Свет
Светот се подготвува за втор бран на коронавирусот

Првиот удар на коронавирусот на северната земјина хемисфера е издржан, со застрашувачки број на заболени и жртви. Со предупредување на експертите, многу земји се подготвуваат за втор бран на вирусот Ковид-19, кој се очекува на есен. Колективен имунитет се уште нема во доволна мера, а развојот на вакцината е во тек.
Додека во одделни делови на Европа веќе се преземени првите чекори кон враќање на животот во нормала, одделни земји во светот се подготвуваат за евентуален втор бран.
Вакви подготовки има во Германија, каде припадниците на војската во болница претвораат еден берлински саемски центар, додека една петина од креветите на одделенијата за интензивна нега ќе останат како резерва за евентуално повторување на вирусот на есен.
Како оружје во борбата против новиот бран во иднина ќе служи и мобилната апликација наменета за следење на контактите со заразените лица.
Специјалните болници, кои во Велика Британија се изградени за борба против коронавирусот, остануваат на располагање, а како што изјави еден од портпаролите на владата, изградбата на нови и натаму е во тек.
Како што пренесува АП, Франција планира новоизградените одделенија за интензивна нега да бидат подготвени за втор бран на вирусот, а здравствените власти велат дека земјата двојно го зголемила бројот на кревети за интензивна нега во екот на сегашната епидемија на над 10.000.
На претпазливост поради можно прерано укинување на рестриктивните мерки повикаа и германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Борис Џонсон.
Во некои земји веќе е забележан повторен пораст на бројот на заразени, еден таков случај, покрај Германија е и Сингапур, наспроти успехот кој таму беше постигнат во сузбивањето на пандемијата во раната фаза.
Кина, која моментално има контрола над ситуацијата, од есен ќе мора да спречува, односно да го држи под контрола продорот на коронавирусот на својата територија преку луѓе кои ќе доаѓаат од странство, изјави лидерот на еден експертски тим од Шангај, Жанг Венхонг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
НАТО би бил демилитаризиран во конфликт со Русија и Кина, според кинеска анализа

Ако сè уште го сметате НАТО за неповредлива супер-алијанса што може да дејствува како „глобален полицаец“ во секој момент, можеби е време да го преиспитате тоа верување – оценува кинескиот портал NetEase, повикувајќи се на анализата на американскиот воен експерт Вилијам Шрајвер.
Според него, ако НАТО од една страна, и Русија и Кина од друга страна, влезат во сериозна конфронтација, западната алијанса би можела да биде „демилитаризирана“ најмалку десет години. Иако звучи како смела проценка, кинеските автори сметаат дека логиката на овој заклучок е целосно оправдана.
„Митот за индустриската големина“
NetEase истакнува дека воената моќ на НАТО се темели на митовите за „индустриска големина“ и „одржување на мирот“, но дека вистинската војна би ги разоткрила слабостите на алијансата во снабдувањето, издржливоста и мобилноста.
Иако САД имаат 11 носачи на авиони на нуклеарен погон, што изгледа импресивно на хартија, во современото војување тие би станале лесни цели. Руските подморници од класата Jasen можат тивко да се приближат до флотите на НАТО, додека Кина веќе ги надмина САД по бројот на нови воени бродови во 2023 година, според порталот.
Логистиката како Ахилова пета
Шрајвер посебно предупредува за застареност на американскиот логистички систем, особено во развојот на арктичките рути, каде што Русија има децениска предност. Во исто време, европските членки на НАТО се соочуваат со пад на капацитетот – Германија има помалку од 300 тенкови, а британската морнарица „старее“ без доволно бродови за снабдување.
„Доколку избувне голема војна, НАТО нема да се бори како единствен сојуз – секој ќе ја игра својата игра, а резултатот би бил распад на алијансата“, предупредува Шрајвер.
Според кинеската анализа, митот за неповредливоста на Алијансата полека се урива пред новите глобални односи на моќ – каде што Русија и Кина веќе ја покажаа способноста да дејствуваат надвор од рамките на западните очекувања.
Фото: принтскрин
Свет
Украинска делегација во САД се сретна со произведувачите на ракетите „томахавк“

Украинска делегација предводена од шефот на кабинетот на претседателот Андриј Јермак е во посета на САД, каде што се сретна со претставници на компанијата „Рејтион“ (Raytheon), производител на ракетите „томахавк“ (Tomahawk), чие набавување Киев долго го посакува. Делегацијата ја сочинуваат и премиерката Јулија Свириденко, секретарот на Советот за безбедност, Рустем Умеров, заменик-министерот за надворешни работи, Серхиј Кислиција, и амбасадорката во САД, Олга Стефанишина.
Покрај „Рејтион“, тие остварија средба и со „Локид Мартин“ (Lockheed Martin).
Together with Prime Minister @Svyrydenko_Y, NSDC Secretary @rustem_umerov, First Deputy Foreign Minister @SergiyKyslytsya, and our Ambassador to the US @StefanishynaO,
we met with Lockheed Martin and Raytheon. Their tech is saving lives: F-16s and advanced air defense systems are… pic.twitter.com/kfmg5TzgmH— Andriy Yermak (@AndriyYermak) October 15, 2025
„Нивната технологија спасува животи – „ф-16“ и системите за противвоздушна одбрана го штитат украинското небо, а нивните офанзивни решенија ги поддржуваат нашите сили на фронтот“, изјави Јермак.
Прашањето за испорака на ракетите „томахавк“ се очекува да биде тема на средбата меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски оваа недела. НАТО-извори сметаат дека ова оружје може да има значително влијание на бојното поле иако не е пресудно за текот на војната.
Свет
Лондон в година ќе добие такси без возачи

Американската компанија „Вејмо“ објави дека нејзините такси без возачи ќе бидат достапни на улиците на Лондон в година, што ќе го направи британскиот главен град првиот европски град со целосно автономна такси-услуга, пишува „Гардијан“.
Според соопштението на компанијата, возилата првично ќе работат со обучени возачи за безбедност, а целосно автономното возење се очекува да почне во 2026 година по добивањето на потребните дозволи од надлежните британски власти.
„Вејмо“, дел од групацијата „Алфабет“, која е сопственик и на „Гугл“, моментно нуди автономни такси-услуги во Сан Франциско и во неколку други американски градови. Компанијата наведува дека ќе соработува тесно со британското Министерство за транспорт за да обезбеди услови за безбедно воведување на технологијата.
Британската министерка за транспорт Хајди Александар ги поздрави плановите на американската компанија истакнувајќи дека „автономните возила ќе придонесат за нови работни места, инвестиции и поголема достапност на транспортот“.
Целосна имплементација на Законот за автономните возила во Велика Британија се очекува кон крајот на 2027 година, а слични проекти за Лондон најавија и „Убер“ и локалната компанија „Вејв“.
Фото: принтскрин