Свет
Патрушев: Западот ја обвини Русија за вонредната состојба на Балтикот со цел да го зајакне своето воено присуство
Помошникот на рускиот претседател Николај Патрушев денеска изјави дека Западот без никаква истрага ја обвини Русија дека ги сече подводните кабли со цел да го зајакне своето воено присуство на Балтикот.
„Во јануари имаше уште неколку случаи на сечење на подводните кабел, за што Западот без истрага ја обвини нашата земја, користејќи го како изговор за зајакнување на военото присуство во Балтичкото Море“, вели Патрушев во интервју за „Руска Газета“.
Претходно, летонскиот портал ЛСМ, објави дека во неделата е оштетен подводниот оптички кабел меѓу Летонија и Шведска, најверојатно поради надворешни влијанија.
Летонската морнарица испратила патролен чамец на местото каде што имало сомненија дека кабелот е оштетен и контактирале со НАТО, пренесува РИА Новости.
Коментирајќи ги плановите на НАТО за зајакнување на военото присуство на Балтикот, Патрушев нагласи дека состојбата на руската морнарица овозможува заштита на руските поморски граници и бродови од воени закани и дека може да ја забележи високата борбена способност на морнарицата, професионалноста на офицерите и морнарите.
Според него, руската бродоградба минува низ значителна трансформација, а рускиот претседател Владимир Путин посветува посебно внимание на оваа индустрија. „Во изминатата 2024 година, руската морнарица продолжи активно да се обновува. Вклучуваше повеќе од триесетина бродови од различни класи“, рече Патрушев.
Тој оцени дека западните земји се „очигледно заинтересирани за продолжување на непријателствата во Украина, откако го префрлиле речиси целото застарено оружје во Украина, Европа ги наполнила своите одбранбени претпријатија со нарачки, создавајќи модерно оружје, дури и од оваа гледна точка, интересот на западните земји е видливо за продолжување на непријателствата“, додаде тој.
Како што наведе, испораките на оружје за Украина го попречуваат решението и директно ги вклучуваат земјите од НАТО во конфликтот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп му даде целосна поддршка на Орбан пред изборите во Унгарија: „Тој е силен и моќен лидер“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, јавно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори што ќе се одржат на 12 април, порачувајќи дека има негова целосна и апсолутна поддршка за нов мандат.
Трамп пред изборите што ќе се одржат во таа земја, рече дека Орбан е навистина силен и моќен лидер.
„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е што тоа го правам повторно. Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и апсолутна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија – тој никогаш нема да го изневери големиот унгарски народ“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“.
Трамп додаде дека Орбан е навистина силен и моќен лидер, со докажан успех во постигнувањето феноменални резултати.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Според него, Орбан вредно работи на заштитата на Унгарија, развојот на економијата, создавањето работни места, промоцијата на трговијата, запирањето на нелегалната имиграција и обезбедувањето закон и ред.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан. Со нетрпение очекувам продолжување на блиската соработка со него, за двете наши земји дополнително да го унапредат овој огромен пат кон успех и соработка“, заклучи Трамп.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Свет
Лавров до Макрон: Ако сакате сериозен разговор, јавете се, Путин ќе одговори
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги коментираше француските обиди за обновување на дијалогот меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.
„Францускиот претседател Емануел Макрон пред околу две недели повторно рече дека ќе го повика Путин“, нагласи Лавров во интервју за државната телевизија „РТ“.
„Знаете, тоа не е сериозно. Тоа е патетична дипломатија. Ако сакате да се јавите и да водите сериозен разговор, тогаш јавете се. Путин секогаш ќе се јави на телефон. Секогаш ќе ги сослуша сите предлози, особено сериозните“, наведе Лавров.
Двајца европски дипломати, кои зборуваа под услов на анонимност, потврдија за Политико дека советникот на Макрон, Емануел Бон, во вторникот ја посетил Москва со цел да го подготви теренот за обновување на директната комуникација меѓу Путин и Макрон.
Според наводите на еден од дипломатите, Бон се сретнал со Јуриј Ушаков, близок соработник на Путин и член на руската делегација во тековните мировни преговори со Украина.
Француските претставници не сакаа ниту да го потврдат, ниту да го демантираат посетата на Бон во Москва. Истото го направи и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој на редовната прес-конференција изјави дека тоа го прави „од солидарност со француската страна“.
Макрон во вторникот изјави дека се во тек „технички разговори“ со цел повторно воспоставување дијалог со Кремљ, додека неговиот кабинет вчера соопшти дека тие разговори се водат транспарентно „и во консултација со претседателот Зеленски и главните европски партнери“.
Макрон во повеќе наврати истакна дека европските држави треба да водат сопствени директни разговори со Москва.

