Свет
Масовен убиец побегнал од затвор во Најроби: сфатиле дека го нема кога му однеле храна
Кениецот Колинс Халуша, кој призна дека убил 42 жени, денеска побегнал од притворската ќелија во Најроби заедно со уште 13 лица, соопшти локалната полиција.
Полицијата денеска соопшти дека одговорниот службеник и управителот на мензата во полициската станица Џиџири сфатиле дека осомничените исчезнале кога отишле да им донесат појадок во 5 часот по локално време, пренесува „Гардијан“.
Според полициските информации, Халуса и другите затвореници, државјани на Еритреја, приведени поради наводно нелегално престојување во Кенија, ја исекле жичената мрежа во ќелиите и се качиле на ѕидот.
„Беше осомничен со висока вредност, кој требаше да се соочи со сериозни обвиненија. Го истражуваме инцидентот и ќе преземеме соодветни мерки“, изјави Мохамед Амин, шеф на Управата за криминалистички истраги.
Според кениската полиција, Халуса признал дека убил 42 жени во последните две години и ги фрлил нивните тела во каменолом, кој сега се користи како депонија. Од таа локација извадени се најмалку 10 вреќи со делови од тела, соопшти полицијата.
Халуша последен пат се појави пред судот во петокот, каде што судијата нареди да биде задржан уште 30 дена за да ѝ се овозможи на полицијата да ја заврши истрагата, откако неговиот адвокат на првото рочиште изјави дека осомничениот убиец е неспособен да му се суди.
Пронаоѓањето на телата во каменоломот, кој се наоѓа на само 100 метри од полициската станица, повторно го привлече вниманието на кениската полиција, која долго време беше обвинета од групите за човекови права за незаконски убиства.
Полицијата и безбедносните агенции се во центарот на вниманието на антивладините демонстрации, кои почнаа во јуни, при што десетици Кенијци беа пријавени за исчезнати.
Организациите за човекови права, како и Независниот полициски надзорен орган, цивилно надзорно тело за безбедносните сили, рекоа дека ги истражуваат смртните случаи во каменоломот.
Бегството на 13-те затвореници доаѓа шест месеци откако Кевин Кангете, Кениец баран во САД за убиство, побегнал од друга полициска станица во Најроби неколку минути откако полицајците го пуштиле да излезе од ќелијата за да разговара со својот адвокат. Неколку дена подоцна полицијата повторно го уапсила во друга област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Осомничен се скрил во корпа за отпадоци додека бега од полицијата во САД
Општински работник во Охајо останал шокиран кога пронашол човек како се крие во корпа за отпадоци додека си ја вршел работата. Набрзо се покажало дека станува збор за осомничен кој бегал од полицијата откако не застанал на нивниот сигнал за време на сообраќајна контрола, објавува „Еуроњуз“.
Видео снимено од полициска камера на автомобилот го покажува човекот како скока од корпата и бега.
Полицајците веднаш тргнале за потера, а бегалецот ги изгубил чевлите додека бегал.
„Благодарение на импресивните атлетски способности и брзата реакција на нашиот полицаец Перез, осомничениот е безбедно уапсен“, се вели во соопштението на полицијата, пренесуваат локалните медиуми.
Свет
Австралискиот премиер по заканата од бомби: Не смееме да ја земаме безбедноста здраво за готово
Австралискиот премиер Ентони Албанезе денес изјави дека не ја зема својата безбедност „здраво за готово“ откако беше евакуиран од својот дом неколку часа во вторникот поради наводна закана со бомба.
Албанезе беше евакуиран од својот дом во Канбера доцна во вторникот по локално време по безбедносна закана и се врати неколку часа подоцна откако не беше пронајдено ништо сомнително, објави Ројтерс, повикувајќи се на полицијата дека нема постојана закана.
„Мислам дека е само потсетник, искористете ја секоја можност да ги предупредите луѓето и да ги намалите тензиите. Не можеме да ги земаме овие работи здраво за готово“, рече Албанезе на настан во Мелбурн денес.
Заканата со бомба беше испратена до претставник на Шен Јун, класична кинеска танцова трупа забранета во Кина, која требаше да настапи во Австралија овој месец.
Е-пошта напишана на кинески јазик и испратена до локалните организатори на групата вели дека експлозиви биле поставени околу домот на Албанезе и дека ќе бидат детонирани ако танцовата група настапи во земјата.
„Сите закани се пријавени до австралиските безбедносни служби и органите за спроведување на законот. Ги цениме преземените чекори за обезбедување на јавната безбедност и заштита на избраните функционери, вклучително и премиерот“, соопшти кинеската танцова трупа, пренесува Танјуг.
Свет
Иран за говорот на Трамп: Професионалните лажговци се добри во создавањето „илузија на вистината“
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, денес изјави дека тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, што ги изнесе за Иран во своето обраќање за состојбата на нацијата, се неточни и додаде дека „професионалните лажговци“ се добри во создавањето илузија на вистината.
Вака реагираше тој на изјавите на Трамп дека САД ја уништиле иранската програма за нуклеарно оружје за време на нападот во јуни минатата година, но дека Техеран „повторно“ се обидува да изгради нуклеарно оружје и дека тој нема да дозволи тоа да се случи, дека Иран веќе развил ракети што можат да ја загрозат Европа и САД и дека 32.000 луѓе биле убиени за време на неодамнешните протести.
„Повторувај лага доволно често додека не стане вистина“ е пропагандна максима измислена од нацистот Јозеф Гебелс, а сега систематски ја користат американската администрација и нејзините воени профитери, особено геноцидниот ционистички ентитет, за да ја унапредат својата подмолна кампања за дезинформација против Иран. „Сè што тврдат за нуклеарната програма на Иран, неговите балистички ракети и бројот на жртви за време на немирите во јануари не е ништо повеќе од повторување на „големи лаги“. Никој не треба да биде измамен од овие очигледни лаги“, напиша Багеи, пренесува Танјуг.

