Свет
Учесничка на протестите во Капитол претходно се сретнала со Тајната служба
Лидерката на екстремно десничарската група „Чувари на заклетвата“, чии членови учествуваа во насилниот упад во американскиот Конгрес на 6 јануари, рекла дека пред нередите се сретнала со припадници на Тајната служба, задолжени за обезбедувањето на функционерите, пишува „Глас на Америка“.
Џесика Воткинс е една од деветтемина членови обвинети за креирање заговор против владата и спречување на Конгресот да ја потврди победата на Џо Бајден.
Обвинителството тврди дека Воткинс нелегално упаднала во Капитол, додека одбраната порача дека таа не учествувала во насилствата. Воткинс, која учествувала во војната во Авганистан, изјавила дека не е виновна за креирањето заговор.
Во обвинението се тврди дека таа донела комуникациски уреди, кациги, очила за пливање, панцири, и дека заедно со другите членови на групата „Чувари на заклетвата“ насилно влегле во Конгресот.
Нејзината одбрана, сепак, тврди дека таа не учествувала во насилството, но била во Капитол за да „обезбеди говорници на протестот, за безбедно да ги придружува демонстрантите од зградата на Конгресот до автомобилот. Таа имаше ВИП-пропусница за протест и се состана со членови на тајната служба”.
Претставник на тајната служба изјави дека тие соработувале со партнери од владата во однос на прашањето за безбедноста на 6 јануари и дека станува збор за „лажно тврдење дека за тоа ангажирале кој било граѓанин“.
Обвинителството тврди дека членовите на групата „Чувари на заклетвата“ заговарале во ноември 2020 година за да го нападнат Конгресот и дека планирале воен напад.
Повеќе од 200 лица се обвинети за учество во немирите во кои беа убиени пет лица.
Воткинс е во притвор од средината на јануари и бара од судот да се брани од слобода до почетокот на судењето, со образложение дека таа била „лошо третирана како трансродово лице“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
СЗО отпушта една четвртина од персоналот
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека нејзиниот персонал ќе се намали за околу една четвртина, или околу 2.300 работни места, до средината на следната година, објави Ројтерс.
Дупката во буџетот на организацијата за 2026-2027 година е нешто над 1 милијарда долари.
Намалувањата ќе бидат резултат на реформи, како и пензионирања и заминувања на персоналот, кои се наметнати поради повлекувањето на најголемиот донатор на организацијата – САД, кои покриваат околу 18 отсто од финансирањето.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја повлече земјата од СЗО по преземањето на функцијата во јануари, потсетува агенцијата.
Свет
Макрон: Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина
Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина, изјави денес францускиот претседател Емануел Макрон, повикувајќи ја да го развие својот технолошки суверенитет.
„Да бидеме јасни, Европа не сака да биде клиент на големи претприемачи или големи решенија презентирани од САД и Кина. Сакаме да ги развиеме нашите сопствени решенија“, рече Макрон во Берлин, на француско-германскиот самит за технолошкиот суверенитет на Европа.
Европа „едноставно одбива да биде вазал“, нагласи тој, со оглед на тоа што значително заостанува во технолошкиот сектор, особено во трката за развој на вештачката интелигенција.
„На краток рок, постои цена ако не се биде вазал бидејќи треба повторно да се инвестира“, рече тој, оценувајќи дека ова трошење е клучно и дека Европејците мора „да донесат многу смели одлуки“.
Меѓу тие одлуки, „прв приоритет“ е „европската преференција“, особено во областа на јавните набавки, со цел да се овозможи развој на технолошките „шампиони“ во Европа, рече францускиот претседател.
„Кинезите имаат кинеска ексклузивност колку што е можно повеќе, а Американците имаат многу силна американска преференција. Само што ние никогаш немаме европска преференција, згора на тоа, понекогаш дури сме фасцинирани од неевропски решенија“.
Свет
Конгресот гласаше за објавување на досиејата за Епштајн – 427 гласови за, 1 против
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денес речиси едногласно гласаше за закон со кој се наредува Министерството за правда да ги објави сите документи за осудениот сексуален предатор Џефри Епштајн.
Иницијативата почна уште во јули, кога мала двопартиска група пратеници започна петиција за заобиколување на претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, кој контролираше кои закони се ставаат на гласање. На почетокот, нивните шанси изгледаа мали, особено откако претседателот Трамп ја нарече целата работа измама и ги повика своите поддржувачи да ја игнорираат.
Сепак, обидите на Трамп и Џонсон да го спречат гласањето на крајот не успеаја. Соочен со зголемена поддршка за законот, претседателот попушти, па дури и објави дека ќе го потпише доколку помине во Сенатот.
Законот беше усвоен со убедливи 427 гласови „за“ и само еден „против“. Единствениот пратеник кој се спротивстави беше Клеј Хигинс, републиканец од Луизијана и страствен поддржувач на Трамп. Интересно е што Хигинс претседава и со поткомисијата која веќе ги побара досиејата на Епштајн од Министерството за правда.
Гласањето е јасен показател за зголемениот притисок врз политичарите и администрацијата на Трамп конечно да одговорат на долгогодишните јавни барања за транспарентност во случајот Епштајн.
Џефри Епштајн беше моќен финансиер со бројни врски, а си го одзеде животот во 2019 година во затвор на Менхетен, каде што чекаше судење по сериозни обвиненија за сексуална злоупотреба и трговија со малолетници.

