Свет
Украина до Западот: конфликтот на Блискиот Исток ќе значи и зголемување на производството на оружје
Соочен со фактот дека војната на Блискиот Исток го одвлекува вниманието на Западот од Украина, Киев го повика „слободниот свет“ да ги зголеми инвестициите во оружје оценувајќи дека производството е далеку под она што (ним) им е потребно, анализираат медиумите.
Во интервју за „Политико“, украинскиот министер за стратешка индустрија Олександар Камишин изјави дека западните земји треба да го забрзаат производството на ракети, гранати и воени беспилотни летала.
„Слободниот свет треба да произведе доволно за да се заштити. Затоа мораме да произведуваме повеќе и подобро оружје за да останеме безбедни“, рече Камишин, кој беше во Берлин обидувајќи се да ги убеди производителите на оружје да инвестираат во разурнатата Украина.
Сегашните капацитети на фабриките се лоши, смета тој. „Ако ги соберете сите светски капацитети за производство на оружје, за производство на муниција, тоа нема да биде доволно за оваа војна“, рече Камишин за моментната ситуација во Украина.
Според написите, со војната меѓу Израел и Хамас и фокусирањето на Западот на Блискиот Исток, Украина стравува дека нејзините западни сојузници нема да може истовремено да им помогнат и ним и на Израел со системи за противвоздушна одбрана и артилерија.
Поради ова, смета Камишин, Западот мора да почне да гради производствени капацитети. „Ова што сега се случува во Израел покажува и докажува дека одбранбената индустрија на глобално ниво ќе биде дестинација за инвестиции со децении“, рече тој.
Украина, порано главен воен центар во Советскиот Сојуз, сега се обидува да го зголеми производството на оклопни возила, муниција и системи за противвоздушна одбрана, рече тој, и сака западните партнери да инвестираат.
Клучниот чекор се очекува во вторник кога германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот премиер Денис Шмихал ќе објават ново заедничко вложување меѓу „Рајнметал“ и „Укроборонпром“, украинска одбранбена компанија, рече Камишин.
Минатиот март земјите од ЕУ ветија дека ќе испратат еден милион артилериски гранати во Украина во текот на следната година како дел од програмата за зајакнување на производството. Досега Украина има добиено над 350 артилериски системи од земјите на НАТО и Австралија. Во комбинација со парчиња од советската ера во украинските залихи Киев има околу 1.600 парчиња артилерија во употреба, пренесува РТ Балкан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
ЕУ: Веќе нема ризик од кршење на владеењето на правото во Полска
Европската комисија денеска објави дека планира да ја затвори постапката против Полска до крајот на мај, бидејќи веќе не постои ризик од сериозно кршење на владеењето на правото.
Потпретседателката на Комисијата за вредности и транспарентност, Вера Јоурова, изјави дека полските власти покажале решителност да ги исправат неправилностите во областа на правдата, дека признале дека има проблем во таа област, дека се подготвени да го елиминираат, дека европското законодавство има приоритет пред националното законодавство и дека се обврзале дека ќе ги спроведуваат одлуките на Судот на правдата на Европската унија и Европскиот суд за човекови права поврзани со владеењето на правото, вклучително и независноста на судството.
„Мислам дека во случајот со Полска веќе нема очигледен ризик од сериозно кршење на владеењето на правото“, рече Јоурова и најави дека по дискусијата на состанокот на министрите за европски прашања во вторник овој месец, ќе предложи до Комисијата да ја затвори постапката.
Таа додаде дека приговор на ваквата оценка има само унгарскиот министер за правда Јанош Бока, кој обвинува дека Комисијата во овој случај се води од политички причини, а не од реални промени во полското правосудство.
Во текот на осумте години на власт, претходната полска влада предводена од националистичката партија Право и Правда спроведе низа реформи во судството, со што се доведе во прашање поделбата на власта и независноста на судството, како и слободата на медиумите. Поради ова, Полска беше блокирана од милијарди евра кои и беа наменети во европскиот буџет.
Новата полска влада предводена од премиерот Доналд Туск, која ја презеде функцијата во декември минатата година, најави дека ќе обезбеди повторно воспоставување на независноста на судството и ќе го поништи она што претходната влада го направи во таа област.
Слична постапка се води и против Унгарија, чија влада со години е во конфликт со европските институции и другите членки на ЕУ за почитување на владеењето на правото во таа земја.
Свет
Поддршката за Бајден на најниско ниво во последните две години
Поддршката за американскиот претседател Џо Бајден падна на најниско ниво во речиси две години овој месец, што одговара на најнискиот процент од неговиот мандат, покажа денеска објавената анкета на Ројтерс и Ипсос.
Истражувањето покажа дека само 36 отсто од Американците го одобруваат настапот на Бајден, што е намалување од 38 отсто во април.
Ова е враќање на најниското ниво на поддршка за демократски претседател во јули 2022 година, половина година пред Бајден да се соочи со републиканскиот кандидат Доналд Трамп на изборите на 5 ноември.
Поранешниот претседател Трамп има мала предност пред актуелниот претседател во клучните држави за кои се верува дека ќе го одредат победникот.
Друга анкета на Ројтерс и Ипсос, исто така, покажа дека многу демократи не се согласуваат со одговорот на Бајден на израелската офанзива на Појасот Газа, што дополнително ги загрозува неговите изгледи на ноемвриските избори.
Европа
Илјадници бегаат од руската офанзива во регионот Харков
Во борбите за вториот по големина град во Украина досега се раселени околу 14.000 луѓе, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Би-би-си.
Руските сили неодамна започнаа летна офанзива, заземајќи неколку села на североисточната граница на Украина во близина на градот Харков додека се обидуваат да ја пробијат ослабената линија на фронтот на Украина.
Регионалниот лидер на Харков изјави дека седум лица се повредени во ноќните напади на руски беспилотни летала врз градот. Во меѓувреме, најмалку едно лице загина во напад на украинско беспилотно летало над границата со Белгород, јавуваат руските медиуми.
Говорејќи на брифинг со новинарите, Јарно Хабихт од СЗО рече дека 14.000 луѓе избегале од борбите во областа, но 189.000 луѓе кои останале во близина на границата со Русија се соочиле со „значителни ризици поради борбите“.
Украина сè уште контролира околу 60 отсто од Вовчанск, пограничниот град во центарот на неодамнешните борби, изјави заменик-гувернерот Роман Семенука за националната телевизија во понеделникот.
Друг украински воен функционер изјави за АФП дека борбите во Харков „остануваат тешки и динамично се менуваат“.