зависност да се намали од сегашните 60 на 40 отсто до 2030 година.
Тој посочи дека приоритет е целосно прекинување на користењето на јагленот за производство на електрична енергија до јануари 2027 година.
Планот за заштита на животната средина на Макрон вклучува и забрзување на производството на електрични автомобили, нови проекти поврзани со офшор-ветерни електрани, отворање неколку фабрики за батерии на северот на земјата, како и мапа што ќе претстави каде може да се најдат природните ресурси во Франција вклучувајќи водород и основни елементи за литиумски батерии.
Дополнително, француската влада ќе инвестира 700 милиони евра за развој на регионалната железничка мрежа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ерупција на вулканот Руанг во Индонезија:, евакуирани повеќе од 12.000 луѓе
Во Индонезија се евакуирани 12.000 луѓе кои живеат во близина на островот Сулавеси, каде што еруптираше вулканот Руанг, за што Центарот за вулканологија и проценка на геолошки ризик прогласи највисоко, четврто ниво на тревога.
Жителите на островот се преместени во градот Манадо, а Центарот ги предупреди граѓаните на соседниот остров Тагуланданг дека постои опасност од цунами поради паѓање на материјал од вулканот во океанот, пренесува Ројтерс.
Се проценува дека чадот над вулканот достигнал висина од пет километри, поради што биле евакуирани жителите во радиус од седум километри.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Свет
Шест лица загинаа во напад на џамија во Авганистан, непознато лице пукало во цивили
Најмалку шест лица загинаа, а едно лице е рането во џамија во авганистанскиот град Андишех во областа Гузара, изјави авганистанскиот министер за внатрешни работи Абдул Матин Кани.
Тој изјави дека „непознато вооружено лице пукало во цивилни верници во џамијата“ вчера во 21 часот по локално време, пренесува Ал Џезира.
Меѓу убиените е и имамот на џамијата во која се молеле шиитските муслимани.
Ројтерс јавува дека меѓу жртвите има и дете.