Свет
Трамп во разговорот со Путин го критикувал договорот за нуклеарното разоружување
Американскиот претседател Доналд Трамп во својот прв телефонски разговор со рускиот колега по должност Владимир Путин од 28-ми јануари го критикувал и го нарекол лош за САД договорот од 2010 година со кој Вашингтон и Москва се обврзаа за намалувањето и ограничувањето на бројот нуклеарни боеви глави, пренесува Reuters повикувајќи се на двајца разузнавачки американски функционери и еден поранешен член на администрацијата, запознаени со текот на разговорот меѓу двајцата челници.
Според нив „кога Путин предложил продолжување на договорот од 2010 година“, познат како Нов СТАРТ, Трамп земал пауза за да се распраша кај своите советници за содржината на тој договор.
„Потоа Трамп му кажал на Путин дека тој договор бил еден од договорите, склучени со администрацијата на (поранешниот претседател Барак) Обама, истакнувајќи дека Новиот СТАРТ е поволен за Русија“, се наведува во извештајот на Reuters.
Агенцијата прецизира дека пред разговорот со Путин, за Трамп не бил организиран никаков специјален брифинг со експертите за Русија од Советот за национална безбедност на Белата куќа. Се истакнува, исто така, дека за време на разговорот, Путин го поставил прашањето за можно обновување на преговорите за низата спорни прашања. Со тоа, се оценува, дека телефонскиот разговор со Путин ја зголеми загриженоста бидејќи се чини дека Трамп не бил соодветно подготвуван за разговорите со странските челници.
Вообичаената постапка е претседателот пред таквите разговори да прими писмен кроки извештај кој го составува Советот за национална безбедност во соработка со низа агенции, меѓу кои и министерството за надворешни работи, за одбрана и разузнавачките служби. Покрај тоа, пред разговорот советникот и усно го запознава претседателот со материјалот.
Агенцијата Reuters пишува дека немала увид во транскриптите од разговорот, а од Кремљ не биле достапни за коментар.
Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер, на вообичаениот брифинг со новинарите одбил да го коментира извештајот на Reuters за изнесените информации од текот на разговорот меѓу двајцата државници, пренесуваат агенциите.
„Разговорот меѓу нашиот претседател и претседателот Путин е приватен телефонски разговор“, рекол Спајсер. Потсетил дека Белата куќа објави официјално соопштение за текот на разговорот, одбивајќи да додаде некои нови информации од неговиот тек и темите за кои се зборувало, пренесе агенцијата ТАСС.
Траба да се истакне дека пред речиси две седмици, во симултаното интервју за британскиот весник The Times и за германскиот Bild, Трамп повика на склучување нуклеарен договор со Русија во рамките на дијалогот за олеснувањето на западните санкции против Москва.
„Тие (западните сили – з.р.) воведоа санкции против Русија, но да видиме дали можеме да склучиме некои добри договори со Русија. Јас сметам дека треба да се почне од тоа оти нуклеарното оружје треба да биде значително намалено“, рече тогаш Трамп.
Новиот договор СТАР го потпишаа рускиот и американскиот претседател на 8-ми април 2010 година во чешката престолнина Прага. Договорот го ратификуваше американскиот Сенат во октомври 2010 година, кога 13 републикански сенатори им се придружија на колегите демократи во поддршката, а другите републиканци и тогаш тврдеа дека договорот е наивен.
Со него се предвидува намалување на распоредените стратешки носители на нуклеарни боеви глави на секоја страна до 700 единици, и до 1.550 нуклеарни боеви глави, со меѓусебен инспекциски надзор. Договорот има важност на десет години. Новиот договор СТАРТ можеше да биде продолжен за уште пет години по 2012 година со заеднички договор. Доколку двете најголеми светски нуклеарни сили не договорат нови намалувања, ќе имаат одврзани раце, што потенцијално може да создаде терен за нова трка во вооружувањето.
Договорот, исто така, на двете земји до февруари оваа 2017 година им наложува да го намалат бројот на распоредените нуклеарни боеви глави на 1.550, што е најмалото количество во текот на неколку децении. Исто така, се ограничува и бројот на распоредените ракети на копното и на подморниците, како и бројот на бомбардери кои можат да носат нуклеарно оружје.
