Свет
Операција „Чесно ветување“: Иран ѝ се заканува на Америка, Израел наскоро ќе носи одлука – се очекува тешка одмазда
Иранскиот напад врз Израел со над 300 беспилотни летала, крстаречки и балистички ракети заврши без сериозни последици откако огромното мнозинство од нив беа пресретнати и соборени.
Израелската војска соопшти дека „повеќето“ од беспилотните летала и ракети биле пресретнати од системот за противвоздушна одбрана и „во соработка со стратешките сојузници на Израел пред заканите да стигнат до израелска територија“.
Мал број проектили го погодија Израел во напад на Иран, при што беше повредено едно девојче. Оштетена е и воена инсталација на југ.
Иранската амбасада во ОН соопшти дека со оваа акција одмаздата за нападот може да се смета за целосна. „Во случај израелскиот режим да направи уште една грешка, одговорот на Иран ќе биде многу поостар“, се вели во објавата на иранската мисија во ОН во социјалната мрежа X.
Израелските медиуми, пак, пишуваат дека може да се очекува одговор од Израел. Во текот на утрото беа извршени и жестоки напади од Либан.
Што знаеме досега:
🔵Наставата е прекината во училиштата низ Израел, а компаниите ќе можат да работат „нормално“ со пристап до засолништа во случај на напад.
🔵Бајден разговараше со Нетанјаху во врска со иранскиот напад врз Израел
🔵Борел: ЕУ силно го осудува иранскиот напад врз Израел
🔵Нетанјаху: Пресретнавме, одбивме, заедно ќе победиме
🔵Иран предупреди дека неговиот одговор ќе биде „посилен и порешителен“ доколку Израел возврати по нападот
🔵Јордан и Ирак повторно го отвораат воздушниот простор
🔵Хамас го нарече нападот на Иран „природно право и заслужен одговор“
🔵Г7 попладнево ќе одржи состанок за нападите
„Операцијата „Искрено ветување“ ги исполни очекувањата“
Командантот на иранските вооружени сили рече дека нападот врз Израел „ги постигнал сите негови цели“.
„Операцијата „Искрено ветување“ беше успешно спроведена од вчера вечерта до утринава и ги постигна сите свои цели – изјави на телевизија генералот Мохамад Багери, прецизирајќи дека ниту еден урбан или економски центар не бил цел на ирански беспилотни летала и ракети.
Тој рече дека мета биле две локации – „разузнавачкиот центар кој им ги дал на ционистите потребните информации“ за нападот што го уништи иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, како и „воздухопловната база Новатим, од каде Ф-35 авиони полетаа“ што бомбардираа.
Овие земји му помогнаа на Израел
САД, Велика Британија, Јордан и Франција му помогнаа на Израел да се одбрани од напад на Иран, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ) и официјални лица.
„Користеа руска тактика“
Би-Би-Си пишува дека Иранците веројатно сакале да ја преоптоварат израелската противвоздушна одбрана со евтини беспилотни летала за крстаречките и балистичките ракети да имаат поголема шанса да ги погодат своите цели. Тоа е тактика која веќе е видена во Украина.
Уште една земја на нишан на Иран
Иранските медиуми објавија дека земјата внимателно ги следи потезите на Јордан, кој може да стане следната цел, во случај да му помогне на Израел.
🔴(Видео) Анализа: Иран ја нарекуваат „држава-тврдина“, колку е моќна земјата што го нападна Израел?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Седум Палестинци загинаа, а 32 се ранети во израелски бомбардирања
Седум Палестинци загинаа, а најмалку 32 се ранети во израелско бомбардирање на блокираниот Појас Газа, јавува дописникот на ВАФА.
Тој рече дека израелските воени авиони извршиле серија воздушни напади врз северните и западните делови на бегалскиот камп Нусејрат, при што загинале четворица Палестинци, а 15 други се ранети.
Тој додаде дека израелски воени авиони извршиле три воздушни напади врз населбата Заитун во Газа, при што загинале три лица, а десет се ранети.
Борбени авиони го нападнаа и градот Џабалија и бегалскиот камп во северниот појас, при што беа повредени седум лица, меѓу кои три деца.
Во меѓувреме, израелската артилерија ги гранатираше бегалските кампови Ал-Буреј и Ал-Магази во централниот појас, населбите Тал ал-Хава, Шеик Ијлин и аз-Зајтун во градот Газа, како и кулата Шеик Зајед во Беит Лахиа.
Во јужната зона, артилерија нападна цивилни куќи во источниот дел на градот Кан Јунес.
Свет
ОН: Отстранувањето на експлозивните направи во Газа ќе трае 14 години
Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани убојни средства во Газа може да потрае 14 години.
Според проценките на ОН, за време на војната низ Газа биле создадени 37,5 милиони тони урнатини, а поголемиот дел од нив бил расфрлан со бомби и други видови муниција кои не експлодирале, пишува ТАСС.
OCHA изјави дека околу два милиони луѓе, или половина од населението на Газа, нашле засолниште во Рафах, кои имаат потешкотии да пристапат до основните потреби како што се здравствена заштита, чиста вода и санитарни објекти.
Свет
Со возило удрил во куќа, па почнал да напаѓа луѓе со меч во Лондон, има повредени
Неколку лица, меѓу кои и двајца полицајци, се повредени во нападот што се случи во североисточен Лондон во близина на фреквентна станица на метрото.
Како што објави SkyNews, маж кој носел меч најпрво удрил со своето возило во куќа, а потоа со мечот ги повредил минувачите и полицајците кои се обиделе да го задржат.
Се се случило околу 7 часот утринава, а на терен се голем број полицајци.
Метро станицата Хаинолт веднаш била затворена, пренесува Телеграф.