Свет
„Фејсбук“ и „Инстаграм“ дозволиле ширење лажни вести за Ковид-19

Ширење дезинформации за коронавирусот е овозможено на десетици профили на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, кои добиле приближно 370.000 следбеници во текот на изминатата година, покажува новиот извештај на „Њуз гард“ (NewsGuard). Студијата, која следи дезинформации на интернет, наведува 20 профили, страници и групи што продолжуваат да шират теории на заговор и неточни тврдења за Ковид-19, но сè уште се на социјалните мрежи и добија десетици илјади нови следбеници.
Групите објавија дека вакцините против Ковид-19 им штетат на децата и генерално не се безбедни, а многу од тие објави на социјалните мрежи не означуваа предупредувања за корисниците, објави „Њуз гард“. Во извештајот се наведува дека иако некои од овие страници имале ознаки генерирани од „Фејсбу“ и биле пријавени дека содржат објави за Ковид-19, на корисниците не им било кажано дали тие информации се веродостојни.
Групата за мониторинг соопшти дека поднесува извештаи до Светската здравствена организација (СЗО) од септември 2020 година.
Алекс Кадиер, британски извршен директор на „Њуз гард“ (NewsGuard) и автор на извештајот, рече дека нивниот „извештај покажува дека, дури и кога постојано биле предупредувани, ‘Фејсбук’ и ‘Инстаграм’ не ги заштитиле своите корисници од дезинформациите за Ковид-19 и за вакцината“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кремљ: Путин е подготвен да разговара со Зеленски

Претседателот на Русија, Владимир Путин, е отворен за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но само откако на стручна основа ќе се одржат подготовителни разговори, објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.
Песков истакна дека подготовките за таков состанок сè уште не започнале. Додаде дека не е исклучена можноста Путин оваа недела да се сретне со посебниот претставник на претседателот на САД, Стив Виткоф.
„Разговорите продолжуваат, а САД и натаму вложуваат напори како посредник во барањето решение за украинскиот конфликт. Тие напори се важни, особено поради долготрајниот застој во директните преговори меѓу Русија и Украина. Работиме на тоа и остануваме на ставот дека најдобар исход за нас е политичко и дипломатско решение на украинското прашање“, рече Песков.
Путин претходно изјави дека ја поддржува идејата за долготраен мир во Украина, додавајќи дека сите досегашни разочарувања во преговорите се резултат на преголеми очекувања.
Тој ги повтори и своите услови за прекин на војната: неутрален статус на Украина, откажување од членство во НАТО и повлекување на украинските сили од Донецк, Луганск, Херсон и Запорошка област.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена за средба со рускиот врв на највисоко ниво доколку Москва навистина сака да ја заврши војната и да постигне траен мир.
Свет
Украина: Нападнавме аеродром на Крим, штетата се мери во десетици милиони долари

Украинската безбедносна служба (СБУ) соопшти дека извршила напад врз руската воена база Саки на Крим, при што, според нивните тврдења, целосно бил уништен еден борбен авион од типот Су-30М, а биле оштетени уште четири бомбардери од типот Су-24.
Според соопштението на СБУ објавено на Телеграм, погодено било и руско складиште за авионско вооружување. Вкупната проценета штета за руската страна, според нив, изнесува десетици милиони долари.
„Успешната специјална операција на СБУ во Саки е уште еден чекор кон ослабување на способноста на непријателот да води агресивна војна против Украина. Окупаторите мора да знаат дека никогаш нема да се чувствуваат безбедно на нашата земја!“, се вели во соопштението на СБУ.
Аеродромот Саки се наоѓа во западниот дел на Крим, кој е под руска окупација од 2014 година, и често служи како база за воздушни напади врз украинска територија.
Свет
Маж на возраст од околу 40 години загина на концерт на „Оејсис“, полицијата бара сведоци

Маж на возраст од околу 40 години загина откако падна од височина за време на концерт на „Оејсис“ на лондонскиот стадион Вембли, соопшти Метрополитенската полиција, а пренесе Би-Би-Си.
Полицајци и медицински лица на стадионот Вембли реагирале на дојава за повреден маж околу 22:19 часот. Мажот бил „пронајден со повреди кои соодветствуваат на пад“ и бил прогласен за мртов на самото место, соопшти портпаролот на полицијата.
Во изјава од стадионот Вембли се наведува дека на повредениот маж му била укажана помош од страна на медицинските лица, полицијата и лондонската итна помош.
„И покрај нивните напори, посетителот на концертот за жал почина. Сочуствуваме со неговото семејство, кое е информирано и му се дава поддршка од специјално обучени полициски службеници“, се наведува во соопштението.
„Оејсис“ во својата изјава соопшти дека се „шокирани и нажалостени“ од веста за смртта на обожавателот.
Најверојатно, мажот паднал од горниот кат.
Полицијата изјави дека стадионот бил преполн и дека „веруваат оти најверојатно имало повеќе луѓе кои биле сведоци на инцидентот или свесно или несвесно го снимиле со мобилен телефон“.
Метрополитенската полиција ги замоли сите што имаат информации да се јават на бројот 101.
Бендот ја започна својата турнеја по повод повторното обединување. Саботниот концерт беше дел од седум распродадени концерти на стадионот Вембли, кој има капацитет од 90.000 луѓе на три ката.
Следните концерти на бендот ќе се одржат во Единбург на 8., 9. и 12. август, по што следува турнеја низ Ирска, Канада, САД и Мексико, пред повторно да се вратат на Вембли на 27. и 28. септември.