Свет
Сексуално малтретирал петгодишно момче во Париз, брутално го претепал, го задавил и го оставил да умре, обвинение за 29-годишен маж
29-годишен маж е обвинет за обид за убиство, кој беше уапсен под сомнение дека сексуално малтретирал петгодишно момче во Париз, а потоа брутално го претепал, го задавил и го оставил да умре.
Член на семејството на момчето, кој се наоѓа во болница во тешка состојба, потврдил дека осомничениот бил бебиситер и дека во последните три години редовно го чувал малото дете.
Момчето било пронајдено во петокот, завиткано во вреќа, на улица меѓу два автомобила. Малото момче било пронајдено околу 19 часот откако осомничениот влегол во полициска станица да пријави дека го убил детето.
Полицијата веднаш го уапсила, а додека бил на распит, на телефонот покажал фотографија од момчето и објаснил каде го фрлил телото. Во исто време полицијата повикала случајни минувачи, кои рекле дека пронашле дете во вреќа за ѓубре, кое едвај дише.
Кај детето биле констатирани тешки физички повреди на телото и вратот, а постои сомневање дека момчето било сексуално малтретирано. Како што пренесуваат француските медиуми, осомничениот му ја завиткал главата на детето во вреќа за ѓубре.
На рочиштето во Обвинителството осомничениот се бранеше молчејќи и не откри зошто го малтретирал и се обидел да го убие момчето.
Инаку, осомничениот и претходно бил обвинет за полов напад врз малолетник. Тој е осомничен дека во јуни минатата година вознемирувал дете што имало 15 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп најави нови казни за Русија, пристигна првата реакција на Кремљ
Кремљ реагира на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека републиканците во Конгресот подготвуваат закон со кој ќе се воведат санкции за сите земји што соработуваат со Русија. Портпаролот Дмитриј Песков, изјави дека Москва ќе одговори многу остро на усвојувањето ваков закон.
„Москва би реагирала исклучително негативно на усвојувањето на американскиот закон за санкции против земјите што соработуваат со Русија“, рече Песков.
Трамп објави дека републиканците во Конгресот подготвуваат закон со кој ќе се воведат санкции за сите земји што соработуваат со Русија. Трамп додаде дека новите мерки би можеле да важат и за Иран, клучен воен сојузник на Москва, пишува „Киев индипендент“.
„Секоја земја што соработува со Русија ќе биде предмет на многу строги санкции“, изјави Трамп пред новинарите во Палм Бич, Флорида.
Претстојниот закон се темели на низа мерки што администрацијата на Трамп ги презеде во последните месеци. Првите санкции против Москва беа објавени во октомври, насочени кон две од најголемите руски нафтени компании – „Роснефт“ и „Лукоил“ – заедно со нивните подружници.
Сепак, Министерството за финансии на САД неодамна ги одложи санкциите врз „Лукоил“, кои првично требаше да стапат во сила на 21 ноември, за да ѝ се даде време на компанијата да ги продаде своите странски средства.
Порано оваа година, Вашингтон воведе и царини од 50 проценти за стоки од Индија, еден од најголемите увозници на руска нафта. Причината беше упорноста на Њу Делхи да купува и покрај предупредувањата дека би можеле да следуваат секундарни санкции ако Москва не покаже напредок во мировните напори во Украина.
Иако Трамп не понуди дополнителни детали за законот што се подготвува, тој рече дека Иран, веројатно, ќе биде меѓу целите. Од почетокот на руската инвазија на Украина, Иран се појави како клучен сојузник на Кремљ, снабдувајќи ја Москва со оружје и воена опрема.
фото: принтскрин
Свет
Мерц: Ова е крајот на светскиот поредок каков што го знаеме
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, на економска конференција во Берлин организирана од германскиот весник „Цајтунг“, изјави дека сегашниот светски поредок е завршен.
„Сè уште не знаеме како ќе изгледа светскиот поредок за неколку години, но сигурно знаеме дека поредокот што ние на Запад го знаеме во последните 80 години, а на Исток 35 години, овие денови, недели, месеци, денес, на овој ден кога се среќаваме тука – е завршен“, рече Мерц.
„И ако сакаме да обликуваме нов светски поредок, тоа е можно само заедно со нашите европски соседи“, додаде тој.
Канцеларот Мерц истакна дека предизвиците со кои се соочува германската влада „се толку разновидни како ретко, а можеби и никогаш порано во повоената историја на Сојузна Република Германија“. Мерц ги наведе конфликтот во Украина, односите со Кина и трговските несогласувања со Соединетите Американски Држави.
„На Атлантикот се појави длабок јаз, што доведува во прашање многу работи – речиси сè што го сметавме за правилно и неопходно во трансатлантските односи во последните децении“, рече тој.
Фото: принтскрин
Економија
САД го продолжуваат рокот за продажба на странските средства на „Лукоил“
Канцеларијата за контрола на странските средства на Министерството за трговија на САД го продолжи рокот за завршување на трансакциите поврзани со преговорите и склучувањето договори за продажба на меѓународни средства на руската нафтена компанија „Лукоил“ до 13 декември, објави американската агенција.
Американската страна исто така го продолжи рокот за завршување на трансакциите со бугарските подружници на „Лукоил“ до 29 април 2026 година.
Обединетото Кралство воведе санкции врз „Лукоил“ кон средината на октомври, со рок до 29 ноември за завршување на трансакциите. Потоа се приклучи и Вашингтон, со санкции што требаше да стапат во сила на 21 ноември.
Кон крајот на октомври „Лукоил“ потврди дека поради санкциите, одлучил да продаде средства во странство и ја прифатил понудата на швајцарскиот „Гунвор“. Но, „Гунвор“ ја повлече понудата на почетокот на ноември по сигналите од Вашингтон дека дозволата нема да биде издадена додека трае војната во Украина.
Според извори на „Ројтерс“, американскиот фонд „Карлајл“, кој управува со средства во вредност од 474 милијарди долари, размислува за купување на меѓународните средства на „Лукоил“ како целина.
Поединечни клиенти се заинтересирани за индивидуални проекти: „Шел“ наводно ги сака платформите на „Лукоил“ во Гана и Нигерија, „Џенгиз холдинг“ вели дека не се откажува од купувањето на бугарската рафинерија „Нефтохим Бургас“.
Од „Лукоил“ велат дека се во преговори со неколку потенцијални купувачи и дека неговата цел е да обезбеди континуирано работење на сите странски проекти за време на продажбата со цел да се избегнат прекини во снабдувањето со енергија и да се зачуваат работните места.
Компанијата поседува во странство: рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет, Нигерија и мрежа од речиси 2.500 бензински пумпи во 19 земји, вклучувајќи ја и Македонија.
Вкупно, произведува околу 2 % од светската нафта, од која 0,5 % е надвор од Русија.
Вредноста на странските средства се проценува на речиси 22 милијарди долари, според берзанските поднесоци од 2024 година.

