Свет
Третина од возрасните Американци покажуваат знаци на вознемиреност или депресија среде пандемијата на коронавирусот
Студија спроведена од Американското биро за попис во соработка со пет сојузни агенции откри дека една третина од возрасните Американци се борат со вознемиреност или депресија среде пандемијата на коронавирусот, пренесува „Њујорк пост“.
Со најмалку 100.000 смртни случаи пријавени во САД како резултат на Ковид-19 и повеќемесечната домашна изолација, од која се погодени милијарди луѓе на глобално ниво, менталното здравје стана сериозен проблем.
Студијата, која беше почната на 23 април, траеше 90 дена и собра податоци од приближно 40.000 луѓе. Според резултатите, 47,4 отсто од Американците на возраст од 18 до 29 години покажале знаци на анксиозност или депресија, а само 19,8 отсто од возрасните постари од 70 години покажуваат такви знаци.
Резултатите исто така покажуваат директна корелација со пандемијата бидејќи на прашањето што се однесува на депресијата од една студија од 2014 година позитивно одговориле речиси 50 отсто помалку возрасни Американци.
Луѓето со пониско образование и во возрасната група од 18 до 29 години исто така имале повисоки стапки на вознемиреност и депресија, се наведува во студијата. Според студијата, возрасните во хиспанската и црнечката заедница покажале повисоки стапки на депресија отколку оние од азиските или белите заедници, кои биле анкетирани.
Црнечките заедници во САД, како што се заедниците во Чикаго, на пример, се статистички најтешко погодени од коронавирусот, тврдат здравствени експерти. Црните Американци претставуваат повеќе од 50 отсто од случаите на коронавирус во Чикаго и речиси 75 отсто од смртните случаи поврзани со Ковид-19, што градот ги пријавил на почетокот на април.
Студијата има цел да собере податоци за да ги измери социјалните и економските ефекти на Ковид-19 врз американските домаќинства.
Истражувањето ќе помогне да се следи американското ментално здравје и да се усогласат националните здравствени цели, да се оценат здравствените политики и програми и да се следат промените во однесувањето и користењето на здравствената заштита, велат од Центарот за контрола и спречување болести (ЦДЦ) и од Американското биро за попис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

