Свет
Министерството за одбрана на Русија: активиран ракетниот систем „Орешник“, може да носи нуклеарно оружје
Русија ја активираше употребата на ракетниот систем „Орешник“, кој може да носи нуклеарно оружје, објави денес Министерството за одбрана на земјата.
Рускиот претседател Владимир Путин го објави ова претходно во декември на состанок со врвни воени функционери, кога предупреди дека Москва ќе се обиде да ги прошири своите освојувања во Украина доколку Киев и неговите западни сојузници ги отфрлат барањата на Кремљ во мировните преговори.
Активирањето на тој ракетен систем доаѓа во критичен момент за мировните преговори меѓу Русија и Украина, имајќи предвид дека украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна се сретна со претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп, каде што Трамп инсистираше дека Киев и Москва се „поблиску од кога било досега“ до решение за војната, анализираат медиумите.
На состанок со воени функционери, Путин ја наведе потребата од создавање воени тампон зони по должината на руската граница и потврди дека армијата напредува во источниот регион Донецк во Украина, како и дека продолжува со офанзивата во јужниот регион Запорожје.
Русија првпат го употреби системот „Орешник“ против Украина во ноември минатата година, кога го испали оружјето во фабрика во Днепар која произведуваше ракети за време на Советскиот Сојуз.
Путин го предупреди Западот дека Москва би можела да го употреби оружјето против сојузниците на Украина во НАТО, кои му дозволија на Киев да ги користи своите ракети со долг дострел за напади во Русија, според написите.
Шефот на руските ракетни сили изјави дека „Орешник“ има дострел што може да ја достигне цела Европа.
Ракетите со среден дострел можат да летаат помеѓу 500 и 5.500 километри, а таквото оружје е забрането според договорот од советската ера што Вашингтон и Москва го напуштија во 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Катар пресретна ирански ракети и беспилотни летала
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека воздухопловните сили и системите за противвоздушна одбрана денеска пресретнале ракети и беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нема жртви.
Иран лансираше ракети и дронови насочени и кон Израел и кон американските воени објекти во Бахреин, Кувајт и Катар, како одговор на американските и израелските напади.
Американската војска не извести за американски жртви и пријави минимална штета во своите бази.
Свет
Северна Кореја ги осуди нападите врз Иран: „Нелегална агресија“
Северна Кореја ги осуди израелските напади и американската воена операција против Иран, нарекувајќи ги „нелегална агресија“ и кршење на националниот суверенитет, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на државната агенција КЦНА.
Портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи изјавил дека американската операција била очекувана и ја оценил како неизбежен исход поради, како што навел, хегемонистичката и гангстерска природа на САД. Во соопштението се наведува дека агресорската војна на САД и Израел е неприфатлива во какви било околности.
Пјонгјанг повика регионалните земји и другите заинтересирани страни да преземат одговорност за воспоставување мир и стабилност на Блискиот Исток.
Израелската војска претходно објави дека почнала опсежни напади врз центарот на Техеран, по операцијата во која беше убиен иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Фото: Depositphotos
Свет
Путин со сочувство до Иран, нападите ги нарече цинично кршење на меѓународното право
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изрази длабоко сочувство до иранскиот претседател Масуд Пезешкијан по повод убиството на врховниот лидер Али Хамнеи и членовите на неговото семејство, соопшти Кремљ.
„Ве молам примете го моето најдлабоко сочувство по повод атентатот врз врховниот лидер на Исламската Република Иран, Сејед Али Хамнеи, и членовите на неговото семејство, извршен во цинично кршење на сите норми на човечкиот морал и меѓународното право“, се наведува во соопштението, пренесува агенцијата РИА Новости.
Хамнеи беше убиен во саботата наутро во нападите што ги извршија Израел и Соединетите Американски Држави, потврди утрово иранската влада, а пренесоа иранските државни медиуми.
Во саботата САД и Израел започнаа серија удари врз ирански цели, вклучително и во Техеран, при што беше предизвикана материјална штета и цивилни жртви. Потоа Иран возврати со ракетни напади врз израелска територија и врз американски воени објекти на Блискиот Исток.

