Свет
СЗО: Наредбата за евакуација на Израел е смртна казна за ранливите пациенти

Светската здравствена организација (СЗО) рече дека барањето од ранливите пациенти да се евакуираат од болницата во Газа е смртна казна, а шефот на организацијата го повика Израел да ја повлече својата одлука за евакуација.
СЗО соопшти дека локалните здравствени власти во Газа ја информирале дека е невозможно да се евакуираат ранливите болнички пациенти од северниот дел на Газа откога израелската војска ги повика цивилите да се преселат на југ во рок од 24 часа.
„Има тешко болни луѓе, чии повреди значат дека единствената шанса за преживување им е на апаратите за одржување во живот, како што се механичките вентилатори“, изјави портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, за „Ројтерс“, додавајќи: „Да се преместат тие луѓе е смртна казна. Барањето од здравствените работници да го направат тоа е повеќе од сурово“.
Директорот на СЗО, Тедрос Гебрејсус, рече дека болниците во Газа се на пресушна точка и директно апелира до Израел да се премисли.
„Болниците во Газа се на крајните можности“. Без итен влез на помош, основните здравствени услуги ќе запрат што ќе биде катастрофално за пациентите, здравствените работници и за другите цивили што се оставени или фатени во опасно, а можеби и смртоносно масовно движење. Бараме одлуката да се промени“, рече директорот на СЗО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Шверцери истоварија дрога на плажа полна со туристи во Шпанија

Група шверцери со дрога се уапсени откако го истовариле својот товар пред шокираните туристи и капачи на популарна плажа на Коста дел Сол во Шпанија.
Целиот инцидент се случил на плажата Плаја Анча, а видеото од настанот стана вирално. На него се гледа како глисер се приближува кон брегот, а потоа екипажот предава неколку големи пакети на група мажи на копно, кои брзо ги товарат во џип паркиран на песок.
Na Espanha, narcotraficantes descarregaram uma carga de haxixe marroquino em plena luz do dia e na frente dos banhistas.
Ocorreu na praia de Casares no último sábado (30/08). pic.twitter.com/QeCwvF6ysa
— Submundo Criminal (@submundodocrime) September 2, 2025
Осомничените, од кои многумина ги криеле лицата со маички, носеле тешки торби преку плажата, поминувајќи покрај капачи и семејства со деца. Откако товарот бил истоварен, друг маж скокнал од глисерот и им се придружил на остатокот од групата во џипот, кој потоа ја напуштил плажата со голема брзина. Глисерот истовремено се упатил назад кон морето.
Според шпанскиот весник „Диарио де Понтеведра“, глисерот пристигнал од Мароко, а користениот теренец наводно бил украден во Гибралтар.
Градоначалникот на Касарес, Хуан Луис Виљалон, потврди дека истрагата ја презема специјалната единица за борба против трговијата со дрога.
„Вакви настани никогаш порано не се случиле во Касарес, а камоли сред бел ден. Ова е причина за тревога и повик за јавна акција“, рече тој. „Единицата ни кажа дека ја презеле истрагата, но оваа ситуација ни предизвикува голема загриженост.“
Шпанија се смета за една од главните влезни точки за дрога на европскиот пазар. Тамошните власти редовно ги евидентираат најголемите заплени на кокаин и канабис во Европската Унија, при што повеќето пратки пристигнуваат по морски пат од Централна и Јужна Америка и Африка.
Свет
Мерц: Погрешив во врска со Владимир Путин

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека европските лидери погрешно го процениле руско-украинскиот конфликт и рускиот лидер Владимир Путин.
„Сите погрешивме во врска со Владимир Путин. Вистина е дека, според мене, отсекогаш сум бил скептичен. Но, требаше самиот побрзо да ја сфатам заканата – долго пред 2022 година, долго пред неговиот напад врз Украина – во 2014 година, кога тој го нападна Крим. А можеби дури и во 2008 година, кога ја нападна Грузија“, рече тој во интервју за „Пари мач“.
Мерц посочи на „историските размери“ на она што се случува, истакнувајќи дека агресијата на Путин ја нападнал втората најголема земја на европскиот континент по површина.
Тој, исто така, предупреди дека Европејците ќе се соочат со овој „авторитарен режим кој повеќе не ја почитува рамнотежата што постоеше претходно“ во годините што доаѓаат.
Мерц неодамна го нарече Путин „најголемиот воен злосторник на денешницата“.
Фото: ЕПА
Свет
Почина Џорџо Армани

Италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани почина, објави денеска неговата компанија.
„Со огромна тага, групацијата Армани ја објавува смртта на својот творец, основач и неуморна движечка сила: Џорџо Армани“, се вели во соопштението на модната куќа.
Армани, кој имаше 91 година, беше синоним за модерен италијански стил и елеганција. Тој ја комбинираше креативноста на дизајнер со остроумноста на бизнисмен, водејќи компанија која генерираше приход од околу 2,3 милијарди евра годишно.
Џорџо Армани е роден на 11 јули 1934 година во Пјаченца, Италија. Во младоста студирал медицина, но по неколку години го напуштил универзитетот и се свртел кон модата. Работел како декоратор на излози во стоковната куќа Ла Ринашенте во Милано, а потоа како дизајнер за Нино Черути.
Заедно со партнерот Серџо Галеоти, тој го основал Армани С.п.А. во 1975 година. Брзо станал познат по своите елегантни, минималистички кроеви и луксузни ткаенини. Особено бил познат по своите машки костуми кои го редефинирале деловниот стил во 1980-тите.
Армани изгради модна империја која вклучува неколку брендови (Џорџо Армани, Емпорио Армани, Армани Ексчејнџ), како и линии за парфеми, часовници, ентериери и хотели. Неговите дизајни често се поврзуваат со поими за софистицираност, италијанска елеганција и безвременски луксуз.
Тој стана познат и по облекувањето на холивудските ѕвезди – на пример, Ричард Гир носеше костуми на Армани во филмот „Американски жиголо“ (1980), што дополнително го зацврсти неговиот углед.
Армани остана на чело на својата компанија до неговата смрт, инсистирајќи на независноста на брендот и одбивајќи да продава на големи конгломерати. Тој беше синоним за модерен италијански стил.