Свет
Москва соодветно ќе одговори на протерувањето руски дипломати од Скопје

Портпаролката на руското МНР Марија Захарова изјави дека Москва „соодветно ќе одговори“ на денешната одлука на Скопје за протерување руски дипломати.
Претходно денеска македонските власти прогласија уште шест руски дипломати за непожелни и им дадоа рок од пет дена да ја напуштат земјата.
Министерството за надворешни работи соопшти дека денеска го поканило рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Баздникин и дека „му врачило дипломатска нота со која шестмина вработени во руската амбасада биле означени како непожелни лица“ во земјава.
„ Според информациите добиени од надлежните органи, тие лица извршиле активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и треба да ја напуштат територијата на Северна Македонија во следните пет дена“, се вели во соопштението.
На 28 март беа протерани пет руски дипломати со истото образложение дека се занимаваат со активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Ѓуро Мацут предложен за мандатар на новата влада на Србија

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, соопшти дека за мандатар на новата влада е предложен проф. д-р Ѓуро Мацут.
Вучиќ рече дека новата влада ќе биде избрана до Велики петок и дека ѝ претстојат тешки задачи – дека земјата се спротивставува на сите притисоци во однос на регионалната политика, дека земјата го решава даночното прашање со САД, дека го забрзува европскиот пат, дека во исто време ги зачувува своите традиционални пријатели на истокот и го враќа нивото на инвестиции, и странски и домашни.
Да потсетиме, премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка од таа функција на крајот на јануари, бидејќи сметаше дека е објективно одговорен за нападот врз студентите во Нови Сад.
Српскиот парламент на 19 март ја констатираше оставката на Вучевиќ, со што беше урната актуелната влада на Србија.
Рокот за избор на нова влада е 18 април.
Свет
(Видео) Илјадници поддржувачи на Ле Пен се собраа на протест во Париз

Илјадници луѓе се собраа денеска во Париз во знак на поддршка на француската екстремно десничарска лидерка Марин Ле Пен, која најави дека мирно ќе се бори против петгодишната забрана да се кандидира за политички функции и ќе црпи инспирација од американскиот активист за граѓански права Мартин Лутер Кинг.
Поддржувачите на Марин Ле Пен вееја француски знамиња и извикуваа „ние ќе победиме“.
IT'S HAPPENING
Massive protest in France as huge crowd demonstrates against Marine Le Pen being banned from running for President in 2027.
Looks like the French people want democracy.pic.twitter.com/RTmhaXeLLy
— PeterSweden (@PeterSweden7) April 6, 2025
Судот во Париз ги осуди Ле Пен и дваесетина членови на партијата Национален собир за проневера на европски пари и изрече казна со која ќе ѝ забрани да се кандидира на претседателските избори во Франција во 2027 година, освен ако не успее да ја поништи пресудата во рок од 18 месеци.
„Нашата борба ќе биде мирна и демократска борба. Го земаме за пример (американски баптистички свештеник, политичар и активист) Мартин Лутер Кинг кој ги бранеше граѓанските права“ затоа што „денес станува збор за граѓанските права на Французите“, рече таа преку видео-конференција одржана со членовите на италијанската лега, антиимиграциската партија на Матео Салвини во Фиренца.
Регион
(Видео) Снежен бран во Црна Гора

Снег паѓа во повеќето градови на северот на Црна Гора, а температурите во некои општини се под нулата.
Како што е објавено на веб-страницата на Заводот за хидрометеорологија и сеизмологија, висината на снежната покривка во Жабљак е два сантиметри, а еден во Рожаје. Според Институтот, снег во моментов паѓа во Никшиќ, Колашин, Плевља и Беране.
Температурите значително паднаа, а најстудено беше во Жабљак, каде во 11 часот беа измерени минус 4,5 степени. Во Колашин температурата е половина степен под нулата.
Од Институтот најавија дека во текот на денот ќе биде умерено облачно со преоден дожд, а на север со лапавица и снег. Поради снегот кој паѓа во Црна Гора сообраќајот се одвива отежнато.
Она што најмногу изненадува е снегот што почна да паѓа над Будва во попладневните часови, во област каде што ретко паѓа дури и во најстудените зимски месеци.