Свет
Саудискиот престолонаследник го поддржал израелскиот план за соборување на јорданскиот крал
Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман го поддржал израелскиот заговор за соборување на јорданскиот крал Абдула Втори во замена за старателство над светите места во Ерусалим, објави либанскиот весник „Ал-Ахбар“.
Весникот цитираше официјален јордански безбедносен службеник дека обидот за соборување на кралот Абдула Втори е „шема“ во која се вклучени Израел, ОАЕ, Саудиска Арабија и САД.
Според неименуваниот службеник, големиот и комплициран државен удар вклучувал многу страни, но кралот успеал да го спречи мирно, притоа зачувувајќи ја внатрешната и регионалната рамнотежа.
„Будноста на кралот и брзото движење на воените и безбедносните сили го спречија обидот за пуч со кој сакаа да го отстранат и да го заменат со неговиот брат, принцот Хамза Бин Ал-Хусеин“, вели изворот.
Израел, продолжува изворот, планирал да го собори кралот Абдула Втори поради спротивставувањето на Јордан на американскиот мировен договор за Блискиот Исток наречен „договор на векот“, што Аман го смета за план да се најде алтернативна татковина за Палестинците и да се анектира долината на Јордан кон Израел.
Весникот додава дека саудискиот престолонаследник се согласил да ја поддржи израелската шема за возврат за пренесување на старателството над светите места во Ерусалим од Јордан на Саудиска Арабија.
Со одобрение од САД, се вели во написот, Бин Салман го овластил поранешниот началник на кралскиот двор, Басем Авадалах, да ги направи потребните подготовки за трансфер на власта на ниво на семејството, додека соборениот шеф на Фатах, Мухамед Далан, бил задолжен за мобилизирање на Палестинците во Јордан и локални племиња.
Според написот, Саудиска Арабија вооружала некои јужни племиња, издавајќи им државјанство за возврат за извршување воени дејствија ако биде потребно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

