Европа
Разбиена банда што ограбувала банкомати во Германија, имале и центар за обука

Полицијата во Холандија и Германија уапси девет члена на банда, одговорни за серија грабежи од банкомати во Германија. Тие се осомничени и дека формирале центри за обука за разнесување банкомати, објави денеска Европол.
Откривањето на тој импровизиран центар во холандскиот град Утрехт помогна да се открие бандата за време на 18-месечна прекугранична истрага, според Европол, а пренесува агенцијата АП.
Полицијата во северниот германски град Ознабрик соопшти дека почнале да се сомневаат кога 29-годишен Холанѓанец нарачал неколку банкомати наведувајќи дека се работи за уметнички проект во Холандија.
Наместо тоа, машините биле доставени до магацин во Утрехт, каде што две лица се обиделе да ги разнесат за да земат готовина од нив и да снимаат видеа од своите напори, соопшти Европол.
„Двојката нарача разни модели на банкомати и сними упатства за тоа како најлесно да се разнесат“, се вели во соопштението.
Полицијата во централна Холандија соопшти дека 29-годишникот на крајот починал во септември 2020 година додека тестирал експлозивна направа во центар за обука, а еден соучесник бил повреден и уапсен. Нивниот идентитет не беше откриен во согласност со холандските и германските закони за приватност.
Холандската полиција уапси тројца осомничени во вторникот и изврши претрес на седум имоти, каде што пронајде опрема што се користи за разнесување банкомати.
Полицијата во Ознабрик соопшти дека со последните апсења бројот на приведените за време на истрагата се зголемил на девет. Бандата е обвинета за минирање најмалку 15 банкомати во Германија предизвикувајќи штета од неколку милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Макрон: Нема разговори за прекин на воената помош за Украина за време на прекинот на огнот

Францускиот претседател Емануел Макрон јасно стави до знаење дека Франција нема да се согласи да ја суспендира воената помош за Украина, дури ни за време на евентуално 30-дневно примирје.
„Нема предуслови. Испораките на оружје за одбрана и отпор на Украина нема да престанат“, рече Макрон, обраќајќи се до претседателот Володимир Зеленски.
Тој додаде дека доколку Русија не се придржува до предложеното примирје, таа мора да ги сноси последиците. „Во тој случај, ќе следат нови, посилни санкции и дополнителна поддршка за Украина. Треба да подготвиме нов пакет санкции – тоа не смее да биде рутинска мерка, туку нешто многу порешително“, нагласи тој.
Макрон претходно беше прашан што ќе сторат Украина и нејзините сојузници доколку Русија побара прекин на воената помош како услов за прекин на огнот. Кремљ повеќе пати ја отфрли идејата за едномесечно примирје, тврдејќи дека Западот ќе го искористи за дополнително вооружување на Украина.
Европа
Кремљ: Изјавите на европските земји се контрадикторни и конфронтирачки

Кремљ ги обвини европските земји за давање контрадикторни и конфронтирачки изјави, објави новинската агенција Интерфакс, откако европските лидери го поддржаа американскиот план за 30-дневен прекин на огнот во Украина и ѝ се заканија на Русија со „масовни“ санкции доколку не го почитува договорот.
„Слушаме многу контрадикторни изјави од Европа. Тие генерално се од конфронтациска природа и не се насочени кон обид за обновување на нашите односи. Ништо повеќе од тоа“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според Интерфакс.
Европа
Зеленски: Имаме добар договор со Америка, помошта не запира

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев и САД постигнале „многу добар договор“ за продолжување на воената соработка. „Можеме да сметаме на американска поддршка, не само од владата, туку и од приватниот сектор“, рече тој.
Тој особено ја истакна улогата на поранешниот претседател Доналд Трамп.
„Трамп не ја запре испораката на воена помош или размената на разузнавачки информации, што е клучно за одбраната на нашето небо. Тој не ги укина санкциите против Русија. Веруваме дека тој ќе продолжи да ја поддржува Украина.“