Во текот на изборната кампања во 2016-та, Доналд Трамп изјави дека Русија била поитра при склучување на договорот. Трамп тврди дека договорот ѝ овозможува на Русија продолжување на производството на нуклеарните боеви глави, а тоа не им го дозволува на САД. Но претставници на поранешната администрација тврдат дека тоа тврдење на новиот американски претседател не е точно.
Државниот секретар Рекс Тилерсон на сослушувањето пред комисијата во Сенатот изјави дека го поддржува руско-американскиот договор. Рече и дека САД треба да го одржуваат дијалогот со Русија, да водат сметка Москва да ги исполнува обврските преземени со Новиот СТАРТ./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бајден зборуваше за дебатата со Трамп, но и за детали од неговиот личен живот
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека ќе учествува на дебата со Доналд Трамп, неговиот републикански противкандидат на ноемвриските избори.
„Не знам кога“, изјави Бајден во интервјуто со Хауард Стерн и додаде дека со нетрпение го очекува тоа, пренесе Ројтерс.
Бајден раскажуваше семејни приказни и рече дека пелтечењето било подготовка за тешките удари во животот. Тој рече дека пелтечењето како дете било најдоброто нешто што му се случило. Додаде дека на крајот го надминал пелтечењето, но дека повремено му се враќа кога зборува во јавност.
Интервјуто со Хауард Стерн се случи додека Бајден присуствуваше на политички настан во Њујорк.
За време на интервјуто, тој презентираше многу биографски детали, обидувајќи се да се претстави пред гласачите. Бајден, исто така, рече дека неговиот татко, Џозеф Робинет Бајден постариот, ретко покажувал љубов и раскажал приказна што напраавил кога бил нокаутиран додека играл рагби кога бил во четврто одделение.
„Татко ми излезе со нас и рече Џои стани. Само стани. Мора да станеш“, раскажал Бајден.
Свет
(Видео) Снимка од Ердоган хит на социјалните мрежи: Телохранител му подаде чешел на турскиот претседател, а потоа цела делегација мораше да застане
Видео од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган како се чешла стана хит на социјалните мрежи.
Ердоган, кој во четвртокот дојде на прославата на Уставниот суд во Анкара, цело време беше придружуван од телохранител кој ненадејно му подава чешел пред да влезе во салата. Турскиот лидер застана и почна да се чешла додека целата делегација, вклучително и претседателот на Уставниот суд, чекаше.
— Pluton (@Pluton45873221) April 26, 2024
Откако заврши со средувањето на косата, Ердоган му го даде чешелот на еден од своите советници, а потоа продолжи да се шета со претседателот на Уставниот суд, Кадир Озкај, насмеан.
Ердоган присуствуваше и на прославата на 62-годишнината од формирањето на Уставниот суд.
Свет
Се слушнало тропање и силни вибрации: Боинг изгубил дел за време на лет, извршил принудно слетување
Авионот на „Делта ерлајнс“ кој утрово полета од аеродромот „Џон Кенеди“ во Њујорк мораше да се сврти и да се врати на аеродромот поради дефект на опремата за итни случаи, пренесува „Индекс“.
Летот 520 на „Делта ерлајнс“ безбедно се врати на аеродромот околу 8:35 часот откако екипажот пријавил вибрации, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА). Пилотите веднаш по полетувањето пријавиле во контролата на летање дека почувствувале чудни вибрации и слушнале звук на тропање.
Авионот летал 33 минути пред да се врати на ЏФК, пишува „ABC7 New York“.
„Откако леталото безбедно слета, беше забележано дека во одреден момент отпадот за итни случаи паднал“, рече портпаролот на „Делта“. За време на инцидентот во „Боингот 767“ имало 176 патници, двајца пилоти и пет стјуардеси. Нема извештаи за повредени.
Патниците биле префрлени во друг авион, кој полетал во 10:59 часот, околу три часа подоцна. Авионот чиј дел за итни случаи паднал е стар 33 години и нема да биде во служба додека „Делта“ не ја процени неговата соодветност. Од ФАА велат дека ќе го истражат целиот инцидент.