Свет
Се огласи од затвор монструмот од Австрија, кој ја држеше ќерката во ропство и ѝ направи седум деца: Сакам да живеам 130 години
Сексуалниот престапник Јозеф Фрицл (87) првпат проговори за својот сон за слобода и во интервју изјави дека мисли оти неговото семејство ќе му прости за злосторствата и верува дека повторно ќе се соедини со нив.
Фрицл за „Сан“ изјави дека секогаш мисли на своето семејство и дека е обожавател на кралот Чарлс и дека го гледал на телевизија неговото крунисување.
Во шокантно интервју зад решетки австрискиот силувач рече дека сака да живее 130 години. Тој нагласи дека секој ден вежба за да биде фит кога ќе биде ослободен и ќе биде со семејството, кое го криел 24 години. Опишувајќи ја својата строга диета и план за вежбање, тој рече дека секој ден го почнува со кафе.
„Морам да го имам ова за да се разбудам правилно, а потоа набргу со шолја топло какао. Потоа пијам чај и јадам три јајца, парче тост со шунка и колбаси и сирење. Земам и витамин Ц, како и магнезиум и цинк“, рече тој.
Фрицл, за кој се верува дека боледува од деменција, рече дека пие и многу вода во текот на денот.
„Неодамна прочитав дека научно е докажано оти луѓето може да доживеат 150 години ако се хранат и вежбаат правилно. Сакам да живеам 130 години, тоа е мојот план“, рече тој.
Фрицл беше осуден на доживотен затвор во 2009 година по обвинувањето за силување, ропство и убиство затоа што ја држел својата ќерка затворена и ја силувал 24 години во Австрија. Ја држел својата ќерка Елизабет затворена во ќелија во семејната куќа во Амштетен, ја силувал и со неа имал седум деца.
Едно бебе починало во 1996 година бидејќи Фрицл одбил да му даде медицинска нега. Три деца останаа во ќелијата додека Фрицл преостанатите три ги одгледа со сопругата Розмари (84). Се развела од него кога дознала за ужасните злосторства.
Тој исто така верува дека има повеќе вонбрачни деца во странство бидејќи одел на службени патувања. Од австрискиот затвор во Кремс, Фрицл зборуваше за „Сан“ преку својот адвокат.
„Многу ми недостига семејството. Секогаш мислам на нив и многу би сакал да ги видам моите внуци. Сигурен сум дека еден ден повторно ќе бидеме заедно и мислам дека ќе ми простат за она што го направив“, рекол Фрицл.
Тој додал дека многу му е жал за тоа што го направил и се кае за своите злосторства. Не се шета низ затворскиот двор бидејќи има неколку затвореници што чекаат да го претепаат. Во јуни 2022 година судот пресуди дека Фрицл мора да остане во затвор со висок степен на обезбедување откако судијата ги откри плановите да го префрлат во полесен затвор.
Неговиот случај привлече меѓународно внимание во 2008 година кога Елизабет ѝ кажа на полицијата дека татко ѝ насилник ја држел заробена со години.
Тој ја намамил ќерката Елизабет во ќелија во семејната куќа во 1984 година кога имала 18 години. Тој ѝ рекол на својата сопруга Розмари дека Елизабет побегнала и се приклучила на култ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија има сила повторно да го нападне Киев, изјави Зеленски за АФП
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.
Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.
Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.
„Русите можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право“, вели Зеленски.
Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.
„Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина“, истакна Зеленски.
Регион
Пленковиќ, хрватскиот премиер кој доби трет мандат најави прва седница за понеделник
Откако хрватскиот Сабор вчера ја поддржа 16. Влада на Република Хрватска, а третата предводена од лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ, тој во изјава за медиумите рече дека првата седница на новата Влада ќе биде во понеделник и најави продолжување на посветената работа во интерес на хрватскиот народ.
„Благодарам на мнозинството во хрватскиот Сабор што ни ја укажа довербата да станеме Влада на Република Хрватска по трет пат и ние, како што правевме претходните осум години, посветено ќе работиме во интерес на хрватскиот народ, сите наши сограѓани, економијата, врската меѓу татковината и иселениците Хрвати и да спроведеме програма врз основа на која ја добивме довербата на хрватските гласачи“, рече Пленковиќ откако Собранието гласаше за неговата трета Влада
Тој им се заблагодари на сите партнери кои ја поддржаа Владата.
Пратениците во хрватскиот Сабор вчера гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ.
За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Свет
Убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец
Вчера од вооружени лица во централен Авганистан се убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец, а четворица странски државјани и тројца Авганистанци се ранети, соопшти талибанското Министерство за внатрешни работи.
Според светските агенции не е позната националноста на туристите, ниту кој го извршил нападот за кој што се уапсени четири лица.