Свет
Стотици активисти може да се обидат да ја нарушат инаугурацијата на Трамп
Стотици активисти се закануваат дека ќе се обидат да ја прекинат инаугурацијата на избраниот американски претседател Доналд Трамп, којашто ќе се одржи на 20-ти јануари во Вашингтон.
Станува збор за активистите на граѓанското здружение DisruptJ20, коешто ги координира плановите за своите акции со редица други организации, вклучително и движењето за правата на црнците Black Lives Matter, пишува Reuters.
„Сакаме да ја блокираме инаугурацијата. Сакаме во градот и целата држава да настане метеж“, го цитира агенцијата претставникот на DisruptJ20, Дејвид Торнстон.
Според него, мобилизирани се околу 300 активисти со цел на денот на инаугурацијата на новиот американски претседател да ги блокираат 12-те контролни пунктови, кои ќе бидат поставени околу Капитол Хил и по должината на рутата на парадата по авенијата Пенсилванија.
Како што дознава Reuters, властите во Вашингтон им издале одобрување за спроведување протестен собир на 20-ти јануари на 27 различни групи и организации. Тоа е четири пати повеќе отколку во текот на инаугурациите на претходниците на Доналд Трамп на должноста шеф на државата.
Церемонијата ќе се одржи во комплексот на Конгресот на Капитол Хил. Доналд Трамп ќе ја положи заклетвата на специјална платформа. Потоа 45-от претседател на САД ќе одржи говор во кој ќе ги изложи основните насоки на своите политики.
Според традицијата, инаугуративната платформа се прави „од нула“ за секоја ваква церемонија. Годинава таа ќе зафаќа површина од 929 квадратни метри, точно колку што беа и димензиите и на инаугурацијата на неговиот републикански претходни Џорџ В. Буш помладиот на 20-ти јануари 2005 година.
На неа ќе бидат сместени учесниците во церемонијата и повеќе од 1.600 гости, меѓу кои и претседателот на заминување Барак Обама со семејството, неговиот наследник на должноста Доналд Трамп со семејството, потпретседателот Џозеф Бајден и неговиот наследник МајклПенс, досегашни и новите членови на претседателската администрација (владата), членовите на двата дома на Конгресот, на Врховниот суд, поранешни претседатели на САД, членовите на Здружената команда, гувернерите на сојузните држави и претставници на дипломатскиот кор.
Посебна платформа, пак, ќе биде подигната за граѓаните.
Како што беше претходно соопштено поранешниот американски претседател Бил Клинтон ќе присуствува во Вашингтон на инаугурацијата на избраниот претседател Доналд Трамп, заедно со својата сопруга Хилари Клинтон, којашто како кандидатка на Демократската партија беше поразена на изборите на 8-ми ноември. Покрај двојката Клинтон, на церемонијата во Вашингтон ќе присуствува и 43-от американски претседател Џорџ В. Буш помладиот со сопругата Лора. Претходно своето присуство на церемонијата го потврди и 39-от претседател Џими Картер. Единствениот од уште живите американски претседатели, кој нема да присуствува на инаугурацијата на Трамп, ќе биде 41-от претседателот Џорџ В. Буш постариот, кој церемонијата ќе ја пропушти поради здравствени причини./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски дипломат: На работ сме на договор за мир во Украина
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјави во интервју за Еј-Би-Си дека верува оти страните во војната се „на работ“ на дипломатско решение што би го завршило руско-украинскиот конфликт.
„Подготвени сме да постигнеме договор“, рече Рјабков, додавајќи дека се надева оти спогодбата може да биде постигната „поскоро отколку подоцна“.
Неговите изјави доаѓаат откако претставници на американската администрација сигнализираа дека мировен договор можеби е поблизу од кога било, наведувајќи дека околу 90 проценти од спорните прашања веќе се решени.
И покрај оптимистичкиот тон, Рјабков повтори дека Русија не се откажува од контролата врз Крим, како и врз делови од украинските области Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, што Киев ги смета за неприфатливи услови.
Тој истакна дека Русија нема да прифати присуство на НАТО-сили во Украина, дури ни како безбедносна гаранција по завршувањето на војната.
Разговорите се водат со посредство на САД, како дел од мировната иницијатива на Белата куќа за ставање крај на руската инвазија започната во февруари 2022 година.
Свет
Мерц: САД се подготвени за обврзувачки безбедносни гаранции за Украина
САД се подготвени да преземат правни безбедносни гаранции слични на член 5 од Договорот за НАТО. Ова го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, цитиран од „News.LIVE“. Повоениот мир за Украина мора да биде обезбеден со материјални и правни гаранции од САД и Европа, нагласи германскиот канцелар Мерц, додавајќи дека сојузниците повеќе нема да ги повторуваат „грешките од Минските договори“.
Овие гаранции треба да бидат сеопфатни, истакна Мерц, додавајќи дека нивната специфична содржина ќе биде разгледана подоцна: „Во случај на нов напад од страна на Руската Федерација, Украина би можела да се одбрани не само сама, туку и со поддршка на оние земји што ќе ги преземат обврските“.
Според канцеларот, Европејците ѝ ги предале на Русија своите предлози за обезбедување безбедносни гаранции и „топката сега е во дворот на Москва“. Мерц го повика Кремљ да покаже дека навистина сака мир и да се согласи на целосно прекин на огнот со Украина за време на божиќните празници.
Веќе има сигнали од украинската страна и од водечките земји од ЕУ дека е можно на крајот да има договор меѓу САД и Украина за тоа како треба да изгледа идниот мир. Но, Русија сепак ќе мора да биде убедена, дури и ако Украина и САД на крајот постигнат договор за Донбас. Американската страна, исто така, била задоволна од тоа како се одвивале преговорите, тврди Ројтерс, врз основа на свои извори.
„Разговорите не се лесни, но се продуктивни“, коментираше украинскиот претседател Володимир Зеленски и потврди дека Украина и САД имаат различни ставови за судбината на Донбас.
depositphotos
Свет
Зеленски: Не е постигнат компромис за територијалното прашање за време на преговорите во Берлин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека позициите на САД и Украина за поделбата на териториите сè уште се разликуваат. Тој го објави ова за време на заедничката прес-конференција со Фридрих Мерц на Германско-украинскиот економски форум, пренесува „Европејскаја правда“.
Тој нагласи дека САД дејствуваат како посредник во овие преговори.
„Секако, не сите прашања се едноставни. Постојат сложени работи, особено во врска со териториите. Секако, сите го покренуваат ова прашање. И тука е важно сите ние да работиме на тоа ваквите прашања да се решат апсолутно праведно. Дијалогот за териториите не беше доволен и ми се чини дека досега имаме различни позиции, да бидам искрен, но мислам дека колегите го слушнаа мојот личен став“, рече Зеленски.
Во исто време, тој истакна дека е постигнат напредок по многу прашања за време на неодамнешните преговори.
„Навистина имаше напредок по многу прашања. Искрено, не знам како Русија ќе го перцепира ова – во однос на релевантните резултати од нашите разговори“, нагласи украинскиот шеф на државата.
Во Берлин се одржа состанок на украинската делегација предводена од Володимир Зеленски со претставници на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф денес објави значителен напредок во преговорите.
depositphotos

